Македонија
Пописот се одвива без проблеми, а исклучително мал број граѓани одбиваат да се попишат, рече директорот Симовски
Директорот на Државниот завод за статистика, Апостол Симовски, изјави дека пописот се одвива без проблеми и со посакуваниот интензитет.
Тој соопшти дека вчера се попишале точно 93.235 лица, 29.491 домаќинство и 40.155 стана. Симовски оцени дека ова се одлични податоци, со оглед на тоа што се работи за работен ден.
Директорот Симовски истакна дeка мали технички предизвици, што го имало на почетокот на спроведувањето на оваа статистичка операција, се надминати и дека веќе неколку дена се спроведува попишувањето без никакви проблеми, со исклучително задоволувачки интензитет.
Одговарајќи на новинарски прашања, директорот на ДЗС, Симовски, нагласи дека бројот на одбивања е исклучително мал и незначителен и покрај негативната кампања што ја имаше и ја има цело време насочена кон тоа да се попречи спроведувањето на пописот.
„Граѓаните не наседнуваат на оваа пропаганда и самите податоци го кажуваат тоа, нема потреба да бараме какви било други начини да кажеме дека граѓаните навистина активно се вклучуваат. Самите податоци за попишани лица мислам дека кажуваат сѐ“, посочи Симовски.
Таму каде што има првично одбивање, се оди повторно и се разговара со тие лица.
„Оди нашиот државен инструктор, оди пописната комисија и до сега праксата покажува дека луѓето ги сфаќаат важноста и релевантноста на процесот и на крајот се попишуваат. Не применуваме никакви санкции сѐ уште и се надеваме дека тоа нема да се случи до крајот на попишувањето, односно ќе успееме овие луѓе да ги убедиме дека онаа пропаганда што е насочена против спроведувањето на пописот во суштина е систем на дезинформации“, нагласи Симовски.
Тој посочи дека без документ никој не може да биде попишан, а таму каде што недостига некој член од домаќинството, се договара терминот кога лицето ќе биде присутно.
Симовски изрази надеж дека пописот ќе биде заврешен во предвидениот рок.
Инаку, 512.457 граѓани се попишани во првите 9 дена од пописот, од кои најмногу се во неделата на 12 септември – 111.186 лица и на 5 септември – 94.975 лица.
Статистичката операција е на третина од предвидените 26 дена пописни активности.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Ледени зрна на одделни патни правци: ЦУК апелира на зголемена внимателност поради заледување на патиштата
Центарот за управување со кризи известува дека денес, во попладневните часови, на одделни патни правци е евидентирана појава на врнежи од ледени зрна, кои предизвикуваат брзо и ненадејно заледување на коловозите, особено во повисоките и планинските предели.
Се апелира до сите учесници во сообраќајот да покажат зголемена внимателност, да ја прилагодат брзината според условите на патот, да одржуваат поголемо безбедно растојание и задолжително да користат соодветна зимска опрема.
Македонија
Градоначалникот на Битола им се придружи на младите бадникари во изработката на бадниковите ѕвезди
Пред дестина дена започнаа подготовките за годинашната Бадникова поворкa која ќе се одржи годинава и во Битола, како и во многу други градови и населени места во Македонија.
На младите бадникари-деца од различни возрасти во подготовката, односно изработката на бадниковите ѕвезди, вечерва им се приклучи и градоначалникот на Битола, Тони Коњановски.
Организаторите на поворката велат дека вредните детски раце неуморно и со љубов и верба во традицијата ги изработуваат овие ѕвезди, подготвувајќи се за Бадник.
На 6 јануари на големиот верски празник Бадник, собирно место ќе биде плоштадот „Магнолија“ од каде ќе се упатат кон Соборниот храм „Св. Великомаченик Димитриј“, а потоа и низ Широк Сокак до Офицерскиот дом каде ќе биде завршниот дел на поворката, велат од Општина Битола.
Организаторите упатуваат повик до сите оние кои што сакаат да бидат дел од Бадниковата поворка на големиот празник да им се приклучат.
Македонија
МВР со посебен план за безбедност и сообраќај во Маврово за зимската туристичка сезона, најави Тошковски
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска оствари работна посета на Полициското одделение Маврово, Полициското одделение Ростуше и Полициската станица за граничен надзор Жировница, при што се запозна со тековните активности, условите за работа и конкретните предизвици со кои се соочуваат полициските службеници на терен.
„Во ПО Маврово ќе се изготви посебен план за претстојната зимска туристичка сезона, со цел овозможување подобар проток на сообраќајот, навремено управување со зголемениот број посетители и распоредување на соодветен број полициски службеници за одржување на јавниот ред и мир.“, потенцираше Тошковски.
При посетата на Полициското одделение Ростуше беше разгледана можноста за обука на полициски службеници за вршење увиди на сообраќајни незгоди, што ќе овозможи побрзо и поефикасно завршување на постапките на лице место. Оваа мерка ќе придонесе за намалување на времето на чекање, избегнување подолготрајни блокади на сообраќајниците и зголемување на функционалноста на системот, имајќи предвид дека досега овие увиди ги вршеа екипи од Гостивар.
Во Полициската станица за граничен надзор Жировница беше отворено и прашањето за можност дел од просторот во рамки на станицата да биде отстапен на општината, со цел обезбедување паркинг простор за жителите, како практично и рационално решение во интерес на локалната заедница.

