Економија
Од денеска редовни летови од Скопје до Санкт Петербург
ТАВ Македонија, попладнево, во 13:35 часот, го пречека првиот лет од аеродромот Пулково во Санкт Петербург на Меѓународниот аеродром Скопје, на кој лета авиокомпанијата „Нордвинд“, со што се одбележа отворањето на оваа нова авиолинија.
Од денес, 21 септември 2021 година, Нордвинд ќе сообраќа од Санкт Петербург до Скопје, еднаш неделно, секој вторник, со време на пристигнување на Меѓународниот аеродром Скопје – 13:35 часот и време на заминување кон Аеродромот Пулково во Санкт Петербург – 14:40 часот. Времетраењето на летот меѓу двата града е 3 часови и 25 минути.
Според најавениот ред на летање на авиокомпанијата, овие времиња ќе важат до крајот на октомври, кога и завршува летната сезона. Од 2 ноември 2021 година, Нордвинд ќе сообраќа од Санкт Петербург до Скопје, секој вторник, со време на пристигнување на скопскиот аеродром – 15:45 часот и време на заминување кон Аеродромот Пулково – 16:45 часот.
„Санкт Петербург е втората дестинација во Русија воведена од Нордвинд од Меѓународниот аеродром Скопје, по воведувањето на авиолинијата Москва – Скопје во јуни оваа година. Оваа воздушна конекција до Санкт Петербург се воспоставува за првпат во историјата на македонските аеродроми. Отсега, Скопје се поврзува со авиолинија со Санкт Петербург, благодарение на Нордвинд. Среќни сме за нивниот интерес да го развиваат сообраќајот меѓу Република Северна Македонија и Руската Федерација. Како ТАВ, искрено веруваме дека македонските патници ќе ја искористат можноста да го откријат историското и културното наследство на ова прекрасно пристаниште на Балтичкото Море, поранешната царска престолнина на Русија прекрасно опишана во руската литература. Во исто време, граѓаните на Санкт Петербург ќе имаат можност да пристигнат со авион до Скопје за само 3 часа и 25 минути и да уживаат во убавините на Македонија и соседниот регион“, изјави Метин Батак, Генерален директор на ТАВ Македонија.
Детални информации за резервации на авиобилети на веб-страницата на Нордвинд: https://nordwindairlines.ru/ru каде сите патници можат да користат дополнителни услуги за удобен лет, како што се избор на седиште во авионот, избор на оброк, дополнителен багаж, дополнително место во близина, како и други онлајн услуги.
„Ние како Нордвинд eрлајнс сме горди што сме првата авиокомпанија која ги поврзува двата града со директен лет; главниот град на културата на Русија – Санкт Петербург и прекрасниот град Скопје. Почнуваме со летот секој вторник, или со еден лет неделно, со многу комфорен распоред. Како една од водечките авиокомпании во Русија со 8 милиони патници на годишно ниво и флота од 60 воздухоплови, Нордвинд ерлајнс им нуди на патниците не само можност за истражување на неверојатната историја, архитектура, природа, поставки, туку и на многу други атракции на Санкт Петербург. Исто така сакаме да им се заблагодариме на ТАВ Македонија за нивната ефикасна соработка и топлото добредојде. Уште еднаш, би сакале да ви се заблагодариме на сите вас што сте тука и да ви понудиме да го посетите нашиот прекрасен град, Санкт Петербург“, изјави Ибрахим Јилдиз, Директор за приходи на Нордвинд ерлајнс.
Само пред 3,5 месеци, на 4 јуни 2021 година, Нордвинд Ерлајнс почна да сообраќа од Меѓународниот аеродром Скопје до Меѓународниот Аеродром Шереметјево во Москва, воспоставувајќи нова редовна директна авиолинија меѓу двата главни града, по 20 годишна пауза.
Нордвинд е една од најголемите авиокомпании во Русија според бројот на патници и ја има една од најразвиените мрежи на авиолинии во земјата. Базата на Нордвинд е Меѓународниот аеродром Шереметјево во Москва. Со флексибилни авионски билети, погоден ред на летови и бонуси во програмите за лојалност, летовите со Нордвинд ќе бидат успешен почеток за патувања на бизнис-патниците, како и оние кои сакаат да уживаат во планираниот одмор.
