Македонија
Се пробива нова улица во кругот на Клинички центар
Град Скопје преку јавното претпријатие Улици и патишта почна пробивање на нова улица во кругот на Клинички центар.
Од Град Скопје велат дека улицата дополнително ќе го олесни движењето на возилата и пешаците што ќе овозможи намалување на застојот предизвикан од зголемената фреквенција на пациенти како последица на пандемијата на коронавирусот.
Оттука нагласуваат дека минатата година, од истата причина во рекордно краток рок беше извршена реконструкција на паркингот и сервисните улици на во кругот на Клиничкиот центар што значително ја зголеми мобилноста која беше неопходна, особено заради итните случаи во вонредните околности кои ги наметна пандемијата.
„Во тие рамки изграден е посебен влез за возилата на итната медицинска помош, со физички одвоена сообраќајна лента која го поврзува овој влез со Ургентниот центар. Дополнително, отворен е нов влез кај инфективната клиника, изграден е нов паркинг простор на локацијата каде што се наоѓа мобилната болница со површина од 7000 метри квадратни, а ослободени се и тротоарите од паркирани возила. Изграден е и нов влез кај клиниката за стоматологија со кој беа создадени услови за целосно одвојување на влезовите и на трасите на движење на возилата за брза помош од оние на останатите возила кои влегуваат во кругот на Клинички. Реконструирани се двата постоечки паркинзи кај клиниките за хирургија и за гинекологија и акушерство. Со нивната реконструкција и изградбата на новиот паркинг кај монтажната клиника, површината за паркирање која во минатото изнесуваше околу 6.000 метри квадратни, сега изнесува околу 20.000 метри квадратни“, велат од Град Скопје.
Се додава дека се реконструирани и околу 90 отсто проценти од улиците и тротоарите кои ги поврзуваат клиниките во Клиничкиот центар, а засадени се и нови дрвореди кои ќе го збогатат зеленилото коешто дополнително го облагородува овој простор.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Во првиот круг од локалните избори не се констатирани прекршувања на Изборниот законик од страна на радиодифузерите
Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги го објави Извештајот од изборното медиумско претставување во првиот круг од Локалните избори 2025 година, за периодот од 29 септември до 17 октомври 2025 година.
Мониторингот опфати 11 национални програмски сервиси – МРТ 1; МРТ 2; Собранискиот Канал на МРТ; ТВ Алсат-М; ТВ Алфа; ТВ Канал 5; ТВ Сител; ТВ Телма; ТВ 24 Вести; ТВ Компани 21-М и ТВ Шења при што фокусот на анализата беше ставен врз облиците на изборно медиумско претставување. За другите програмски сервиси се постапуваше врз основа на претставки.
„За Локалните избори, имаше дури 153 учесници во изборите и се покажа дека секој нареден изборен процес станува се потешко, па дури и невозможно, целосно да се исполнат принципите на еднаквост и пропорционалност во известувањето зашто и времето во вестите е ограничено, и техничките и кадровските капацитети, дури и на најголемите телевизиски куќи не се толку големи за медиумски да ги покријат сите кандидати“, велат од АВМУ.
За време на изборната кампања во првиот круг од Локалните избори не беа констатирани прекршувања на Изборниот законик од страна на радиодифузерите. Прекршувања беа констатирани само за време на изборниот молк од страна на 4 радиодифузери.
Во однос на балансот во дневноинформативните емисии (ТВ дневник/вести), сите анализирани медиуми генерално известуваа неутрално за учесниците во изборите.
Десет телевизиски програмски сервиси емитуваа интервјуа со учесниците во изборната кампања. ТВ Алсат-М и ТВ Сител интервјуата ги емитуваа во дневноинформативните емисии, со тоа што Сител, освен 10-те интервјуа на изборни теми во вестите, емитуваше и 13 интервјуа во други емисии. Најмногу интервјуа емитуваа ТВ Алсат-М (вкупно 30), ТВ Алфа (29), МРТ 1 (28), ТВ Сител (23), ТВ Телма (15), ТВ Шења (13) и ТВ 24 Вести (12). Освен ТВ Сител, сите други анализирани телевизии емитуваа дебати. Најмногу дебати имаше на ТВ 24 Вести (24) и на ТВ Телма (24), по што следуваат МРТ 1 (17), ТВ Канал 5 (13) и МРТ 2 (11).
Јавниот радиодифузен сервис и националните телевизии што емитуваа платено политичко рекламирање, ја исполнија законската обврска да информираат на начин прилагоден за лицата со сетилна попреченост преку – едно издание на вестите секој ден и едно издание на актуелноинформативна емисија неделно.
МРТ 1, МРТ 2 и Собранискиот сервис ја исполнија обврската од Изборниот законик и на кандидатите им понудија можност за бесплатно политичко претставување. Извештајот од изборното медиумско претставување во првиот круг од Локалните избори 2025 година е достапен на веб страницата на АВМУ на линкот.
Македонија
Гаши на средба со претседателот на Парламентарното собрание на Советот на Европа
Во Собранието на Република Северна Македонија денеска се одржа средба меѓу претседателот на Собранието, Африм Гаши и претседателот на Парламентарното собрание на Советот на Европа, Теодорос Русопулос, кој престојува во официјална посета на нашата држава по повод 30-годишнината од зачленувањето на земјата во Советот на Европа.
Претседателот Гаши изрази благодарност за континуираната поддршка што Советот на Европа ѝ ја дава на Северна Македонија од 1995 година, нагласувајќи дека тридецениското членство претставува потврда на трајната определба за човекови права, демократија и владеење на правото.
Двајцата претседатели ја истакнаа важноста на парламентарната соработка и на заедничките иницијативи што придонесуваат за поголема видливост на Советот на Европа во регионот.
Претседателот Гаши подвлече дека искуството стекнато преку Советот на Европа е од особена вредност за процесот на пристапување во Европската Унија и дека Собранието ќе продолжи да биде пример за транспарентност, дијалог и посветеност на европските стандарди.
Македонија
За вакцинација против сезонскиот грип досега пријавени над 76 илјади граѓани, почна и вакцинацијата со комерцијалните вакцини за 700 денари
Министерството за здравство информира дека за вакцинација против сезонскиот грип за ризичните категории населени досега се пријавени над 76 илјади граѓани, а вакцинирани се повеќе од 43 илјади лица во државата.
„Заинтересираните граѓани сè уште имаат можност да се пријават за вакцинација против сезонскиот грип преку апликацијата vakcinacija.mk или преку својот матичен лекар. Превентивни тимови продолжуваат и со теренска вакцинација во домашни услови за повозрасни и неподвижни лица, како и за лица со попреченост“, изјави министерот за здравство, Азир Алиу.
Исто така, почната е и вакцинацијата со комерцијалните вакцини во Центарот за јавно здравје Скопје, а во текот на неделата ќе почне вакцинација и во другите центри за јавно здравје во државата.
Екипите на Центарот за јавно здравје – Скопје вршат вакцинација секој работен ден од 7.30 до 14.30 часот. Цената на комерцијалните вакцини изнесува 700 денари.

