Свет
САД нема да задржат војници во Авганистан по 31 август
Од Самитот на западните земји од Г7 беа упатени апели до талибанците. Соединетите Држави дефинитивно го напуштаат Кабул во вторник, по истекувањето на рокот за евакуација, и покрај апелите од Европа да го задржат воздушниот мост отворен онолку колку што е потребно.
Г7 (Канада, Соединетите Држави, Франција, Велика Британија, Италија, Јапонија и Германија) и Европската Унија ветија, по виртуелниот самит, дека ќе продолжат да евакуираат што е можно повеќе луѓе од Авганистан до следниот вторник, бидејќи САД не сакаат да ја продолжат евакуацијата по 31 август.
„Што побрзо завршиме, толку подобро. Секојдневната операција е сè поголем ризик за нашите трупи“, рече американскиот претседател, Џо Бајден.
Сепак, претседателот Бајден минатата недела посочи дека американските војници треба да останат во Авганистан додека не се повлечат сите американски државјани од таа земја. Портпаролот на Пентагон не може да каже колку американски државјани сè уште се наоѓаат Авганистан. САД, Велика Британија, Франција, Германија и многу други земји досега извлекоа околу 60.000 луѓе од Кабул.
Претставниците на Европската Унија, претседателот на Советот на ЕУ, Шарл Мишел, и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, уште еднаш апелираа до Соединетите Држави да го остават воздушниот мост отворен онолку колку што е потребно. Тие рекоа дека е „морална обврска“ да ги извлечат сопствените граѓани од земјата сега управувана од талибанците, но и Авганистанци кои работеа за Западот, жени, активисти и соработници на хуманитарни организации.
„Оние на кои им е потребна нашата помош во регионот се жени и деца. Знаеме кои се овие жени, каде се и на каква опасност се изложени“, експлицитно нагласи Урсула фон дер Лајен. Додаде дека тие не смеат да паднат во рацете на криумчари на луѓе и криминални банди.
Групата од седум земји, исто така, се обврза дека ќе им помогне на соседните земји – Иран и Пакистан, во грижата за бегалците.
Засега, Канада, САД и Велика Британија им ветија на Обединетите нации дека секој од нив ќе прими 20.000 бегалци како дел од програмата за преселување. Претседателот на Европската комисија рече дека недостасуваат слични ветувања на ЕУ. Земјите членки се во процес на консолидација.
Австрија веќе објави дека во секој случај не сака да прифати ниту еден бегалец од Авганистан. Урсула фон дер Лајен предупреди дека кризата во Авганистан уште еднаш покажува дека ЕУ треба да усвои заеднички договор за миграција. Од 2015 година, ЕУ не успеа да се договори за унифицирана политика за азил, ниту за клучот за распределба на бегалците меѓу земјите членки.
Членовите на Г7 ги повикаа талибанците да им дозволат на сите странци и Авганистанци да ја напуштат земјата ако сакаат, дури и откако воздухопловниот мост во Кабул ќе биде затворен.
Европската Унија најави дека ќе продолжи со испорака на хуманитарна помош, која треба директно да стигне до луѓето што имаат потреба. Помошта за храна треба да се зголеми од 50 милиони на 200 милиони евра оваа година, најави претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен. Претходно, шефот на Светската програма за храна на Обединетите нации, Дејвид Бесли, итно апелираше за зголемување на неговиот буџет со цел да се избегне глад во Авганистан.
Досега, околу 40 проценти од населението доби храна од хуманитарни организации. „Се разбира, сега ќе биде потешко да се продолжи со испорака на помош, со оглед на тоа што останаа многу малку луѓе на терен“, предупреди претставник на ЕУ во доверливото интервју за ДВ во Брисел. „Веќе нема да можеме да стигнеме до секого“, рече тој.
Државите од Г7 се согласија за едно: да ја признаат можната влада на исламистичките талибанци само доколку ги почитуваат човековите права и не ги ограничуваат правата на жените. Во спротивно, ќе им биде одбиена каква било финансиска помош.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Зеленски: Рускиот удар беше насочен кон енергетскиот сектор на Украина
Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, објави дека во текот на ноќта Русија извршила масовен комбиниран напад дизајниран да предизвика максимална штета на украинскиот енергетски сектор.
