Економија
Средба на гувернеркатав Ангеловска-Бежоска со шпанскиот амбасадор, Сера
Активностите за поголема транспарентност, коишто постојано се преземаат од Народната банка, придонесуваат за кредибилитетот на политиките коишто ги води Народната банка, како и за стабилноста на финансискиот систем. Ова беше оценето на средбата помеѓу гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска и амбасадорот на Кралството Шпанија во земјава, Емилио Лоренцо Сера.
Неговата екселенција, амбасадорот Сера, посочи дека го поддржува транспарентното работење на Народната банка и информирање на јавноста, особено во делот на макроекономските показатели и проекции и движењата во банкарскиот систем, како основа за појасно разбирање на макроекономските состојби во државата.
На средбата, гувернерката на Народната банка се осврна на економската состојба во оваа година, при што посочи дека олабавената монетарна политика придонесува за закрепнување на економијата. Во првата половина од оваа година е остварен раст од 5,2%, што речиси во целост се совпаѓа со проекциите на Народната банка (5,4%). Согласно со последните макроекономски проекции, очекувањата се дека економската активност ќе се врати на преткризното ниво од почетокот на 2022 година. Притоа, гувернерката Ангеловска-Бежоска посочи дека мерките на Народната банка овозможија намалување на цените на кредитите и постојан кредитен раст во текот на пандемијата. Оттука, беше оценето дека банкарскиот сектор досега добро се справува со ризиците од пандемијата и е подготвен да им одговори на предизвиците и во следниот период. Постепеното закрепнување на економијата, коешто е во тек, позитивно придонесува за одржување на макроекономската и финансиската стабилност и ги ублажува системските ризици. Сепак, неизвесниот карактер на корона-кризата наметнува потреба од постојана подготвеност и будно следење на состојбите, заради преземање соодветни мерки за справување со предизвиците.
На средбата се разговараше и за европските перспективи на нашата држава, при што беше оценето дека евроинтеграцискиот процес има потенцијал да придонесе за јакнење на институционалниот потенцијал и за спроведувањето на структурните реформи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Меморандум за соработка во полето на гасниот сектор помеѓу Македонија и Србија: ќе се испитува можноста за развој на нова директна врска меѓу двата системи за гас
Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини на Република Северна Македонија склучи Меморандум за соработка во полето на гасниот сектор со Министерството за рударство и енергетика на Република Србија, во просториите на Владата.
Гасниот интерконектор Северна Македонија – Србија е означен како Водечки проект за енергетиски мрежи во рамки на ЕУСАИР (EU Strategy for the Adriatic and Ionian Region) со што ќе се обезбеди сигурност во снабдувањето за регионот на Југоисточна Европа и ЕУ по пат на имплементација на проектите од Јужниот гасен коридор на ЕУ и Трансбалканскиот гасен прстен, преку диверзификација на рутите и изворите за снабдување со гас.
Со меморандумот се предвидува испитување на можноста за развој на нова директна врска меѓу двата системи за гас. Во рок од 9 месеци ќе се изработи Физибилити студија и Студија за оценка на влијание на проектот врз животната и социјалната средина за новата гасна интерконекција помеѓу државите.
Врз основа на резултатите од техничките и пазарни истражување и земајќи ја во предвид постојната инфраструктура за пренос на гас кај двете страни, Страните ќе ги анализираат и ќе превземат соодветни одлуки за реализација на проектот и координирање на понатамошни дејствија.
Економија
Зголемување на цената на горивата
Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија (РКЕ) донесе Одлука со која се врши зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 1,81% во однос на одлуката од 30.9.2024 година.
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 и на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) се зголемуваат за 1,00 ден/лит.
Малопродажната цена на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се зголемува за 1,50 ден/лит.
Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се зголемува за 1,108 ден/кг и сега ќе изнесува 42,780 ден/кг.
Економија
Претседателката на ММФ: Живееме во свет на бавен економски раст и високи долгови
Меѓународниот монетарен фонд може да им помогне на земјите да се приспособат на бавниот економски раст и високиот долг бидејќи ова е светот во кој моментно живееме, изјави денеска претседателката на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), Кристалина Георгиева, на конференцијата за одржливост во Хамбург.
Според неа, тоа значи дека реформите што придонесуваат за раст, подобрување на инвестициската клима и напредок на пазарот на трудот треба безмилосно да се одложат.
„Меѓународниот монетарен фонд може да им помогне на своите членки да ги спроведат неопходните реформи, со што овие земји ќе имаат потенцијал да го зголемат растот на БДП во текот на четири години за осум отсто“, додаде Георгиева, пренесува „Танјуг“.
Конференцијата беше отворена со говорот на германскиот канцелар, Олаф Шолц.