Култура
Јапонија ни донираше над 600.000 евра за набавка на музички инструменти и техничка опрема во Националната опера и балет
Во фоајето на НУ Национална опера и балет (НОБ) денеска се одржа прес-конференција по повод реализацијата на проект од јапонската програма за развој на културата во висина од 79.800.000 јапонски јени (663.000 евра) што во целост беше финансиран од Владата на Јапонија, а беа набавени музички инструменти за музичарите, опрема за озвучување и осветлување за потребите на Националната опера и балет.
Координацијата и испораката на оваа донација како странска помош беше спроведена преку Секретаријатот за европски прашања, во соработка со Амбасадата на Јапонија во Северна Македонија, Јапонската агенција за меѓународна соработка (ЏАЈКА) и Министерството за култура. Во својство на национален координатор за странска помош, вицепремиерот Димитров нагласи дека Јапонија е традиционален пријател и донатор на Северна Македонија во повеќе области, а со овој проект се продлабочува културната соработка помеѓу двете земји.
„Јапонија е земја на инспирација и иновација, што географски е далечна од нас, но со поддршката од јапонската Влада, посветеноста и подготвеноста за соработка на Амбасадата и Јапонската агенција за меѓународна соработка, успешно се реализираат проекти преку кои се зближуваат нашите граѓани. Со овој проект во областа на културата верувам дека врските помеѓу двете земји дополнително ќе се зајакнат, како пример за глобално поврзување“, истакна Димитров.
На прес-конференцијата се обрати и јапонскиот амбасадор Н.Е. Савада Хинорори, којшто истакна дека во рамките на Иницијативата за соработка со Западен Балкан, Јапонија е сериозно посветена во поддршката за Северна Македонија кон одржлив економски и социјален развој, клучен за интеграцијата во Европската Унија. Тој посочи дека од 2001 година навака, ова е втор грант што Јапонија го доделува на Северна Македонија во полето на културата, имплементиран од страна на ЏАЈКА: „Освен за подобар перформанс на Националната опера и балет, би сакал оваа културна размена да придонесе и за размена на уметници“- заклучи амбасадорот Савада.
Заблагодарувајќи се за донацијата, во таа насока и министерката за култура Ирена Стефоска посака што поскоро на сцената на НОБ да настапат нашите и јапонските уметници: „Оваа донација ќе ги мотивира уметниците за поголема креативност на сцената и страст во музицирањето, што на крајот ќе биде врвно уживање за публиката, па дозволете ми, вредноста на оваа донација да ја опишам со три збора – мотив, квалитет, аплауз“ – додаде министерката Стефоска.
Претставникот на ЏАЈКА за овој регион Такеичи Џиро го изрази своето задоволство од оваа соработка со која се потврдува желбата за културна размена и поврзување.
Директорот на НОБ, Васо Ристов, се заблагодари на сите вклучени страни за успешната реализација на овој проект што претставувал голем предизвик за целиот тим, но отвора нови можности за соработка и унапредување на квалитетот на изведбите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Приказната за Брижит Бардо и синот што не го посакувала: се помириле дури во подоцнежните години
Филмската икона Брижит Бардо, која почина на 91-годишна возраст, зад себе остави еден син – Никола-Жак Шарије, дете чијшто доаѓање никогаш не го посакувала. Нивниот однос со децении бил исполнет со горчина, дистанца и судски спорови.
Бардо го родила синот во 1960 година, во брак со актерот Жак Шарије, нејзин колега од филмот „Бабет оди во војна“. Бременоста ја доживувала како најголема трагедија во животот и никогаш целосно не ја прифатила улогата на мајка. Во тоа време абортусот во Франција бил нелегален, а актерката, преплашена и очајна, безуспешно се обидувала да најде лекар што би ѝ помогнал да ја прекине бременоста.
Во своите мемоари „Initiales B.B.“ од 1996 година, Бардо го опишала детето што го носела како „мал тумор“. Напишала: „Го гледав мојот рамен, виток стомак во огледало како драг пријател, на чиј ковчег токму требаше да го спуштам капакот“. Во едно интервју изјавила дека „подобро би родила мало куче“.
За време на бременоста се удирала во стомакот, а од лекарите барала морфиум со надеж дека ќе предизвика абортус. Патела од мачнини и депресија и се криела од јавноста, бидејќи не сакала никој да ја види бремена.
Породувањето било вистински медиумски циркус што дополнително ја трауматизирало. „Беше лудило. Во мојата куќа беше поставена импровизирана породилна сала, фотографи зад прозорците, некои маскирани како лекари. Немаше никаква приватност. Беше ужасно“, напишала таа. Само осум месеци по породувањето, Бардо се обидела да си го одземе животот.
По разводот со Шарије во 1962 година, целосното старателство над синот му припаднало нему. Никола со години не ја гледал мајка си, а кога на 12-годишна возраст побарал да живее со неа – таа го одбила.
