Македонија
(Видео) Граѓаните електронски ќе може да поднесуваат поплаки за јавната администрација
Граѓаните од утре електронски ќе може да поднесуваат поплаки поврзани со услугите кои ги дава јавната администрација.
„Веќе од утре граѓаните непречено ќе можат да го користат и преку интернет да ги поднесуваат своите пријави коишто се поврзани со услугите кои ги дава администрацијата или со корупција. Овој систем е од огромно значење, затоа што со него ќе се овозможи ефикасно и ефективно водење на постапките за добивање на услугите, но и навремено постапување на институциите по барањата на граѓаните. Овој систем е уште една алатка што ќе ни помогне во бескомпромисната борба против корупцијата“, изјави вицепремиерот задолжен за борба против корупцијата и криминалот, одржлив развој и човечки ресурси, Љупчо Николовски.
Електронскиот систем е имплементиран како посебен модул во рамки на Националниот портал за електронски услуги. Преку него граѓаните и правните лица ќе можат да испратат пријава за која било услуга до институција, како најавени корисници или анонимно со можност за евидентирање на поплаката или пријавата.
Истото ќе можат да го сторат и преку телефон, за што ќе се воспостави повикувачки центар и ќе се отвори наменска телефонска линија. Телефонскиот број на којшто ќе може да се пријавува 02/3150-050 и истиот ќе биде јавно достапен.
Пријави и поплаки ќе може да се поднесуваат до сите институции коишто се наоѓаат во рамките на регистарот на институции во административната алатка, тоа се сите институции кои се во рамки на државната управа со исклучок на општините и правосудните органи. Системот опфаќа услуги кои ги нудат 83 институции, а поплаките се поднесуваат за тековно отворени барања за услуги пред институциите.
За да може да се мониторира, системот ќе генерира месечни извештаи за вкупен број примени пријави/претставки и предлози, вкупен број примени пријави/претставки и предлози по институција и област, вкупен број пријави/претставки и предлози за кои е задоцнето постапувањето, како и колку од нив се прифатени, одбиени или препратени. Овие извештаи ќе бидат основа за соодветни анализи за предлагање соодветни мерки и активности во конкретните области.
Електронскиот систем за онлајн поднесување и следење пријави е подготвен со финансиска поддршка од Проектот на УСАИД за граѓанско учество.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Скопје утрово го сруши рекордот, најзагаден град е во Европа
Скопје утрово се најде на 21. место на најзагадени градови светот и прв во Европа, покажуваат податоците на светскиот сервис на мерење на квалитетот на амбиенталниот воздух „Ај-кју ер“ (IQAir).
Според последните податоци, индексот на загаденост за Скопје во 9 часот изнесува 95, што е во категоријата на средна загаденост.
Од европските градови зад Скопје се Амстердам , Сараево и Белград, додека на светско ниво најзагаден воздух дишат жителите на Лахор (Пакистан), Делхи (Индија) и Карачи (Пакистан).
Министерството за животна средина и просторно планирање завчера издаде препораки до граѓаните за заштита од загадувањето. На сите работодавци и им се препорачува да ги ослободат од работни обврски бремените жени, лицата постари од 60 години, како и граѓаните со хронична астма, прележан срцев удар или мозочен удар, без оглед на возраста. На оние кои мора да работат на отворено им се препорачува смените да им бидат поместени во интервалот од 11 до 17 часот.
Македонија
Татко и син тргувале со марихуана
Основното јавно обвинителство Гевгелија донесе наредба за спроведување истражна постапка против две лица, татко и син од гевгелиското село Богородица, за кои постои основано сомнение дека сториле кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори“ од член 215 став 1 од Кривичниот законик.
При претрес со судска наредба во домот на осомничениот татко на 17 декември, како што информираат од Обвинителство, биле откриени околу 150 грама марихуана во разни пакувања, семки од канабис, метални и пластични грендери, две дигитални ваги, три бонга, како и шатор со електрична инсталација, светилки, ламби и мерачи на температура кои служеле за претходно производство на наркотична дрога-марихуана.
-Осомничениот син, пак, посредувал во купопродажбата на марихуаната. Дрогата која ја зел од неговиот татко со намера да ја препродаде, ја однел во куќата на дедо му каде престојувал. Кога полициските службеници отишле и таму да вршат претрес, тој ја заклучил влезната врата, наркотичната дрога ја фрлил во ВЦ шолјата и пуштил вода, а се обидел да се ослободи и од дигитална вага со остатоци од дрога, се вели во соопштението од ЈОРСМ.
Бидејќи постојат околности кои го оправдуваат стравот дека осомничените ќе се дадат во бегство или дека ќе ја попречуваат кривичната постапка со влијание врз сведоците на кривичното дело јавниот обвинител до судијата на претходна постапка во Гевгелија доставил предлог за определување мерка куќен притвор, како и дополнителна мерка на претпазливост – привремено одземање на патните исправи.
Македонија
АХВ откри над 2 тони киви со ларви и инсекти кои требало да се продаваат во државава
Поради променети органолептички својства и утврдено присуство на ларви и инсекти, инспектор за храна на Агенцијата за храна и ветеринарство, неделава забрани увоз на 22,3 тони киви наменети за индустриска преработка и издаде решение со наредба за нештетно уништување.
Како што информираат од АХЦ, станува збор за 22.340 килограми од овој вид овошје, увоз од Република Србија, за која пратка, со органолептички преглед од страна на инспектор за храна, утврдено е дека истата не е безбедна за увоз и за понатамошна преработка.
-На увозникот издедено му е решение со наредба за нештетно уништување на спорните количини киви, по добиеното известување од негова страна дека пратката не може да се врати во земјата извозник, стои во соопштението од Агенција за храна и ветеринарство.

