Македонија
Министерството за здравство: Родителите на учениците да се вакцинираат за да има поголема заштита
Пред почетокот на новата учебна година земјите во регионот ги соопштија одлуките наставата за учениците да се одвива со физичко присуство под јасно утврдени здравствени протоколи за разлика од минатата година кога во повеќето држави имаше целосно затворање на училиштата, се вели во соопштение на Mинистерството за здравство (МЗ), од каде што наведуваат примери од соседството со цел да ја покажат оправданоста на одлуката за враќање на учениците во училишните клупи.
„Надлежните се согласни дека здравјето на учениците е приоритет, но за епидемиолошката состојба да биде стабилна и наставата да се одржува непречено до крајот на учебната година, неопходно е што поголем дел од населението да се вакцинира, пред сè, родителите и просветните работници“, порачуваат од МЗ.
Од таму нагласуваат дека според одлуката на Кризниот штаб за борба против коронавирусот во Србија, наставниот процес во земјата ќе почне редовно, на 1 септември, часовите ќе траат по 45 минути, со полн капацитет на училниците.
Во Србија, посочуваат од нашето Министерство, наставата ќе се одвива по т.н. модел на безбедна средина, кој предвидува учениците да носат маски само додека одговараат, а вакцинираните наставници нема да бидат обврзани да носат заштитна маска сè додека одржуваат соодветно растојание од учениците.
„Во зависност од епидемиолошката состојба, предвиден е систем за спроведување на наставата и преку два други модела, со кои физичката настава ќе се комбинира со настава на далечина или целосно ќе се одвива онлајн при висок степен на ризик. Флексибилен протокол, кој овозможува секое училиште да го регулира начинот на реализирање на наставата според локалната епидемиолошка слика и заболеноста во регионот во кој се наоѓа, е донесен и во Бугарија“, појаснуваат од МЗ.
Тие посочуваат дека протоколот подготвен од бугарското Министерството за образование предвидува маските во училниците да бидат задолжителни за сите ученици во основното образование доколку се наоѓаат во епидемиолошки ризична средина, односно област во жолта, црвена или темноцрвена зона.
Границата за преминување на онлајн-настава ќе биде доколку 10 отсто од учениците се заразени. Бидејќи во моментот речиси сите области во Бугарија се во жолта или црвена зона, учениците ќе ја почнат школската година со задолжително носење маска за време на часовите.
Исто така, во соопштението се вели дека во Хрватска планот за одржување на наставата ќе се настојува да се одвива целосно во училниците. Во споредба со претходната, оваа училишна година надлежните најавуваат и порелаксирани мерки.
Хрватскиот завод за јавно здравство препорача вакцинација на деца постари од 12 години со хронични болести, за оние што во семејството имаат таков член, за постарите средношколци и оние што учат во здравствена, угостителска, туристичка насока и услужни дејности бидејќи токму тие во текот на практичната настава доаѓаат во контакт со повеќе луѓе.
„И во нашата земја оваа учебна година почнува редовно, со физичко присуство во основните и средните училишта, а ќе се одвива под јасно утврдени здравствени протоколи. Ваквата стратегија се покажа како добра минатата учебна година кога 40 отсто од учениците следеа физичка настава. Исклучок од оваа одлука ќе бидат децата со ретки болести или попречености, деца што доаѓаат од семејства со хронично болни членови на семејството, по барање на родителите, или други немедицински причини, со дозвола на училиштето. MЗ апелира за масовна вакцинација, особено на родителите чии деца ќе тргнат на училиште и во градинка како би се заштитиле семејствата“, потенцираат од МЗ.
Во случај на влошување на епидемиолошката состојба, МОН, по процена на Комисијата за заразни болести, за реализација на наставата има две резервни сценарија со кои ќе се заштити и зачува здравјето на учениците и наставниот кадар како приоритет притоа одржувајќи го континуитетот на образованиот процес.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Променливо облачно со повремен слаб дожд и ветер
Времето денеска ќе биде облачно со слаб ветер од променлив правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -4 до 2, а максималната ќе достигне од 2 до 9 степени.
Во Скопје, променливо облачно со повремен слаб дожд. Минималната температура ќе се спушти до 2, а максималната ќе достигне до 7 степени.
Времето во наредните денови
Денеска наместа ќе има услови за слаби врнежи од дожд и снег. Потоа во следните два дена времето ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Нови врнежи од дожд, а на планините снег се очекуваат од четврток.
Македонија
(Видео) Безбеден град денес регистрираше 500 казни
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски вечерва преку објава на социјалната мрежа Фејсбук им порача на граѓаните дека треба да бидат горди на себе.
-Први февруари 2026 година, околу 20 часот. Има драстично намалување на бројката на сообраќајни прекршоци споредено со пред 2 месеци кога почнавме со тест периодот. Имаме околу 500 сообраќајни прекршоци констатирани од страна на паметните камери и сакам да укажам огромна благодарност до македонските граѓани и совесните учесници во рамки на сообраќајот зашто вие сте тие кои овозможивте драстично да се намали бројката за период од околу 2 месеци од 120 илјади прекршоци на 500, порача министерот.
Македонија
Сообраќајниот хаос во центарот ќе се намали за најмалку 30 отсто
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, денеска официјално го означи почетокот на градежните активности на булеварот Македонија, проект за кој, како што рече, со години се зборувало, но без конкретна реализација.
Ѓорѓиевски истакна дека стартува првата фаза, која треба значително да придонесе за растоварување на сообраќајот во централното градско подрачје, со проекција за намалување на сообраќајниот метеж за најмалку 30 проценти. Првата фаза, според најавите, ќе се реализира во рок од 90 дена.
Тој најави дека веќе наредната недела ќе започне тендерската постапка за втората фаза, која ќе опфати изградба на два нови кружни текови и влез во подземна сообраќајница. Целта, како што рече, е да не се губи време и втората фаза да започне веднаш по завршувањето на првата.
Во рамки на првата фаза се предвидува проширување на дел од постојните сообраќајници, уредување на просторот, изградба на нова атмосферска канализација и поставување на 60 нови шахти, со што ќе се решава и проблемот со атмосферските води во овој дел од градот. Проектот вклучува и проширување на улицата „Пролет“, нов приклучок и крак кон булеварот „Борис Трајковски“, како и проширување и нов крак кон улицата „11 Октомври“.
Ѓорѓиевски изрази уверување дека по истекот на 90 дена ќе биде пресечена лентата за завршување на првата фаза и нагласи дека до крајот на неговиот мандат ќе вложи максимални напори, заедно со својот тим, целата сообраќајница со должина од околу два километри целосно да биде завршена. Проектот, според него, претставува еден од најзначајните за главниот град и дел од ветувањата дадени пред граѓаните.
На крајот, градоначалникот со симболична забелешка посочи дека речиси секој значаен проект што го започнуваат заедно со претседателот на Владата е проследен со дожд, што, како што рече, го доживува како добар знак и бериќет за брза и успешна реализација на градежните активности.

