Македонија
Османи објави какви мерки се преземени по приведувањето на македонскиот дипломат
Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, иницирал итно формирање на работна група која ќе испита евентуална закана за МНР по приведувањето на македонскиот дипломат во Србија, на барање на Ерменија.
Османи вели дека е крајно загрижен и вознемирен поради случајот со приведувањето во друга земја на вработен во Министерството за надворешни работи, поради потерница која ја побарала трета земја. Османи вели дека тоа не само што предизвикува непредвидливост во работата на дипломатијата, туку ја разнишува довербата и авторитетот на куќата.
Тој објави кои итни мерки досега се преземни:
„Прво, согласно законските можности, на приведениот вработен му е ставен работниот однос во мирување, и повлечен е од неговите задолженија во мисијата во ОБСЕ
Второ, пуштив итна процедура за формирање работна група која треба да изврши првична итна ревизија на состојбите со сертификатите и документацијата со цел да се утврди дали постои одредена иманентна закана за сигурноста и доверливоста на куќата, особено закана која е поврзана со предметниот случај. Трето, работната група ќе добие и задолжение да оствари и меѓуресорска соработка со правосудните служби и службите за безбедност, со цел да се подготви план за вонреден ветинг на дипломатијата; оваа работна група ќе треба да ја оформи и меѓуресорската Комисија која ќе ѝ биде предложена на Владата, која, пак, ќе треба да го спроведе вонредниот ветинг преку процесите на сертификација и дополнителна безбедносна проверка. Четврто, ќе побарам од сите раководни позиции, директори и раководители на сензитивни позиции,задолжително да ја поминат процедурата на најстрог ветинг, преку системот на НАТО сертификати. Овој процес планирам да го направам задолжителен и во системот на пополнување амбасадорски места“, појасни Османи.
Претходно беше објавено дека станува збор за македонскиот дипломат Миле Миленкоски, заменик-шеф на нашата мисија во ОБСЕ, кој е баран од ерменските власти. Тој бил приведен на 27 август при обидот да ја премине границата во Прешево за да влезе во Македонија.
„Македонскиот дипломат помогнал во бегството на ерменски државјанин, кој добил македонски пасош и кој е поврзан со криминалните активности со коридорот Север-Јур“, истакна Гор Абрахајман, советник на ерменскиот јавен обвинител.
Според ерменските безбедносни сили, како што јавуваат ерменските медиуми, во 2018 година тројца дипломати од Македонија, предводени од Миленкоски, му помогнале на поранешниот ерменски функционер да избега од земјата со приватен лет.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Студено утро со измерени -5 степени во Берово
Најстудено изутринава е во Берово, каде се измерени – 5 степени, по што следуваат Битола и Струмица, -4, Скопје-Петровец и Штип, – 3, Демир Капија, Велес и Куманово, – 2. Во Тетово, Скопје-Зајчев Рид, Кавадарци, Гевгелија, Прилеп, Mаврови Анови и Претор температура од – 1, Крива Паланка, Попова Шапка, 0, Охрид, 1, Виница и Kрушево 2, информира Управата за хидрометоролошки работи (УХМР).
Времето денеска ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Претпладне по одделни котлини ќе има појава на магла. Ќе дува слаб ветер од југоисточен правец. Максималната температура ќе биде во интервал од 6 до 13 степени.
Во Скопје, променливо облачно и тивко со појава на магла. Максималната температура ќе достигне до 7 степени.
УХМР најави дека до вторник ќе се задржи стабилно и претежно тивко време. По одделни котлини ќе има појава на магла и зголемена облачност. Од вторник кон крајот на денот и во следните денови ќе има повремени локални врнежи од дожд. На планините и на повисоките места врнежите ќе бидат од снег.
Македонија
Ќе се менува проводник на далновод во Прилеп, градот неколку часа ќе биде без струја
Прилеп и приградските населби утре претпладне, од 6:30 до 11 часот, ќе останат без напојување со електрична енергија.
Како што информираат од АД МЕПСО, исклучувањето се врши поради планирани активности на електропреносната мрежа, кои опфаќаат демонтажа на старо проводно јаже од 110 киловлти за далноводот ТС Битола 1- ТС Прилеп 1 и монтажа на нов проводник. На замената ќе работат стручните екипи на АД МЕПСО.
Согласно со планираната динамика, работите ќе траат најмногу четири и пол часа, по што напојувањето со електрична енергија во Прилеп ќе биде повторно воспоставено.
Од АД „МЕПСО“ до корисниците апелираат за разбирање, имајќи предвид дека станува збор за планирани зафати од значење за сигурно и стабилно функционирање на електропреносниот систем.
Македонија
Дедо Мраз од Лапонија ќе дојде со волшебен воз на Железничка во Скопје
Специјална новогодишна театарска претстава за деца „Дедо Мраз дојде со воз“ ќе се одржува од денеска 30 декември на Железничката станица во Скопје, со почеток од 19 часот. Претставата ја организираат Училиштето за театар „Од игра до претстава“, Македонски железници Инфраструктура и Македонски железници АД Транспорт.
Публиката ќе може да го следи големото доаѓање на Дедо Мраз од Лапонија, со неговиот волшебен воз во центарот на Скопје, преку приказна која се раскажува на различни локации: музејската постановка на Македонски железници, театарска претстава во салон и посета не волшебниот воз и подарок од Дедо Мраз за секој посетител во вагонот.
– Како куриозитет годинава во соработка со МЖ Транспорт, го имаме и легендарниот воз „Шпанец“, неодамна реставриран, во кој се пренесува новогодишната волшебна магија и со која посетителите ќе може да патуваат низ Скопје и да другаруваат со ликови од претставата. Претставата ги следи патешествијата со кои се соочува Дедо Мраз пред да стигне на Железничката станица во Скопје и неговото доаѓање е неизвесно, па му треба помош од неговите Елени, Џуџиња, Снешко, но најмногу од неговите обожаватели, децата, се вели во соопштението од „Од игра до претстава“, ЈП Македонски Железници – Инфраструктура Македонски Железници АД Транспорт.
Автор и продуцент на проектот е Миодраг Костиќ, а текстот и режијата на Игор Ивковиќ. Реставратор и автор на музејската изложба користена во проектот е дело на авторот Ванчо Милошевски.
Во претставата играат актерите: Дарко Вељиќ, Андреј Серафимовски, Тодор Стојковски, Симона Петрушева, Ведра Димова, Александар Спироски. Вклучени се и 40-тина учениците од училиштето за театар „Од игра до претстава“.
Визуелното обликување на проектот е доверено на Бранкица Јордановска, во соработка со Горан Сачкарски. Музиката е авторско дело на Драган Илиевски, а монтажата е на Андреј Златаноски.
За потребите на претставата, ќе бидат користени: локомотива создадена во 1942 година, серија 33 и вагон што е изработен во 50-те години на 20 век и бил во употреба до крајот на 70-те години, а сега реставриран по урнекот на „ОРИЕНТ ЕКСПРЕС“, како и од неодамна реставрираниот воз „шпанец“ серија 712/714.

Билети може да се купат на билетарницата на Железничка станица – Скопје, секој работен ден од 12 до 19 часот. Резервација на [email protected] и на телефонскиот број 075 295 905.