Односот со децении бил напнат. Никола не ја поканил мајка си на својата свадба во 1984 година, а по објавувањето на нејзината автобиографија целосно го прекинале контактот. Поради навредливите изјави ја тужел и добил отштета. Во 1990-тите се судриле и поради алиментација, кога судот ѝ наложил да му исплати 250.000 франци.
Сепак, во подоцнежните години односите се подобриле. Во интервју за „Var Matin“ во 2018 година, Бардо изјави: „Редовно се слушаме. Живее во Норвешка и ме посетува еднаш годишно, сам или со семејството, сопругата и моите внуки“. Додаде: „Го сакам на посебен начин. И тој ме сака мене“.
Никола-Жак денес има 65 години, живее во Норвешка со сопругата, има две ќерки и во меѓувреме станал и дедо.
Фото: Илустративна фотографија (Pexels)
Култура
Герасимовски: „Џез под ламба“ ги сплоти скопјани, незаборавна џез вечер и празнична магија во Центар
На пјацетата пред Италијанската амбасада граѓаните уживаа во музика, греано вино и печени костени.
Настанот „Џез под ламба“, во организација на Општина Центар, создаде пријатна празнична атмосфера, исполнета со џез верзии на познатите божиќни песни и стари шлагери во изведба на бендот на Мартина Елиора.
„Ме радува што настанов и годинава привлече голем број посетители. Овие радосни и среќни луѓе се доказ дека на градот му недостигаат вакви содржини. Џез под ламба прерасна во убава традиција, која ја збогати културната сцена во градот“, рече градоначалникот, Горан Герасимовски, кој заедно со скопјани уживаше во празничниот амбиент и џез атмосферата.
Герасимовски, ја искористи можноста да ги покани сограѓаните на централниот предновогодишен настан во организација на Општина Центар.
„Ги поканувам сите скопјани на 29 декември на големата предновогодишна забава “Вечер под ѕвездите” на Боемска улица! Преку ден подготвивме богата детска програма, а во вечерните часови музичка журка со Brass Brothers и Либеро бенд. Ветувам добра забава за сите генерации“, порача градоначалникот.
Култура
Почина Брижит Бардо
Француската актерка Брижит Бардо починала денеска на 91-годишна возраст, пренесе „Гардијан“.
Бардо, француска актерка и пејачка која стана меѓународен секс-симбол, а подоцна ѝ го сврте грбот на филмската индустрија и се посвети на борбата за правата на животните, починала во 91. година од животот.
Меѓународната слава ја стекна со филмот And God Created Woman од 1956 година, кој го напиша и режираше нејзиниот тогашен сопруг Роже Вадим. Во наредните две децении, Бардо беше олицетворение на архетипскиот „секс-симбол“. На почетокот на 1970-тите, таа објави дека се повлекува од глумата и стана сè поактивна во јавниот и политичкиот живот.
Нејзината отворена поддршка за правата на животните со текот на времето беше проследена и со контроверзни изјави за етничките малцинства и јавна поддршка на францускиот крајнодесничарски Национален фронт, поради што беше осудувана за расна омраза.
Родена во 1934 година во Париз, Бардо пораснала во богато, традиционално католичко семејство. Како талентирана танчерка, ѝ било дозволено да студира балет и добила место на престижниот Париски конзерваториум. Паралелно работела како манекенка и во 1950 година, на само 15 години, се појавила на насловната страница на списанието „Ел“.
Манекенската кариера ѝ ги отворила вратите кон филмот, а на една аудиција го запознала Роже Вадим, за кого се омажила во 1952 година, откако наполнила 18 години. По неколку помали улоги, се истакна и во филмот Doctor at Sea од 1955 година, кој беше голем хит во Велика Британија.
Филмот And God Created Woman, во кој ја играше улогата на ослободена тинејџерка во Сен Тропе, го зацврсти нејзиниот имиџ и ја претвори во светска икона. Филмот доживеа голем успех во Франција и во светот и ја лансираше Бардо меѓу најголемите француски филмски ѕвезди.
Во 1960-тите години, Бардо се појави во низа значајни француски филмови, меѓу кои The Truth на Анри-Жорж Клузо, номиниран за Оскар, Very Private Affair на Луј Мал и Contempt на Жан-Лик Годар. Подоцна прифати и холивудски понуди, како Viva Maria! и вестернот Shalako со Шон Конери.
Во интервју за „Гардијан“ во 1996 година, Бардо изјави дека притисокот од славата го доживувала како товар, велејќи дека никогаш не била подготвена за живот на ѕвезда. Од глумата се повлече во 1973 година, на 39-годишна возраст. Потоа целосно се посвети на активизмот за заштита на животните, учествуваше во протести против ловот на фоки и во 1986 година ја основа Фондацијата „Брижит Бардо“.