ТАВ Македонија ги заврши првите 8 месеци од 2021 година со вкупно 849 илјади патници на двата македонски аеродрома – Меѓународен аеродром Скопје и Аеродромот Св. Апостол Павле Охрид, што претставува пад од 52% на годишно ниво споредено со периодот јануари – август 2019 година, и 48% пораст на годишно ниво споредено со истиот период, јануари – август 2020 година, кога аеродромите беа најтешко погодени од ковид-кризата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Божиновска на средби со меѓународни партнери за унапредување на енергетиката и рударството
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, денеска оствари низа работни средби со меѓународни партнери со цел продлабочување на соработката и размена на искуства во енергетскиот и рударскиот сектор.
На средба со амбасадорот на Кралството Шведска во Република Северна Македонија, Ола Солстром, беше разговарано за интензивирање на билатералната соработка во секторот рударство, вклучително размена на добри практики од шведски експерти и соработка со македонските универзитети за унапредување на техничките и научните капацитети. Дополнително, на средбата беа разгледани теми поврзани со развој на обновливи извори на енергија и проекти за подобрување на квалитетот на амбиенталниот воздух како дел од заложбите за одржлив економски развој и зелена транзиција.
Министерката Божиновска оствари средба и со амбасадорката на Кралството Холандија, Узлем Џанел, со која разговараа за унапредување на соработката во енергетскиот сектор, вклучително поддршка за обновливи извори на енергија, зајакнување на енергетската ефикасност. Соговорниците ja нагласија важностa од континуирана експертска соработка и размена на иновативни решенија помеѓу двете земји.
Божиновска оствари средба и со преставници на Strategic and Social Research Foundation – Marmara Group. Фокус на разговорот беше организацијата на 29-тиот Евроазиски Економски Самит и официјалната покана до министерката Божиновска за учество на Самитот. На средбата се разговараше и за инвестициони можности во соларната енергија, како и тековните активности и планови на Министерството за енергетика.
Министерката Божиновска ја истакна важноста на овие средби за промоција на Северна Македонија како модерна, инвестиционо атрактивна и еколошки одговорна земја, која континуирано го унапредува енергетскиот и рударскиот сектор и ја зајакнува регионалната соработка.
Економија
Мицкоски: Очекувам убави вести за шеесетина македонски производи да се извезуваат во САД по повластена тарифа
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Христијан Мицкоски денеска одговарајќи на новинарско прашање во однос на очекувањата за поволна одлука за тарифите од САД, изјави:
„Да, очекувам денеска убава вест. Изминативе месеци жестоко преговаравме. Се сеќавате тогаш кога излегуваа голем дел од опозициските, условно кажано, медиуми коишто критикуваа како Македонија добила 34% тарифи, не знам што и не знам како. Очекувам сето тоа да биде потврдено со заедничка изјава денеска. Очекувам поволни вести од таму и очекувам негде околу 63-64 производи коишто се за нас стратешки, да бидат со повластена тарифа којашто ќе биде едноцифрена и ќе се движи меѓу 0 и 6,5%.“
фото/Depositphotos
Економија
Премиерот најави стабилизирање на инфлацијата: „Очекувам да се движиме околу 3 проценти“
Премиерот, Христијан Мицкоски, одговарајќи денеска на новинарско прашање за инфлацијата, изјави дека очекува стабилизирање на ценовните движења во 2024 година.
„Како што веќе кажав во неколку наврати, очекувам инфлацијата оваа година да се стабилизира под 3 проценти“, рече Мицкоски.
„Очекувам месечна негативна динамика, односно опаѓање споредено со лани. Во јануари минатата година имавме т.н. кошничка, па очекувам оваа година да се движиме некаде околу 3 отсто – можеби малку под или малку над – но со јасна негативна тенденција месец за месец.“
Тој додаде дека во следните денови се очекува објавување на параметрите од страна на надлежните институции, и нагласи дека Владата спроведува политики што се во интерес на стандардот на граѓаните:
„Водиме домаќински политики, работиме на консолидација на состојбите. Од хаотична ситуација, распаднати институции и уништен систем, дојдовме до точка каде можеме да кажеме дека сме стабилизирани. Сега е време да ја развиваме Македонија каква што ја посакуваат сите граѓани“, додаде премиерот.

