Македонија
Уметниците на Skopje Light Art District оддадоа почит на жртвите од Тетово со пораки на 14 јазици испишани на Школка

„Потребна ни е светлина повеќе од било кога“ – со оваа порака, уметниците и продукцискиот тим на меѓународниот фестивал на светлосна уметност, Skopje Light Art District им оддадоа почит на трагично загинатите во пожарот, кој во петокот ја зафати модуларната болница во Тетово.
Поради трагичниот настан, светлосните уметнички инсталации беа активни, но без музика и звук, а уметниците испишаа пораки на надеж, на 14 јазици, кои потоа беа проектирани на бината Школка, една од локациите на овогодинешното издание на светлосниот фестивал.
Во пожарот загинаа 14 лица, а Владата прогласи тридневна жалост на целата територија на државата.
Продукцискиот, креативниот тим на фестивалот и 25-те уметници кои со свои светлосни дела и перформанси изминатите денови го обоија Скопје, го изразија своето сочувство до семејствата и најблиските на жртвите во пожарот.
„Со длабоко жалење ја примивме веста за трагедијата во КОВИД центарот во Тетово. Изразуваме најдлабоко сочувство до семејствата и пријателите на загинатите. Воедно, ја користиме оваа прилика да оддадеме почит на жртвите. За време на деновите на жалост, сакаме да испратиме порака на надеж. Сега ни е потребна светлината, повеќе од било кога“, гласи заедничката порака на продукцијата и уметниците.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
МВР со детали: Поткопан е темелот на куќата на Владо Малески, против сторителот ќе биде поднесена кривична пријава

Се огласи полицијата по случајот со уривањето на дел од спомен-куќата на Владо Малески, авторот на текстот на македонската химна.
„На 15.10.2025 во 11:00 часот во ОВР Струга е пријавено дека Н.К. од струшкото село Велешта, при изведување градежни работи на улицата „Браќа Миладиновци “ во Струга со работна машина го поткопал темелот од јужниот ѕид на спомен куќата-музеј на Владо Малески, која претставува споменик заштитен како значајно културно наследство“, велат од МВР.
На местото извршиле увид претставници на Завод и музеј – Охрид, заедно со полициски екипи. По целосното расчистување на случајот, против сторителот ќе биде поднесена кривична пријава за „оштетување или уништување на добра под привремена заштита или културно наследство“, согласно член 264 од Кривичниот законик.
Македонија
За 30 дена ќе ставам крај на депониите во Гази Баба, рече кандидатот на СДСМ за градоначалник, Митовски

Кандидатот за градоначалник на Гази Баба од СДСМ, Влатко Митовски, најави дека во првите 30 дена од преземањето на функцијата ќе го реши проблемот со сметот и дивите депонии во општината.
„Нема повеќе да има диви депонии зад контејнерите, ниту општината ќе создава сопствени депонии. Отпадот ќе биде одложуван на пропишани и контролирани локации, а комуналното претпријатие повторно ќе стане функционално,“ порача Митовски.
Тој го обвини актуелното раководство дека четири години не успеало да воспостави систем за редовно собирање на отпадот, поради што комуналните служби се во целосен колапс.
Македонија
(Видео) Коњановски: Хотелот „Битола“ ќе се адаптира во Дом за стари лица – проект по иницијатива на граѓаните

Кандидатот за градоначалник на општина Битола, Тони Коњановски, порача дека секој голем проект започнува од гласот на граѓаните и дека заедничкото размислување, пишување и работа се клучот за подобро секојдневие.
„Една од најзначајните иницијативи што ја предложија граѓаните е адаптацијата на хотелот ‘Битола’ во Дом за стари лица – место кое ќе овозможи достоинствен живот, грижа и внимание за највозрасните сограѓани“, изјави Коњановски.
Меѓу останатите приоритетни предлози се: бесплатен оброк за сите ученици од 1 до 3 одделение, обезбедување униформи за децата од 1 до 5 одделение, организација на летни кампови за деца од социјално загрозени семејства, зголемување на капацитетите на градинките, како и продолжување на акцијата за отстранување на дивоградбите и гаражите, особено во Нова Битола.
„Вистински избор се проектите создадени од граѓаните, за граѓаните. Вистински избор е заедничкиот труд – кога гласот на граѓаните станува проект што го менува секојдневието“, нагласи Коњановски.