Македонија
(Видео) Андов, Георгиевски, Фрчковски и други политичари на трибина за независноста организирана од Заев
Во организација на премиерот Зоран Заев, денеска во Владата се одржа трибина на тема „Патот на независност“, која беше најавена како една од повеќето настани посветени на најважните историски, политички и општествени аспекти од развојот на нашата држава во трите децении од независноста.
Дебатата ја отвори премиерот кој рече дека оваа трибина се фокусира на референдумското изјаснување на граѓаните на 8 септември 1991 година на прашањето „Дали сте за суверена и самостојна држава Македонија со право да стапи во иден сојуз на суверени држави на Југославија“.
Како што рече тој, некои хроничари контроверзата во однос на референдумското прашање ја гледаат од аспект на посебната грижа за односите што ќе ги имала тогашната Република Македонија со поранешните републики на Југославија, наспроти внатрешните меѓуетнички односи, во кои најголемата заедница по македонската, албанската, тогаш инсистирала на референдумско прашање кое повеќе ќе ги дефинира внатрешните односи помеѓу заедниците во државата.
„Мојата лична опсервација на референдумското прашање е дека во тој период најважни беа заложбите за мирно разрешување на сите комплексни прашања, кои беа врвен приоритет и на претседателот Глигоров, кој беше свесен за пресудната улога на меѓуетничкиот соживот, како и зачувување на мирот во земјата. На една таква предострожност повикуваа и искуствата и настаните од сите поранешни југословенски републики кои прогласуваа независност и со тоа се соочија со воени дејствија кои однесоа многу жртви“, потенцираше Заев.
Според редоследот на учеството на трибината, првиот претседател на повеќепартиското Собрание, Стојан Андов, евоцираше спомени со нагласка на седницата на Собранието кога била донесена Декларацијата за сувереност на 25 јануари.
Тој истакна дека тој политички документ донесен со огромно мнозинство во Собранието бил првиот голем чекор кон прогласувањето на независноста на земјата.
Поранешниот министер за надворешни работи и министер за внатрешни работи, Љубомир Фрчкоски, истакна дека овие сеќавања и рефлексии на тие настани се архива од непроценливо значење.

Тој нагласи дека целиот период на подготовка и прогласувањето на независноста се историски процес и настани кои се неповторливи и без втора шанса и како такви биле спроведени со најголема одговорност за историскиот предизвик.
Фрчкоски потенцираше дека исклучително важно било целиот процес да не заврши во национализам и во конфликти и дека инклузивноста на политичките елити на Албанците во земјата бил конструктивен фактор без оглед на разликите за некои важни прашања.
„Одговорот на македонската политичка елита во тоа време беше голем и соодветен на предизвикот и во однос на меѓународното одобрување на прогласувањето на независноста, токму заради фактот што таа беше остварена без конфликт“, рече Фрчкоски.
Џевдет Хајредини, поранешен министер за финансии во првата експертска Влада, ја потенцираше важноста на еманципацијата на тогашните политички елити кои, како што кажа, се одважиле да се ослободат од наследството на наследната политичка култура и страв од едноумието и нивната храброст да ја прифатат историската одговорност за прогласување независна држава.
Поранешниот пратеник и претседател на Влада, Љубчо Георгиевски поентираше со ставот според кој најзаслужен за независноста на Македонија е поранешниот претседател на Србија, Слободан Милошевиќ и неговата политичка грубост.

Во тие моменти кога беше неизвесно како ќе реагираат ЈНА и Милошевиќ, рече Георгиевски, од денешна гледна точка пресудно беше единството околу идејата дека мора да се покрене процесот и да се оствари независност, без оглед на тогашните разлики како да се спроведе и успешно да се реализира таа цел.
Во своето обраќање на трибината, Васил Тупурковски се задржа на кристализирањето на концептот на изградба на граѓанска држава според Уставот, наспроти националниот концепт, и дека околу ова прашање биле пропуштени можности да се постигне заеднички пристап со политичките партии на Албанците во периодот непосредно по прогласувањето на независноста.

Мухамед Халили, како пратеник во првиот состав на плуралното Собрание, го истакна својот став дека за него историска вистина е дека првите парламентарни избори во фокусот ја немале независноста на државата, туку на унапредување на нејзините институции.
Сепак, клучен пресврт, рече Халили, беше распаѓањето на поранешниот сојуз на републики на Југославија што го постави прогласувањето на независност на тогашна Република Македонија како историска неизбежност.
