Забава
Карбонара, ама на француски начин – според рецептот на Марта Стјуарт

Француската карбонара на Марта Стјуарт е вкусна варијација на класичното италијанско јадење со тестенини, а што се однесува до подготовката важна е една посебна состојка.
Љубителите на италијанската кујна велат дека нема место за павлака во карбонара. Сепак, тоа не ја спречува американската гуру за животен стил, Марта Стјуарт, да ѝ даде нешто ново на класиката.
Нејзината француска карбонара вклучува жолчка од јајце и сланина, како и crème fraiche (свежа крем-павлака), што го прави сосот неверојатно кремаст, плус малку млад лук.
Потребни состојки
250 грама тагатели (форма на тестенини), 100 гр пушена сланина, 2 пакувања француска павлака, односно свеж крем (Crème Fraiche), 2 жолчки од јајце, 1 лажичка свежо мелен црн пипер, 1 нотка фина морска сол, 75 гр рендан пармезан, 1 чешне свеж лук.
Начин на подготовка
Загрејте солена вода во голем сад. Направете тагатели според упатството на пакувањето. Пржете ја сланината во голема тава без додавање масло додека не стане кафеава и крцкава. Додадете ја крем-павлаката и пржете, па промешајте ги двете жолчки. Зачинете по вкус со црн пипер и малку морска сол.
Кога тестенините се готови, исцедете ја водата, но оставете чаша вода за готвење за подоцна. Промешајте ја водата за готвење во сосот додека не ја добие саканата конзистентност. Потоа измешајте ги пармезанот и лукот и динстајте уште една минута. На крајот ставете ги исцедените тагатели во сосот. По желба, готовата карбонара можете да ја посипете со рендан пармезан и лукчиња.
Секоја земја подготвува свои млечни производи. На пример, во Франција има јадење crème fraiche, кое се преведува како „свеж крем“ и е многу сличен на нашата павлака. Кај кулинарите е познат како француска павлака.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Забава
(Видео) Александра Јанева со преработка на безвременската „Ми подаваш рака“

Инспирирана од минатото и неповторливата носталгична нота што ја носат македонските евергрини, Јанева ја изненади публиката со својата официјална преработка на безвременската „Ми подаваш рака“ од Даниела Панчетовиќ.
Оваа култна македонска балада беше изведена во 1978 година од Даниела Панчетовиќ на фестивалот „Скопје“. Автор на музиката е Мане Колев, текстот е на Ѓоко Георгиев, а аранжманот е на Кире Костов.
Новиот реаранжман на песната го изработи Лазар Цветкоски и заедно со Јанева дадоа нов, модерен звук и позитивен дух, кој многу прецизно ја отсликува и доловува пораката на самата песна – поддршката и потпората од најблиските е она што нѐ води низ животот, љубовта е најсилна и најзначајна кога се дели. Во преработката Александра го има искористено оригиналниот семпл од оригиналното аудио што тече низ целата песна, а особено може да се слушне на крајот од преработката сакајќи да ја задржи автентичноста на самата песна.
Видеото го изработи Даниел Јовески отсликувајќи ги најубавите агли од нашиот преубав Охрид. Во видеото се присутни повеќе пријатели на Јанева, атмосферата е ведра и позитивна и зрачи со топлина.
Овој проект Јанева го најавуваше веќе некое време, а покрај тоа, во неколку наврати на своите социјални мрежи најави нова музика за претстојниот период.
Забава
Концерт на Дорис Драговиќ и Петар Грашо на 14 март во Скопје

На 14 март 2026 година Дорис Драговиќ и Петар Грашо првпат ќе одржат заеднички концерт во Скопје, во арената „Борис Трајковски“, носејќи спектакл, кој ќе биде симбол на љубов, емоција и чиста музичка магија. Две музички легенди, две генерации, една сцена и една вечер што ќе влезе во историјата.
Дорис Драговиќ, дамата што веќе со децении владее со својата моќна интерпретација, ќе го врати сјајот на најубавите балади, кои се врежани во колективната меморија на целиот регион. Од другата страна, со истата сила и страст, на сцената ќе застане Петар Грашо, миленикот на публиката и човекот што со секоја песна создава нови химни за современата генерација.
Нивниот заеднички концерт ќе биде спој на искуство и свежина, на вечни класици и модерни хитови. Тоа ќе биде ноќ во која публиката ќе патува низ времето, од балканската естрадна ера, која ја бележеше Дорис, до денешните хитови што го дефинираат звукот на новото време со Грашо.
Една бина, два гласа, две музички епохи и еден град, кој ќе биде сведок на концерт за паметење. Раскошната емоција на Дорис Драговиќ и неповторливата харизма на Петар Грашо на 14 март ќе создадат вистинска музичка магија!
Овој концерт е повеќе од календарски датум или уште еден настан. Ова ќе биде симбол на еден момент кога две кариери се преплетуваат за да создадат нешто ново и уникатно.
Како што Дорис со децении е доказ дека вистинската уметност никогаш не старее, така и Грашо е доказ дека музиката секогаш може да биде свежа и модерна. На 14 март тие ќе се сретнат за да докажат дека музиката нема граници, ни генерациски ни географски.
Билетите за овој настан се веќе пуштени во продажба и имате можност да ги купите преку продажната мрежа на www.kupikarta.com, „Розе Веро 2“, „ЈК травел“ во Бисер и „ЈК травел Дајмонд“.
Забава
„2 бона“, Елена Ристеска и Вера Јанковиќ в сабота во Паркот на франкофонијата

Во сабота, 13 септември, со почеток во 19:30 часот ќе се одржи големиот бесплатен музички хепенинг „Нешто што ќе остане“ во Паркот на Франкофонија, во организација на Општина Центар.
На концертот ќе настапат едни од најпознатите македонски изведувачи како Дарио и Миг-21, Елена Ристеска, групата „2 Бона“, Викторија Лоба, Кристина Арнаудова и Барбара Поповиќ. Низ целиот концерт ќе не води урбаната дива Вера Јанковиќ.
Водителката Вера Јанковиќ истакнува дека музиката е доказ дека не сме сами, а музичкиот хепенинг „Нешто што ќе остане“ не асоцира на најдоброто од македонската музичка сцена.
„Драги мои поклоници на македонската музичка сцена, сакам да ви најавам „Нешто што ќе остане“. Тоа ме асоцира на моментот дека музиката е доказ дека не сме сами на овој свет. Нешто што ќе остане, по трети пат, традиционално не асоцира на најдоброто од македонската забавна музичка сцена. И повторно, Парк на Франкофонија овој пат 13 Септември, 19:30 минути. Јас сум Вера Јанковиќ, вашиот водител, домаќин, а се останато што ќе ве изненади таму ќе биде фантазија во која што ќе создадеме уште една ноќ за паметење. Се гледаме, бидете таму!“, порачува Јанковиќ.
Градоначалникот Горан Герасимовски истакнува дека Општина Центар продолжува да вложува во културни настани достапни за сите граѓани.
„Со „Нешто што ќе остане“ создадаваме традиција на заеднички моменти исполнети со музика, радост и култура. Ги поканувам сите скопјани и гости на градот да ни се придружат на оваа прекрасна вечер која ќе остане запаметена“, вели Герасимовски.