Македонија
Беџет Пацоли ќе гради катни и подземни гаражи во Чаир – инвестиција вредна над 50 милиони евра

Поранешниот претседател на Косово и познат бизнисмен, Беџет Пацоли, ќе биде инвеститор на катни и подземни гаражи во Чаир со цел да се реши долгогодишниот проблем со паркирањето во оваа општина.
Градоначалникот на општина Чаир, Висар Ганиу, заедно Пацоли, кој е сопственикот на глобалната компанија MABETEX, и градоначалникот на град Скопје, Петре Шилегов, денеска го потпишаа меморандумот за договор за соработка со инвеститорот.
„Денеска, заедно со градоначалникот Ганиу и со господин Беџет Пацоли ви соопштуваме една многу голема и многу убава вест не само за општина Чаир туку и за цело Скопје. Долго време во рамките на Град Скопје и Општина Чаир работевме на решавање на проблемот со паркирањето во оваа скопска општина, проблем што подолго време ги мачеше нашите сограѓани од Чаир. Конечно, на задоволство на сите нас дојдовме до решение, кое подразбира еден систематски пристап во решавање на овој предизвик. Во општина Чаир се наоѓаат најстарите населби во нашето Скопје, кои во инфраструктурна смисла сѐ уште имаат задржано елементи од стариот османлиски урбанизам кога не постоеле ниту автомобилите ниту проблемот со нивното паркирање“, рече Шилегов.
Тој додаде дека, за жал, со години нивните претходници градоначалници не успеале да најдат системско решение на овој проблем, но дека ниту тој ниту Висар е човек што ги фрла проблемите под тепих, туку, напротив, ги решаваат колку и да изгледа тоа невозможно.
„Стратешкото партнерство што Општина Чаир го воспостави со инвеститорот подразбира решение што на оптимален начин ќе постигне и повеќе простор за паркирање на возилата, но и повеќе простор за непречено одвивање на пешачкиот, велосипедскиот и на автомобилскиот сообраќај во оваа општина. Тоа значи дека сообраќајниот метеж и застојот во сообраќајот во оваа општина за неколку години од сега ќе бидат минато. Како единици на локалната самоуправа остануваме посветени на решавање на најгорливите проблеми со кои се соочуваат нашите сограѓани. Во таа смисла постигнувањето одржлива урбана мобилност на територијата на целиот град, на секоја скопска општина, е императив од кој немаме намера да се откажеме“, нагласи Шилегов.
Градоначалникот на Чаир, Ганиу, истакна дека е важно што стратешки партнер во изградбата на овие гаражи ќе биде компанијата MABETEX на Пацоли, а инвестицијата тежи над 50 милиони евра.
„Денес, означуваме историско поглавје за општина Чаир бидејќи токму денес го отвораме патот за стратешка и многу важна инвестиција, изградбата на катни и подземни гаражи на многу локации на нашата општина, а една од тие локации е токму овде на плоштадот Скендербег“, рече пред медиумите градоначалникот на општина Чаир, Висар Ганиу.
Гаражите ќе бидат катни, модерни и со светски стил.
„Само за овие четири години успеавме да создадеме речиси 1.500 места за паркирање, што не е мала бројка, а со изградбата на овие нови гаражи проблемот со паркинг-местата ќе се реши еднаш засекогаш затоа што ќе има 3.000 нови паркинг-места. На крајот, сакам да ве потсетам дека овие гаражи беа наше ветување и ќе станат наша реализација“, истакна Ганиу.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
32-годишен скопјанец осомничен за разбојништво во Бучимци: маскиран и со ловечки нож ограбил соселанец

Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против едно лице осомничено за кривично дело – Разбојништво од член 237 став 4 во врска со став 1 од Кривичниот законик.
Осомничениот 32-годишен скопјанец, на 18 август, маскиран со маица со која си го покрил лицето и капа, преку незаклучена влезна врата влегол во домот на негов соселанец во селото Бучимци. Во рацете држел ловечки нож и кога во една од собите го затекнал сопственикот, му се заканил дека ќе го убие ако не му даде пари.
Оштетениот, исплашен за својот живот, извадил 4.000 денари од комодата, но го замолил разбојникот да му дозволи да задржи барем 1.000 денари, бидејќи му се неопходни.
Осомничениот се согласил и го напуштил местото со 3.000 денари кои противправно ги одзел од сопственикот.
Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка достави предлог за определување мерка притвор за осомничениот, бидејќи постојат околности кои укажуваат на опасност од бегство, можност за влијание врз сведокот/оштетен со заплашување и уценување, како и можност да го повтори делото.
Македонија
Зголемена фреквенција на возила на граничните премини Табановце и Богородица

Поради пожар во националниот Парк Јасен, регионалниот пат Р1106 Македонски Брод – Скопје затворен е за секаков вид на возила, извести АМСМ.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози.
Интензитетот на сообраќајот на патиштата надвор од градските средини е зголемен. Поради летните одмори, се бележи зголемена фреквенција на возила, на ГП „Табановце“ времето на чекање за влез е околу 20 минути, за излез е околу 40 минути.
На ГП „Богородица“ времето на чекање за излез знесува околу 20 минути, додека на останатите гранични премини од македонска страна нема подолги задржувања при влез или излез од државата.
Македонија
Вицепремиерот Николоски во Будимпешта на прослава на Националниот ден на Унгарија

Вицепремиерот Александар Николоски на покана на премиерот на Унгарија, Виктор Орбан, присуствува на Националниот ден кој се слави во чест на Свети Стефан основачот на унгарската држава и христијанството во Унгарија.
Покрај учеството на прославата на националниот ден, предвидени се повеќе средби со високи претставници на владата на Унгарија, неколку министри и потенцијални инвестиции. На средбите е предвидено да се разговара за динамиката на проектите во Македонија како и за идната засилена економска соработка помеѓу двете држави.
Посетата на вицепремиерот е уште една потврда за одличното пријателство и соработката помеѓу Македонија и Унгарија, се додава во соопштението на Министерството за транспорт.