Македонија
Ахмети за кандидатите на ДУИ: Нивна победа ќе значи уште поголема грижа за животната средина

Претседателот на ДУИ, Али Ахмети, денеска имаше состанок со Генералниот совет на партијата во Гостивар.
На состанокот на Генералниот совет, по предлог на Ахмети, членовите едногласно ја избраа листата на кандидати за градоначалници на изборите на 17 октомври.
„Победата на Демократската унија за интеграција на локалните избори несомнено ќе ја следи уште поголема грижа за животната средина, редовно одржување на патната инфраструктура, регулирана водоводна и канализациона мрежа, модерна спортско-рекреативна инфраструктура, добро реновирани, одржувани и нови училишта“, нагласи Ахмети.
Во продолжение, ова е листата на кандидати со која партијата ќе настапи на локалните избори:
Ејуп Абази – Студеничане
Суат Шаќири – Чашка
Хекуран Дука – Дебар
Еркан Арифи – Липково
Неби Реџепи – Врапчиште
Рамиз Мерко – Струга
Фатмир Изаири – Желино
Бесник Емшиу – Боговиње
Нухи Незири – Теарце
Али Јаоски – Пласница
Аркин Јахии – Брвеница
Блерим Беџети – Сарај
Висар Ганиу – Чаир
Фатмир Дехари – Кичево
Невзат Бејта – Гостивар
Теута Арифи – Тетово
Ридван Ибрахими – Арачиново
Носител на листата на советници на град Скопје ќе биде Ардијан Муча.
Единствено, не е утврден кандидатот за Долнени, кој, како што информираат од ДУИ, ќе го избере Ахмети во следните денови.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Муртезани ја пречека данската министерка за европски прашања: Во фокусот проширувањето на ЕУ и Планот за раст

Министерот за европски прашања Орхан Муртезани, денеска е домаќин на министерката за европски прашања на Кралството Данска, Мари Бјере.
Средбата се одржа во контекст на подготовките за претстојното данско претседателство со Советот на Европската Унија, кое што започнува на 1 јули годинава. Во фокусот на разговорите и на тет-а-тет средбата и на пленарниот состанок на делегациите, беа европската интеграција на Северна Македонија, приоритетите на Владата, билатералните односи и регионалните и геополитичките случувања.
Министерот Муртезани ја истакна важноста на обновената политичка динамика во рамките на ЕУ, поттикната од промената на институционалното раководство и актуелните геополитички околности, како можност за суштинско враќање на политиката на проширување како стратешки приоритет на Унијата.
Тој посочи дека Северна Македонија останува цврсто посветена на европскиот пат, преку доследна имплементација на Реформската агенда во рамки на Планот за раст на ЕУ, како и преку унапредување на владеењето на правото, ефикасноста на институциите и борбата против корупцијата.
Министерката Бјере ја реафирмираше принципиелната поддршка на Данска за политиката на проширување базирана на заслуги, оценувајќи ги реформските чекори на Северна Македонија како кредибилен сигнал за зрелост и посветеност.
Таа го поздрави усвојувањето на Реформската агенда 2024–2027 и изрази подготвеност за зајакнување на билатералната и експертската соработка во насока на унапредување на административните капацитети и транспарентноста на реформскиот процес. Во светло на приоритетите на претстојното данско претседателство со Советот на Европската Унија, беше нагласено дека во услови на комплексна геополитичка реалност, приоритетите на Претседателството – безбедност, конкурентност и одржливост – добиваат особена тежина. Министерот Муртезани ја поздрави посветеноста на Данска кон унапредувањето на политиката на проширување, особено кон земјите од Западен Балкан, како и поддршката за Украина и зачувувањето на европската безбедност.
Во таа насока, беше оценето дека зелената транзиција, дигиталната трансформација, енергетската безбедност и иновациите се области од заеднички интерес, каде што земјите-кандидати и државите-членки можат да градат подлабока соработка.
Муртезани и Бјере разменија мислења и за одлуката на Европската Унија, Северна Македонија да биде домаќин на Состанокот на лидерите на Западен Балкан, посветен на имплементацијата на Планот за раст, кој наскоро ќе се одржи во Скопје. Соговорниците се согласија дека Самитот, организиран во партнерство со Европската комисија, претставува признание за активната улога на Северна Македонија во процесот на структурирање и реализација на оваа стратешка иницијатива, но и важна можност за размена на искуства и координација на понатамошните чекори кон приближување до единствениот пазар на ЕУ.
Министрите се осврнаа и на неодамнешните посети на високите претставници на Европската Унија и во тој контекст, беше заклучено дека е од клучна важност кредибилитетот на процесот на проширување да се зајакне преку конкретна поддршка, предвидливост и постојан ангажман на институциите и земјите-членки на Унијата, како и активно вклучување на регионот во настани организирани во рамки на Претседателството со Советот на ЕУ.
Македонија
Герасимовски со aнсамблот „Орце Николов“: Културата е наша трајна заложба – вложуваме во манифестации што ги поврзуваат сите генерации