Ѓулистана Маркоска во своето обраќање потенцираше дека заедништвото и единството на сите, на пратениците, на политичките партии и на граѓаните околу прогласувањето на независноста е една од најголемите вредности на тој процес.
Насер Зибери, сегашен народен правобранител и поранешен пратеник, истакна во периодот 1990-1991 тогашната партија ПДП имала цврсто изграден став дека доколку се случи заминување на една од републиките на СФРЈ, Македонија треба да си оди исто така.
Поранешниот министер за надворешни работи, Денко Малески, евоцираше дека неговата задача била волјата на народот изразена и низ декларациите за независност во Парламентот да ја спроведе на меѓународен план, а тој како министер, го презел МНР без никакво примопредавање и како извршен орган на Владата во кој никој не бил оспособен ниту подготвуван да работи на признавањето на Македонија како самостојна држава на меѓународен план.
„На првата конференцијата за Југославија со нашите ставови излеговме од сенката на СФРЈ, на Србија и на Милошевиќ“, рече Малески и додаде дека потоа следувало мислењето на комисијата на Бадинтер и признанието дека Република Македонија ги исполнува сите услови да биде прифатена и признаена како самостојна држава.
Во заклучните зборови на оваа трибина, премиерот Заев, како домаќин на учесниците во дебатата, нагласи дека презентираните сеќавања и дискусии се значајни записи и хроника за едно време.
Тој посочи дека најважната лекција која може да се извлече од годините кога конечно созреа и се спроведе одлуката за референдум за независност, е дека нашата земја, за разлика од тогашните други југословенски републики, својата независност ја стекнала без воени дејствија, по мирен пат.
„Тој начин на мирољубив и конструктивен пристап во решавањето и на најсложените прашања и конфликти е нашата константа која стана маркантна карактеристика за нашата земја и која како вредност ја препозна и меѓународната заедница“, истакна Заев во завршното обраќање на трибината „Патот на независноста“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Мицкоски: Барам смена на Љупчо Коцевски, не си ја врши својата работа добро
Премиерот Христијан Мицкоски се осврна на работата на јавниот обвинител Љупчо Коцевски, потенцирајќи дека ниту тој лично ниту јавноста не е задоволна од неговата работа и логичен слет на настани би било негова смена.
„Кога разговараме и кога ви велам дека не сум задоволен лично јас, но и јавноста од работата на јавниот обвинител, тогаш логичен след на настани после така јавно искажан збор е негова смена, многу јасно“, потенцираше Мицкоски.
Тој исто така додаде дека граѓаните акламативно мислат дека Коцевски не си ја врши својата работа доволно добро, а буџетот кој го добиваат е поголем од 75% од земјите на ЕУ.
„Најголемиот дел од граѓаните, огромен дел, би рекол акламативно мислат дека не си ја врши својата работа доволно добро и ако е политичката цена да ја платам и да бидам повторно дел од извештај во којшто ќе бидам критикуван, а притоа буџетот којшто го добиваат е очигледно поголем од 75% од земјите членки на ЕУ, нивни колеги, тогаш мислам дека некој треба да си го стави прстот на чело и да размисли што прави“, додаде Мицкоски во разговорот на „Топ тема“.
Премиерот рече и дека Владата не се меша во судството, но е одговорна за трошењето на секој денар народни пари. И кога тие народни пари ги троши некоја институција или орган од управата на државата, логично е да државата се грижи за тоа.
„Они велат за нас не се грижете, ние само ќе се грижиме а вас само ќе ве информираме. Ние велиме во ред, еве тоа ќе го прифатиме и ќе биде дел од законите. Но, не ја гледам потребата од зголемување на буџетот во услови кога и самиот Извештај дојден од Советот на Европа констатира дека буџетот кој што ние го издвојуваме е повисок како процент од БДП од 75 проценти од земјите членки од ЕУ. И сакам да поентирам, ние во минатото имавме експерименти кога обвинители земаа и по десет пати поголеми плати од тоа кое што земаа нивните колеги во СЈО, па знаете како завршија со Луј Витон торбички, со хонорари исплатени кои се бројат во десетици, би рекол стотици илјади евра, а правдата гледаме како заврши“, вели Мицкоски.
Во однос на тоа што има направено Владата во борба против криминалот и корупцијата, Мицкоски рече дека за разлика од претходно сега се отвораат истраги и се спроведуваат кривични пријави до правосудните органи.
