Македонија
Локалитетот Стамер во Делчево прогласен за природна реткост

Со денешната промоција и презентација на природните вредности на уредениот палеонтолошки локалитет Стамер во Делчево, каде што се пронајдени фосилни остатоци стари милиони години, беше обележано неговото прогласување за природна реткост и стекна статус на природно наследство.
Државниот секретар во Министерство за животна средина и просторно планирање, Каја Шукова, во своето обраќање се осврна на трите локалитети во Делчевскиот Регион за кои МЖСПП, во согласност со Законот за заштита на природата, донесе решенија за прогласување природни реткости во 2019 година.
„Со прогласување на палеонтолошкиот локалитет Стамер, карактеристичниот геолошки профил Звегор и Киселичка Пештера за природни реткости и нивно соодветно управување и уредување, ќе се овозможи заштита и зачувување на исклучително вредните палеонтолошки наоди на пикермиска фауна, геоморфолошки форми, но и заштита и зачувување на живеалиштата и видовите од национално и европско значење“, изјави Шукова.
Советникот на општина Делчево, Ванчо Новоселски, говореше за почетоците на Стамер како едно од поголемите палеонтолошки наоѓалишта во Европа кога пред 14 години е откриена масовната гробница на пикермиска фауна, како и за целокупниот локалитет што го промовира палеонтолошкото богатство од Делчевско.
Според Васил Анастасовски, реализатор на проектот, локалитетот Стамер кај Делчево е последен меѓу 16-те досега евидентирани палеонтолошки локалитети во Македонија, но очигледно со многу вредни наоди.
Задржувајќи се, пред сѐ, на стручниот дел поврзан со палеонтологијата, претставничката на Природонаучниот музеј на Северна Македонија, Билјана Гаревска, истакна дека на овој локалитет пронајден е уникатен фосилен материјал каде што неогените седименти вклучуваат разновидни фосилоносни слоеви.
На локалитетот се поставени информативни и едукативни табли, дрвени патокази, видиковец и витрина со скулптури од дел од пронајдените фосили во природна големина, што го прави особено интересен за посетителите.
Реализацијата на овој проект е поддржана од Програмата за зачувување на природата во Република Северна Македонија (ПЗП), проект на Швајцарската агенција за развој и соработка (SDC), а координиран од „Фармахем“ од Скопје.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Метеж на границите: на Табановце и Богородица се чека по 45 и 30 минути

Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е зголемен, информира АМСМ.
Поради летните одмори се бележи зголемена фреквенција на возила, на ГП Табановце времето на чекање за влез е околу 45 минути додека на ГП Богородица времето на чекање за влез и излез од државата е околу 30 минути.
На останатите гранични премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
ВНИМАТЕЛНО: АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Делегации на ВМРО-ДПМНЕ во Скопје, Пелинце, Крушево и Ташмаруништа по повод 2 Август, Денот на Републиката

Делегации на ВМРО-ДПМНЕ по повод Денот на Републиката, 2 Август, ќе положат свежо цвеќе на неколку локации низ Македонија, во Скопје, Пелинце, Крушево и Ташмаруништа.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, ќе ја предводи партиската делегација во Ташмаруништа, каде ќе положи свежо цвеќе заедно со претседателот на ОК на ВМРО-ДПМНЕ Струга и заменик министер за правда, Ален Деребан и пратеникот Јован Јаулески.
Во Скопје на 3 локации, партиската делегација ќе ја предводат градоначалникот на Општина Кисела Вода и кандидат за градоначалник на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, градоначалникот на Општина Ѓорче Петров, Александар Стојковски и пратеничката, Катерина Димитровска. Тие ќе положат свежо цвеќе пред Споменикот на Претседателот на Крушевската Република, Никола Карев во 10:00 часот, пред споменикот на АСНОМ (парк Жена Борец) во 10:20 часот и пред споменикот на првиот претседател на Президиумот на АСНОМ Методија Андонов-Ченто (плоштад Македонија) во 10:40 часот.
Партиска делегација ќе положи свежо цвеќе и во Пелинце во 11 часот, која ќе ја предводи пратеникот Бране Петрушевски, а во состав на пратеникот и член на ИК, Миле Лефков, како и директорот на Државниот студентски дом Скопје, Александар Каровски.
Во Крушево, партиската делегација ќе положи свежо цвеќе на Споменикот на хероите на месноста „Слива“ во 10 часот и на Мечкин Камен во 12 часот. Делегацијата на ВМРО-ДПМНЕ во Крушево ќе ја предводи Генералниот секретар, Ѓорѓија Сајкоски, а истата ќе биде во состав на претседателот на Унијата на млади сили, Сергеј Попов, претседателката на Унијата на жени, Жаклина Пешевска, членот на ИК, Ристо Симеонов и членот на ИК, Олга Лозановска.
Делегации на Унијата на млади сили, Унијата на жени, Унијата на ветерани и Патриотскиот институт, утре ќе положат свежо цвеќе на бројни локации во општините низ државата.
Македонија
Сиљановска-Давкова ќе учествува на централната прослава на 2 Август во Крушево

Под покровителство на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, утре, 2 август, на „Мечкин Камен“ во Крушево ќе се одржи централната прослава на Денот на Републиката.
Чествувањето на Илинден ќе започне со положување свежо цвеќе на гробот на Никола Карев, потоа на споменикот на хероите на месноста „Слива“, а ќе продолжи со панихида во храмот „Св. Никола“. Сиљановска-Давкова ќе положи цвеќе и на „Мечкин Камен“, каде што ќе има и свое обраќање.
Редослед на настани:
– 09:30 часот – положување свежо цвеќе на гробот на Никола Карев, „Македониум“;
– 10:00 часот – положување свежо цвеќе на споменикот на хероите на месноста „Слива“;
– 10:30 часот – панихида во храмот „Св. Никола“;
– 12:00 часот – централна прослава на „Мечкин Камен“.