Македонија
Царовска: Имаме нова концепција за основно образование, нови програми и современи материјали за учење
Големо е задоволството што по една и пол година, денес повторно гледаме полни училишта и училници со ученици и наставници, ја гледаме вообичаената слика на која бевме навикнати пред појавата на пандемијата. Ја почнуваме новата учебна 2021-2022 година со физичко присуство и на самиот почеток на сите ученици им посакувам многу здравје, многу нови знаења, достигнувања и успешно заокружување на уште една етапа од животниот пат. Важна е вербата во себе, а поддршката од семејствата и секако од наставниците е неизбежна, така што се надевам дека секој ученик ќе си ги оствари очекувањата, поставените цели и резултатите од учењето. Ова го изјави министерката за образование и наука, Мила Царовска, која денеска заедно со градоначалникот на Велес, Аце Коцевски, и претставничката на УНИЦЕФ, Патриција ди Џовани, по повод почнувањето на учебната година го посети основното училиште „Панко Брашнарав“.
„Имаме нова концепција за основно образование, нови наставни програми и современи материјали за учење, печатени за прво и дигитални за четврто одделение, како и изработени на Брајово писмо и во аудиоформат за ученици со проблеми со видот и сите тие учебници првпат се доставени навремено во училиштата, пред 1 септември“, рече Царовска.
Министерката посочи дека со воведувањето на промените во начинот на реализирање на часовите и наставата имаме и добро опремени училишта со нагледни средства, со интерактивни табли, таблети за учениците од социјално ранливите семејства.
„Сѐ што воведуваме како новина ќе овозможи училиштата постепено да станат поинтересни места за учениците, каде што тие ќе сакаат да престојуваат и каде што на еден многу полесен начин ќе ги совладуваат знаењата соодветни на нивната возраст развивајќи се во личности што ќе бидат подобро подготвени од генерациите пред нив, што впрочем е и цел на реформите, каде што клучна алка, всушност, ќе бидат наставниците“, рече Царовска.
Претставничката на УНИЦЕФ, Ди Џовани, ја поздрави владината одлука наставата да почне со физичко присуство и посочи дека училиштата се тие што први треба да се отворат и последни да се затворат бидејќи само учењето во училница ги дава најдобрите резултати.
„Првиот училиштен ден е возбудлив за учениците. Возбудата се должи на почнувањето нова фаза во нивните животи, фаза во која откриваат нови знаења и вештини, но и сопствените бескрајни можности. Оваа година првиот училиштен ден за децата и младите во Северна Македонија е веројатно најважен бидејќи за повеќето од нив тоа ќе биде можност првпат да седнат во школските клупи со своите врсници и лице в лице со наставниците по 54 седмици поминати учејќи пред дигиталните екрани. Тоа е многу подолг период од просекот на другите земји во Европа и Централна Азија, кој изнесува 25 седмици“, рече Ди Џовани и додаде дека училиштето не е само зграда, туку тоа е место за учење, место во кое децата стекнуваат независност, се приспособуваат на нова рутина и развиваат значајни релации со наставниците и учениците.
Градоначалникот на Велес истакна дека основните и средните училишта во Велес успешно ја почнаа наставата со физичко присуство и се подготвени за сите модели на настава и имплементација на реформските процеси.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Филипче слепо ја следи агендата на Заев и ја игнорира потребата од реформи во партијата, смета ВМРО-ДПМНЕ
Венко Филипче безрезервно ја следи политичката стратегија на Заев штитејќи ги бизнис интересите на кланот Заеви, а притоа целосно ги игнорира барањата на базата во партијата и ја занемарува потребата од реформи, сметаат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Филипче доживеа дебакл на изборите со само 120 илјади гласа и 6 општини ја уништи довербата кај граѓаните и членството на партијата. Единствен приоритет на Филипче е исполнување и реализација на барањата и планот на Заев. Реформите и напредокот на СДС се во втор план на Филипче, а фокус му се желбите и заштитата на Заев. Филипче делува по насока на Заев, потврда за тоа е изборот на лојални кадри блиски до Заев и поставувањето на Александар Трајановски за потпретседател на партијата“. велат од партијата.
И додека Филипче ја турка СДС во лидерска криза, додаваат од ВМРО-ДПМНЕ, актуелни и поранешни функционери се дистанцираат од него и не сакаат да бидат дел од раководството на СДС токму поради недовербата во неговото лидерство.