„Еден врховен судија е фатен на дело како зема мито. Во тој случај заедно е замешан поранешен висок функционер во Обвинителството и во тој момент член на Советот на јавни обвинители, нешто што да речеме во минатото беше невозможно. За многу случаи од минатата влада се поднесоа кривични пријави, се почнаа истраги, дел од нив се во бегство, дел се тука, отпочнати се судски процеси. Имаме еден директно кој што беше директор во здравствен установа која што беше фатен со мито и беше приведен. Имаме директор кој што е дел од структурата на ВМРО-ДПМНЕ кој што исто така беше фатен со мито и сега е во притвор итн.“, посочи премиерот.
Премиерот Мицкоски нагласи дека обвинителите и судиите не ја искористија шансата да спроведат правда, потенцирајќи дека на сите анкети направени судството и обвинителството имаат најмала доверба од страна на граѓаните.
„Ние од прв ден рековме дека нема да влеземе и да правиме естрада, рековме дека ќе се бориме против криминалот и корупцијата, така и се однесуваме рековме дека ќе дадеме шанса, но не ја искористија таа шанса. Дали има некој во државата граѓанин што мисли дека овие членови во судскиот совет и обвинители се кредибилни личности во борба против криминалот и корупцијата? Јас не мислам и тоа го покажуваат бројките. На било кој анкета направена ќе видете дека граѓаните најмала доверба имаат во обвинителите и судиите“, дециден е Мицкоски.
Премиерот истакна и дека судиите во земјава бараат судски буџет далеку над европскиот просек, дури 75 отсто повеќе, но кои резултати ги покажале судиите за да го добиваат тој буџет, и затоа не гледа причина за зголемување на таа сума.
Македонија
Само еден месец по отворањето, Штип го издава Дино паркот под ќирија на 15 години
Еден месец откако беше промовиран, Дино паркот во Штип, со одлука на Советот на општината ќе биде даден под ќирија на 15 години. Почетната цена на месечниот закуп е 0,5 отсто од проценетата вредност, или 251.073 денари.
Со 17 гласови за и 6 против, во Советот донесена е одлуката за издавање под закуп на Дино паркот, јави „Канал 77“.
Советникот од Левица, Ангеле Михајловски пресмета дека со влезниците што се наплаќаат, заработката ќе биде поголема од закупот што ќе го добива општината.
„Однапред сте знаеле дека Дино паркот ќе го дадете на приватна фирма. Не може да ме убедите поинаку“, рече Михајловски од говорницата.
Немањето на капацитет, кадровски и финаиски ресурси за одржување на паркот од страна на општината и ЈП „Исар“ е причината поради која се издава Дино паркот, објасни Вишна Шорова – Ангелова, секретар на општината Штип.
„Штип е општина која постојано расте и се развива утврдивме потреба дека се потребни забавни површини со цел децата почесто да остануваат овде и да поминуваат повеќе време со родителите. Така ја утврдивме потребата, а се разбира и од комуникацијата со граѓаните. Овој износ, почетната месечна закупнина од 251 073 денари произлегува од Законот кој пропишшува дека доколку еден објект се даде под закуп истиот ќе има почетна цена од 0,5% од проценетата вредност“ – рече Шорова-Ангелова, пренесе штипската „МНет“.
Дополнително по давањето на Дино паркот под закуп ќе се одреди и цената на влезниците. Дино паркот во Штип беше изграден пред еден месец на површина од околу 10 илјади метри квадратни. Поставени се 50 експонати од кои 20 се виртуелни диносаурси кои реагираат на сенозри се движат и испуштаат крикови. Изминатиот период и посетеноста е доста голема особено за време на викендите.
Македонија
Во Битола разговори за европските проекти и нови можности за граѓаните
Во рамките на посетата на Битола, заменик-амбасадорот на Делегацијата на Европската Унија, Бен Нупнау, оствари официјална средба со градоначалникот на општината, Тони Коњановски.
На средбата двајцата соговорници разменија информации и мислења за европските проекти што во моментов се реализираат во општина Битола со поддршка од ЕУ преку различни програми. Посебен акцент беше ставен на тековните инвестиции, нивното значење за локалниот развој и потенцијалот за отворање нови можности за граѓаните.
Разговорот се фокусираше и на продлабочувањето на соработката меѓу Европската Унија и општината, како и на заклучоците од Извештајот за напредокот на Македонија во процесот на евроинтеграции.
Средбата заврши со заедничка оценка дека континуираната поддршка и партнерство се од клучно значење за успешно спроведување на реформските процеси и развојните иницијативи во Битола.