„Тоа беше комбиниран напад, специјално дизајниран да го оштети нашиот енергетски сектор што е можно повеќе. Користени се речиси 400 дронови и 29 ракети од различни видови, вклучувајќи и балистички. Значителен број беа соборени, но, за жал, имаше и удари“, нагласи Зеленски, објави Укринформ.
Противвоздушната одбрана неутрализираше 25 ракети и 367 дронови, но некои напади ги погодија целите.
Десетици илјади луѓе во Одеса останаа без греење и вода, а вкупно 12 региони беа погодени.
Девет лица беа повредени, вклучувајќи деца, додека повеќе од десет станбени згради и железничка инфраструктура беа оштетени.
Зеленски ги повика меѓународните партнери на посилен одговор на руските напади, вклучително и континуирана поддршка за украинската војска и санкции против Русија.
Свет
(Видео) „Заштедете вода“: силна бура создаде хаос на Нов Зеланд, прогласена вонредна состојба
Јужниот остров на Нов Зеланд е погоден од обилни дождови, што доведе до поплави, затворање на патишта и мостови, додека силната бура што претходно предизвика уништување во Велингтон се движеше кон југ, соопшти Метеоролошката служба.
Како што е наведено, институтот предупреди дека системот со низок притисок во близина на источниот брег може да донесе понатамошни обилни дождови, брзо зголемување на реките и потоците, лизгање на земјиштето, како и големи бранови и опасни услови на море, објави Ројтерс.
#WATCH | Heavy rain lashes #NewZealand’s South Island after a powerful storm that earlier caused destruction in Wellington moves south. Authorities declare a local state of emergency in Banks Peninsula near Christchurch following flooding, landslides, and power disruptions. pic.twitter.com/zFkLSnpY0x
— The Federal (@TheFederal_News) February 17, 2026
Локална вонредна состојба е прогласена на полуостровот Бенкс во близина на Крајстчерч, вториот по големина град на Јужниот Остров, поради поплави, паднати дрвја и лизгање на земјиштето што ги прекинаа комуникациите и снабдувањето со електрична енергија.
Градоначалникот на Крајстчерч, Фил Могер, апелираше до жителите да штедат вода и да ја варат онаа што е достапна за пиење, бидејќи поплавите ја оштетија постројката за пречистување на вода.
Туристичкиот град Акароа, околу 90 километри северозападно од Крајстчерч, остана без електрична енергија, додека локалните сопственици на кафулиња пријавија дека водата стигнала до ѕидовите на нивните згради.
Претходно, бурата предизвика прекини на Северниот Остров, каде што беа откажани летови, главните автопати беа затворени, а десетици илјади луѓе останаа без електрична енергија.
Метеоролозите предупредуваат дека бурата нема да стивне до вечерва и дека жителите треба да бидат внимателни поради ризикот од понатамошни поплави и лизгање на земјиштето.
Свет
Европа предупредена да се подготви за глобалното затоплување
Европскиот советодавен комитет за климатски промени (ESABCC) предупреди дека Европа мора да се подготви за глобално затоплување од 2,8 до 3,3 степени Целзиусови до крајот на векот, посочувајќи дека континентот веќе ја плаќа цената на „недоволната подготовка“.
Членот на одборот и генерален директор на Кралскиот холандски метеоролошки институт (KNMI), Мартен ван Алст, оцени дека прилагодувањето кон поекстремни температури не е „ракетна наука“ и дека може да се постигне преку разбирање на ризиците и подобрување на системот за рано предупредување, објави Гардијан.
Во извештајот на комитетот се наведува дека сегашните напори за прилагодување кон климатските промени доаѓаат предоцна и се во голема мера постепени.
Зголемувањето на температурата од околу три степени би било двојно повеќе од целта постигната со Парискиот договор од 2015 година, објавува Танјуг.
Комитетот препорачува спроведување стрес-тестови за уште потопли сценарија и интегрирање на отпорноста кон климатските промени во сите политики на ЕУ, со дополнителни инвестиции, вклучително и приватни средства.
Ван Алст рече дека Европа сè повеќе ги трпи последиците од екстремните временски настани, вклучувајќи ги смртоносните поплави во долината Ар во Германија во 2021 година и во шпанската Валенсија во 2024 година, летните топлотни бранови и шумските пожари од минатата година, и предупреди дека многу ризици се приближуваат до границите на адаптацијата.
Комитетот вели дека е клучно да се спречи свет со толку високо глобално затоплување, бидејќи последиците за јавното здравје, инфраструктурата и економијата на Европа би биле сериозни.