„Филипче со своето делување ги блокира реформите во партијата. Единствен чекор со кој може да ја спаси партијата од дополнително раслојување е оставка и целосна внатрешна реформа низ транспарентен и демократски процес. На Македонија и е неопходна силна и конструктивна опозиција“, смета ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
Започна аплицирањето за набавка на електронски уреди, 55.000 студенти добиваат по 15.300 денари, информира Владата
„Ветеното, го реализиравме. Од вчера официјално започна аплицирањето за набавка на електронски уреди. Студентите ги добиваат ветените 250 евра или 15.300 денари за набавка на електронски уреди, лаптоп, таблет или персонален компјутер“, велат од Владата.
„Оваа мерка на Владата подразбира дека сите студенти до 29 години кои имаат запишано семестар во учебната 2025/2026 на додипломски студии на државните или приватните факултети ќе добијат по 15.300 за набавка на електронски помага, во зависност од тоа што им е потребно.
850 милиони денари од буџетот се издвојуваат за студентите.
Со оваа мерка директно помагаме на сите семејства и ги олеснуваме трошоците за студирање.
Студентите ќе можат да аплицираат до 20 декември, додека пак подигањето на ваучерите ќе можат да го реализираат до 31 декември 2025 година. Условите за аплицирањето се објавени на веб сајтот на Влада.
Линкот е јавно достапен и можат да аплицираат сите студенти: https://vlada.mk/mk-MK/odnosi-so-javnost/soopstenija/vlada-zapocna-apliciranjeto-za-elektronski-vauceri-za-studenti-preku-nacionalniot-portal-za-e-uslugi
Ги повикуваме студентите да ја искористат оваа мерка и да аплицираат навремено.
Владата продолжува посветено да реализира мерки за студентите.
Студентите се иднината на Македонија и наша обврска како Влада е да им обезбедиме пристојни услови за студирање преку низа на мерки кои значат квалитетно образование“, се наведува во соопштението на Владата.
Македонија
Бесплатно тестирање за ХИВ и сексуално преносливи болести: „Тестни се! Прегледај се бесплатно, доверливо и безбедно“
Европска недела на ХИВ и СПИ тестирање: „Тестни се! Прегледај се бесплатно, доверливо и безбедно“ ХИВ не избира – но секој може да избере да се тестира.
Во време кога терапијата за ХИВ е достапна и ефективна, најголемиот ризик е да не го знаеш својот ХИВ статус. Навременото тестирање значи здравје, контрола и мир.
Во рамки на Европската есенска недела на ХИВ и СПИ тестирање, ХЕРА – Асоцијација за здравствена едукација и истражување ги повикува сите граѓани на бесплатно и доверливо тестирање за ХИВ и сексуално преносливи инфекции (СПИ), кое се спроведува во Младинскиот центар „Сакам да знам“ на Водно, од 17 до 21 ноември, секој ден од 15.00 до 18.00 часот.
ХИВ денес е контролирана здравствена состојба, кога е откриена навреме. Луѓето кои редовно се тестираат и се на терапија имаат недетектибилен вирус, што значи дека не можат да го пренесат ХИВ преку сексуален пат.
Освен за ХИВ, во текот на неделата граѓаните можат да се тестираат и за сифилис, гонореја, кламидија, хепатит Б и хепатит Ц, со резултати готови за најмногу 30 минути.
Тестирањето е анонимно, бесплатно и доверливо, а го спроведуваат обучени здравствени работници и советувачи во пријателска и безбедна средина.
Редовното тестирање е чин на свесност и одговорност, затоа што здравјето на заедницата почнува од секој поединец.
Како да закажете тестирање: Со јавување во Младинскиот центар „Сакам да знам“ на Водно на телефонскиот број 070 227 386 или 02/3176 – 950; Преку оналјн закажување на преглед на следниов линк; или со посета на Младински центар „Сакам да знам“ на Водно на ул. Елисие Поповски Марко бр.2
„Грижата за здравјето започнува со еден едноставен чекор. Тестни се! Твое право е да се чувствуваш здраво! Услугите се реализираат преку Програмата за заштита на населението од ХИВ инфекцијата, поддржана од Министерството за здравство. Европската недела на ХИВ тестирање е Европска иницијатива со цел зголемување на пристапот до тестирање за ХИВ и СПИ и подигнување на свеста за важноста на раната дијагноза, особено кај лицата кои се изложени на зголемен ризик“, велат оа ХЕРА.

