Македонија
МНР формира работна група за извлекување на македонските државјани од Авганистан
Поради сериозното влошување на безбедносната состојба во Авганистан, која се менува од час во час, денеска министерот за надворешни работи, Бујар Османи, свика итен координативен состанок со надлежните раководни органи во рамките на Министерството.
Во МНР формирана е работна група за следење на состојбите, координирање на активностите поврзани со извлекувањето на нашите граѓани од Авганистан, како и континуирано информирање.
„На состанокот беа разгледани последните информации кои пристигнуваат од Авганистан, при што беше констатирано дека сѐ уште има наши граѓани кои се останати и кои се соочуваат со потешкотии да обезбедат место во комерцијалните летови за заминување од Кабул“, се наведува во соопштението од ресорното министерство.
Од таму додаваат дека нашата дипломатска мрежа добила итна инструкција да стапат во контакт со министерствата од други земји, со цел координација при евентуално организирање групни хуманитарни летови за извлекување на нашите граѓаните затекнати во Авганистан.
„Министерството веќе стапи во контакт со неколку компании кои вршат активности на територијата на Авганистан, при што се добиени информации за неколку десетици наши граѓани кои се наоѓаат во Авганистан, како и за плановите на компаниите за евакуација на граѓаните кои се ангажирани преку нив“, информираат од МНР.
Дополнително, воспоставена е комуникација со неколку пријателски земји кои имаат свое логистичко присуство во Кабул, со цел да се подготват и логистички можности за асистенција на нашите граѓани доколку се појави потреба за тоа.
Сите граѓани кои имаат свои роднини или пријатели во Авганистан, МНР ги повикува да се јават на дежурните телефони, со цел да ги пријават сите информации со кои располагаат.
Дежурните телефонски броеви се:
+389 75 273 732
+389 75 446 647
Останува на сила апелот да не се патува во Авганистан, а граѓаните кои се наоѓаат таму да ги искористат можностите за напуштање на земјата кои се сѐ уште активни.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Филипче: ВМРО-ДПМНЕ сака да ја врати Македонија во времето на страв и уцени
ВМРО-ДПМНЕ сака повторно да ја врати Македонија во времето на страв, на уцени и притисоци, но граѓаните нема да потклекнат, рече претседателот на СДСМ, Венко Филипче, на вечерашниот собир во Конче во поддршка на кандидатот за градоначалник од СДСМ, Благој Илиев.
Тој остро ги осуди притисоците врз граѓаните во текот на кампањата, потенцирајќи дека власта на ВМРО-ДПМНЕ се обидува да ги заплаши луѓето преку институциите.
„Со полиција, финансиска полиција, шумска полиција, преку социјалните служби, прават притисок врз граѓаните. Сакаат да потсетат на времето кога сите живеевме во страв и уцени. Но тоа време заврши. Луѓето сакаат нормален живот, без притисоци, без закани, без поткуп,“ рече тој.
Филипче повика на масовна излезност во недела и поддршка за кандидатот на СДСМ, Благој Илиев.
„Да излеземе во огромен број во недела и да го заокружиме бројот 5 за Благој Илиев, човекот кој работи за вас, не за себе. За Конче да продолжи да се развива“, рече Филипче.
Тој кажа дека градоначалниците од СДСМ реализирале 90 до 100 проценти од ветеното.
„Нема општина во која СДСМ има градоначалник, а да ветената програма не е завршена 90 или 100 проценти“, рече Филипче.
Тој истакна дека граѓаните најдобро ја чувствуваат разликата кога општините ги водат луѓе кои работат чесно и посветено во интерес на сите.
„Многу добро знаете како Благојче работеше во минатиот мандат, како се однесуваше додека беше градоначалник, дека вратата му беше секогаш отворена и дека работеше за доброто на општината и на вас, граѓаните“, порача Филипче.
Претседателот на СДСМ во своето обраќање нагласи дека токму оваа разлика меѓу одговорно и неодговорно владеење се гледа насекаде низ државата.
„Нема општина во држава во која што има градоначалник од ВМРО-ДПМНЕ, а да програмата е завршена повеќе од 20 проценти. Како да се натпреваруваат кој помалку ќе работи за граѓаните“, рече Филипче.
Македонија
Претседателката на ЛДП, Моника Зајкова, со поддршка на Горан Герасимовски за втор градоначалнички мандат
Претседателката на ЛДП Моника Зајкова, денеска даде поддршка за втор градоначалнички мандат на Горан Герасимовски, којшто воедно е и актуелен градоначалник на Општина Центар.
Таа, потенцира дека сега е моментот да се изберат резултати, одговорност и отчетност, а не празни ветувања, токму затоа ја дава поддршката на Горан Герасимовски, кој, според Зајкова, ја препознава граѓанската визија, има искуство и е подготвен да работи посветено за доброто на заедницата.
„Одејќи накај Собрание (бидејќи работиме на новиот Предлог- закон за комунална полиција), наидов на предизборните активности на кандидатот за градоначалник на општината во која живеам. Водејќи се од визијата дека на граѓаните им се потребни искусни луѓе кои испорачуваат резултати, а не изговори, упатувам особен повик до сите граѓани кои во првиот круг гласаа за кандидати кои не влегоа во вториот круг: Поддржете кандидат кој ги разбира вашите потреби, кој со своето искуство и посветеност ќе испорача повеќе резултати и веднаш ќе започне со работа – со завршување на започнатите проекти и реализација на нови решенија во интерес на сите нас. Затоа давам поддршка за луѓе како Горан – кои ја препознаваат граѓанската визија, имаат искуство и се подготвени да работат посветено за доброто на заедницата. Сега е моментот да избереме резултати, одговорност и отчетност, а не празни ветувања“, напиша Зајкова, на својата објава на Фејсбук.
Македонија
Утре сончево време со температура до 21 степен
Времето утре наутро ќе биде постудено со услови за појава на магла по одделни котлини и речни долини. Преку денот времето ќе биде сончево со мала до умерена локална облачност. Ќе дува слаб ветер од јужен правец, информира УХМР.
Минималната температура ќе биде во интервал од -3 до 4, а максималната ќе достигне од 16 до 21 степен.
Во Скопје, утрото постудено, во делови од котлината магливо. Преку денот времето ќе биде сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб југоисточен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 2, а максималната ќе достигне до 18 степени.
Под влијание на висок воздушен притисок следува период на стабилно и суво време со постудени утра, а дневната температура ќе биде во пораст, особено во деновите од викендот. Претпладне по одделни котлини и речни долини ќе има услови за појава на магла

