Регион
Напнато на косовската граница: полицијата се обидела да извлече Србин од автомобил, КФОР спречил инцидент
Ситуацијата кај граничниот премин Брњак во Косово денеска е крајно напната откога припадници на специјалните единици на косовската полиција се обиделе насилно да извлечат возач од автомобил со регистарски таблички на Косовска Митровица.
Во својата намера тие и ќе успееле доколку не интервенирала патрола на КФОР (меѓународни мировни сили предводени од НАТО), која во тоа време била на местото на инцидентот, пишува „Косово онлајн“.
Според непотврдени информации, полицијата побарала од еден српски државјанин да излезе од автомобилот и да ги отстрани регистарските таблички, што тој го одбил, па почнале да го извлекуваат од автомобилот.
Во тој момент наводно реагирале припадниците на КФОР и ја смириле целата ситуација. Се собрале и поголем број Срби, кои протестираат на тоа место, а возачот успеал да се засолни на безбедно.
Ситуацијата на тој административен премин во моментовт и натаму е многу напната бидејќи, според информациите од регионалните медиуми, припадниците на специјалната косовска полиција се обидуваат да ги принудат сите возачи да ги отстранат српските регистарски таблички од своите возила.
Косовската влада во понеделникот воведе мерка за реципроцитет не дозволувајќи возила со српски регистарски таблички да влезат во Косово и Метохија. Возачите со вакви таблички на влезот во Косово мора да земат привремени регистрации, исто како што граѓаните на Косово се должни да ги сменат регистарските таблички со ознака РКС при влез во Србија.
Покрај тоа, косовските власти тврдат дека табличките од северот на Косово (КС) веќе не се легални, а единствени валидни таблички се оние со ознака РКС (Република Косово).
Мерката предизвика протести на Србите во северно Косово и официјален Белград. На првиот ден од протестот косовската полиција фрлаше и солзавец врз Србите собрани кај Брњак.
Косовската полиција соопшти дека издала 1.455 пробни регистарски таблички за 24 часа, но новинар на РТС јави дека во општините од северот на Косово и Метохија и натаму се возат автомобили со српски таблички.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Во Загреб падна замрзнат дожд
Поради најавените ниски температури и замрзнат дожд, за кои Државниот хидрометеоролошки завод издаде портокалово предупредување, постои ризик од формирање мраз на тротоарите и други површини во Загреб, објави Градот Загреб, пренесува Индекс.хр.
Градот известува дека возилата на Зимската служба на Загребските патишта превентивно ги посолуваат патиштата во областа на Загреб.
Градот Загреб апелира до сите учесници во сообраќајот, возачи и пешаци, да ги прилагодат своите движења на тешките и потенцијално опасни временски услови. На возачите им се препорачува да избегнуваат непотребно патување, да возат побавно со поголем растојание помеѓу возилата, да избегнуваат нагло сопирање и забрзување и да користат зимска опрема и соодветни гуми. Посебна претпазливост е потребна на мостовите, надвозниците и кривините.
Пешаците се повикуваат да бидат дополнително внимателни, да се движат побавно, да носат соодветни обувки и да избегнуваат замрзнати површини секогаш кога е можно.
фото/депозитфотос
Регион
Поплави во Драч: евакуирани 180 лица, поплавени околу 800 домови
Министерот за одбрана на Албанија Пиро Венгу го свика Комитетот за цивилни вонредни ситуации за регионот Драч поради поплавите, каде состојбата е најкритична. Според него, поплавени се околу 800 домови, а 180 лица се евакуирани.
Венгу информира дека сите надлежни структури се на терен и дека состојбата континуирано се следи, додека опасноста сè уште не е помината. Институтот за геолошки науки предупреди дека и денеска се очекуваат интензивни врнежи од дожд, со можност за дополнително зголемување на поплавите.
Фото: илустрација (ЕПА)
Регион
Обилните дождови ги затворија патиштата во Црна Гора, се заканува раст на Скадарското Езеро
Неколку патишта беа затворени низ Црна Гора денес поради обилни врнежи од дожд во изминатите 24 часа. Водата се заканува и на бројни домови, а се очекува нивото на водата на Скадарското Езеро да се зголеми во текот на ноќта кон среда.
Црногорското Министерство за внатрешни работи објави дека последиците од обилните врнежи од дожд се регистрирани во општините Никшиќ, Даниловград, Мојковац, Бијело Поље, Улцињ, Плевља, Подгорица, Колашин и Беране.
„Поради лизгање на земјиштето и излевање на реките, сообраќајот е прекинат на неколку патни правци“, се вели во соопштението на црногорското Министерство за внатрешни работи.
Според најновите информации од 15 часот, нивото на водата на сите реки се намалува, освен на реката Зета и Скадарското Езеро, кое Црна Гора го дели со Албанија. Околу две третини од ова езеро, најголемо на Балканот, ѝ припаѓа на Црна Гора, а една третина на Албанија.
Во текот на ноќта се очекува нивото на водата на Скадарското Езеро да се зголеми поради контролираното испуштање вода од хидроелектраните на реката Дрим, кое го спроведува албанската страна.
Албанскиот премиер Еди Рама претходно во вторник изјави дека, поради зголемениот проток на реката Дрим, започнале контролирани испуштања вода од хидроелектраните што би можело да доведе до ненадејно зголемување на нивото на Скадарското Езеро.