Градоначалникот Горан Герасимовски, се сретна со претставници од Ансамблот на народни игри и песни „Орце Николов“, еден од најстарите и најзначајни носители на фолклорната традиција во државата. На средбата, се дискутираше за тековните културни активности во општината, за локалната поддршка за културниот развој и за можностите за продлабочување на соработката.
Ансамблот, оваа година одбележува 80 години од своето постоење и е еден од добитниците на Конкурсот за финансиска поддршка на културни проекти на Општина Центар. За проектот „80 години волшебен свет на фолклорот“, ансамблот доби финансиска поддршка во износ од 30.000 денари.
„Преку континуирана и зголемена поддршка на културата, покажуваме дека ја вреднуваме традицијата, уметноста и креативноста. Чест ми е што со Ансамлот имаме одлична соработка и што годинава на нивниот јубилеј ги поддржавме негувајќи го и пренесувајќи го фолклорот како дел од културното богатство на нашата држава. Вложуваме во културата преку низа културни манифестации што обединуваат и радуваат граѓани од сите возрасти – од најмали до највозрасни. За само неколку години го зголемивме буџетот за култура од 3 милиони денари во 2021 година на 13 милиони денари годинава. Тоа е доказ дека културата е и ќе остане наш приоритет“, рече Герасимовски.
Во рамки на средбата, Герасимовски доби плакета од страна на Ансамблот „Орце Николов“, како знак на благодарност за досегашната успешна и долгорочна соработка.
Македонија
Мицкоски: Со гордост можеме да кажеме дека нашата држава е една од најбрзорастечките економии во Европа

„Ние сме новата надеж. Ние сме промената која не се плаши да се соочи со предизвиците, да ги поправи грешките и да постави правичен ред и правда. Владата којашто ја предводи ВМРО-ДПМНЕ ја презеде одговорноста во време кога економијата беше во криза, кога граѓаните беа загрижени и разочарани. Но денес, со гордост можеме да кажеме дека нашата држава е една од најбрзорастечките економии во Европа со четвртиот највисок економски раст на бруто домашниот производ“, кажа премиерот Христијан Мицкоски на вчерашниот настан по повод 35-годишнината на ВМРО-ДПМНЕ.
Мицкоски во текот на своето обраќање посочи дека владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ работи на санирање на штетите од минатото, на создавање стабилна и предвидлива економија, на отворање на нови работни места, подобрување на услови за сите работници, посебно младите, земјоделците и пензионерите.
– Сепак, ние не треба да се фалиме со бројките. Знаеме дека овој раст не е доволен, дека народот сè уште не го чувствува подобрувањето во својот секојдневен живот. Затоа упорно работиме на санирање на штетите од минатото, на создавање стабилна и предвидлива економија, на отворање на нови работни места, подобрување на услови за сите работници, посебно младите, земјоделците и пензионерите, кажа тој.
Премиерот се осврна и на надворешната политика при што укажа дека надворешна политика е принципиелна и се темели на заштита на заедничка историја, култура и идентитет.
– Македонија нема повеќе да биде земја на понижување и предавство. Нашата надворешна политика е достоинствена, принципиелна и се темели на заштита на нашата заедничка историја, култура и идентитет. Не можеме да дозволиме да не кодошат во странство оние кои треба да бидат чувари на националните интереси. И да не мислат дека ветувањата за отстапки, деградации и понижувања ќе ги донесат повторно во Владата. Народот е свесен и нема да дозволи повторно да биде измамен. Она што Венко Филипче го направи во Атина само не потсети дека кодошењето на сопствената земја не е туѓо и не смее да се заборави, за да не се повтори, вели тој.
На крај премиерот Мицкоски порача:
„Ние не сме тука за да изградиме праведно општество, во кое нема да има непривилегирани, туку напротив ние сме тука за да изградиме општество во кое ќе нема привелигирани. Тука сме за да изградиме правда за сите. И за тоа ќе бидеме безмилосни кон секој кој ќе ја злоупотреби довербата на народот“.