Македонија
Османи ги испрати новоизбраните „дипломати за дијаспората“ во Њујорк и Осло
Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, се сретна со двајцата новоизбрани „Дипломати за дијаспора“, Никола Ѓорчев и Семра Рамадани, пред нивното упатување во Њујорк и Осло, како ДКП-а во кои ќе ги извршуваат своите новододелени задачи и обврски поврзани со грижа за дијаспората.
Османи ваквата одлука, за назначување и испраќање на посебни дипломати што ќе се грижат за дијаспората, ја донел врз основа на добиените сигнали од страна на македонски граѓани да се засилат капацитетите по Амбасадите, кои својот фокус ќе го имаат кон засилената грижа кон дијаспората.
„Пред вас имате посебна задача, но и голема шанса, која треба да се искористи за успешни проекти. Очекувам посветено извршување на дипломатските ангажмани што ги добивте, а се во насока на помагање, грижа и унапредување на врските на државата со дијаспората. Оваа соработка е потреба, но и наша обврска за оваа категорија на наши граѓани“, истакна Османи.
Дипломатите за грижа за дијаспората ќе работат во насока на мапирање на демографската структура и просторната дистрибуција на дијаспората, во насока на креирање на датабаза на податоци во која точно ќе се евидентираат овие луѓе, вклучително и нивните занимања и образование, воспоставување на формална, организирана, координирана и активна комуникација помеѓу дијаспората и матичната земја. Овие дипломати ќе се ангажираат за: поголема политичка вклученост и остварување на граѓанските и социјалните права на дијаспората; во функција на градење на довербата и воспоставување на нејзина ефективна соработка со државата, воспоставување на економска соработка на државата и дијаспората во различни области, базирана на партнерство, еднакви можности и заемна корист; проширување на соработката со дијаспората во областа на образованието, науката и младите и воспоставување и проширување на културните врски со дијаспората во различни области за зачувување на културниот идентитет и културното наследство.
Целта на овој проект, е овие дипломати да придонесат за засилување на врските меѓу дијаспората и татковината и да развиваат мрежи кои ќе овозможат подобар увид во потребите на дијаспората, како и ќе ги охрабрува претставниците на дијаспора за директните инвестиции во земјата и зголемена економска соработка.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Студено утро со измерени -5 степени во Берово
Најстудено изутринава е во Берово, каде се измерени – 5 степени, по што следуваат Битола и Струмица, -4, Скопје-Петровец и Штип, – 3, Демир Капија, Велес и Куманово, – 2. Во Тетово, Скопје-Зајчев Рид, Кавадарци, Гевгелија, Прилеп, Mаврови Анови и Претор температура од – 1, Крива Паланка, Попова Шапка, 0, Охрид, 1, Виница и Kрушево 2, информира Управата за хидрометоролошки работи (УХМР).
Времето денеска ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Претпладне по одделни котлини ќе има појава на магла. Ќе дува слаб ветер од југоисточен правец. Максималната температура ќе биде во интервал од 6 до 13 степени.
Во Скопје, променливо облачно и тивко со појава на магла. Максималната температура ќе достигне до 7 степени.
УХМР најави дека до вторник ќе се задржи стабилно и претежно тивко време. По одделни котлини ќе има појава на магла и зголемена облачност. Од вторник кон крајот на денот и во следните денови ќе има повремени локални врнежи од дожд. На планините и на повисоките места врнежите ќе бидат од снег.
Македонија
Ќе се менува проводник на далновод во Прилеп, градот неколку часа ќе биде без струја
Прилеп и приградските населби утре претпладне, од 6:30 до 11 часот, ќе останат без напојување со електрична енергија.
Како што информираат од АД МЕПСО, исклучувањето се врши поради планирани активности на електропреносната мрежа, кои опфаќаат демонтажа на старо проводно јаже од 110 киловлти за далноводот ТС Битола 1- ТС Прилеп 1 и монтажа на нов проводник. На замената ќе работат стручните екипи на АД МЕПСО.
Согласно со планираната динамика, работите ќе траат најмногу четири и пол часа, по што напојувањето со електрична енергија во Прилеп ќе биде повторно воспоставено.
Од АД „МЕПСО“ до корисниците апелираат за разбирање, имајќи предвид дека станува збор за планирани зафати од значење за сигурно и стабилно функционирање на електропреносниот систем.
Македонија
Дедо Мраз од Лапонија ќе дојде со волшебен воз на Железничка во Скопје
Специјална новогодишна театарска претстава за деца „Дедо Мраз дојде со воз“ ќе се одржува од денеска 30 декември на Железничката станица во Скопје, со почеток од 19 часот. Претставата ја организираат Училиштето за театар „Од игра до претстава“, Македонски железници Инфраструктура и Македонски железници АД Транспорт.
Публиката ќе може да го следи големото доаѓање на Дедо Мраз од Лапонија, со неговиот волшебен воз во центарот на Скопје, преку приказна која се раскажува на различни локации: музејската постановка на Македонски железници, театарска претстава во салон и посета не волшебниот воз и подарок од Дедо Мраз за секој посетител во вагонот.
– Како куриозитет годинава во соработка со МЖ Транспорт, го имаме и легендарниот воз „Шпанец“, неодамна реставриран, во кој се пренесува новогодишната волшебна магија и со која посетителите ќе може да патуваат низ Скопје и да другаруваат со ликови од претставата. Претставата ги следи патешествијата со кои се соочува Дедо Мраз пред да стигне на Железничката станица во Скопје и неговото доаѓање е неизвесно, па му треба помош од неговите Елени, Џуџиња, Снешко, но најмногу од неговите обожаватели, децата, се вели во соопштението од „Од игра до претстава“, ЈП Македонски Железници – Инфраструктура Македонски Железници АД Транспорт.
Автор и продуцент на проектот е Миодраг Костиќ, а текстот и режијата на Игор Ивковиќ. Реставратор и автор на музејската изложба користена во проектот е дело на авторот Ванчо Милошевски.
Во претставата играат актерите: Дарко Вељиќ, Андреј Серафимовски, Тодор Стојковски, Симона Петрушева, Ведра Димова, Александар Спироски. Вклучени се и 40-тина учениците од училиштето за театар „Од игра до претстава“.
Визуелното обликување на проектот е доверено на Бранкица Јордановска, во соработка со Горан Сачкарски. Музиката е авторско дело на Драган Илиевски, а монтажата е на Андреј Златаноски.
За потребите на претставата, ќе бидат користени: локомотива создадена во 1942 година, серија 33 и вагон што е изработен во 50-те години на 20 век и бил во употреба до крајот на 70-те години, а сега реставриран по урнекот на „ОРИЕНТ ЕКСПРЕС“, како и од неодамна реставрираниот воз „шпанец“ серија 712/714.

Билети може да се купат на билетарницата на Железничка станица – Скопје, секој работен ден од 12 до 19 часот. Резервација на [email protected] и на телефонскиот број 075 295 905.

