Македонија
Пендаровски се сретна со претставници од Американско-еврејскиот комитет во Њујорк
Претседателот Стево Пендаровски оствари средба со претставници на Американско-еврејскиот комитет во Њујорк, за време на посетата на САД по повод неговото учество на 76. Генерално собрание на Обединетите нации.
Тој изрази задоволство од билатералните односи на Северна Македонија со САД и со Израел, на кои нашата држава придава големо значење и притоа го изрази постојаниот интерес за понатамошна промоција и зајакнување на односите во сите области од заеднички интерес со двете држави.
На средбата, претседателот Пендаровски ја нагласи важноста од одржување редовни контакти со израелските колеги, како и со претставниците на Американско-еврејскиот комитет, Светскиот еврејски конгрес, Еврејската агенција и преживеаните од холокаустот.
Во тој контекст, претседателот изрази очекување дека одличното ниво на дијалог, соработка и меѓусебно почитување и разбирање со Американско-еврејскиот комитет во наредниот период ќе продолжи со истата динамика. Тој изрази и уверување за уште поплодна соработка во сите области од заеднички интерес, имајќи ги предвид истите заложби за мир, демократија и просперитет на глобално ниво.
Претседателот, нагласувајќи ја важноста што Северна Македонија ја придава на Еврејската заедница во нашата држава подвлече дека Меморијалниот центар на Холокаустот во Скопје спроведува долгорочна мисија за промоција, едукација и истражување за сеќавањето на Холокаустот во насока на борба против опасностите од секаков вид нетолеранција, шовинизам и антисемитизам, а со цел изградба на општество во кое се негуваат и целосно се почитуваат етничката и верската разноликост.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Дел од Бутел утре без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека утре поради изведување на водоводен приклучок ф-225мм на Радишанска Лево бб (Бел Камен), општина Бутел, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од истата улица.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 10:00 часот до завршување со санација на дефектот.
Македонија
(Видео) Се уриваат дискотеките во Градски парк, ќе се гради нов Луна парк
Старите дискотеки во Градскиот парк во Скопје ќе бидат урнати, а на нивно место ќе се изгради нов Луна парк, најави градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.
Уривањето на дискотеките и расчистувањето на просторот веќе е започнато, а нема најава кога ќе почне изградбата на новиот Луна Парк.
Ѓорѓиевски објави видео на кое, како што вели, се отстрануваат старите бесправно изградени дискотеки, со што локацијата се подготвува за реализација на проектот – изградба на Луна паркот во Скопје.
„Ред мора да има! Се расчистува просторот за изградба на луна паркот. Старите бесправно изградени дискотеки во Градскиот парк заминуваат во историјата. Како што ветив, најдоброто за Скопје“, напиша тој.
Македонија
АХВ нема да постапува по анонимно поднесени претставки
Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) ги информира физичките и правните лица дека согласно член 62 став 3 од новиот Закон за инспекциски надзор, кој е во сила од 01.01.2026 година, инспекциските служби на АХВ нема да постапуваат по анонимно поднесени иницијативи за спроведување на инспекциски надзор за прашања од делокруг на работењето на институцијата.
Постапувањето по иницијативите кои се уредно поднесени ќе се реализира согласно Процедурата за постапување по иницијативи за инспекциски надзор на АХВ.
Иницијативата може да се поднесе директно до АХВ преку контакт формата Поднесете претставка објавена на интернет страната на Агенцијата, електронски на [email protected], [email protected], како и лично во секоја подрачна единица на АХВ, на соодветен образец за поднесување иницијативи.
„Иницијативата задолжително треба да содржи назив на инспекцијата до која се поднесува, име, презиме и адреса на подносителот, односно, назив и седиште на правното лице, законски застапник или полномошник доколку го има, краток опис на повредата и назначување на субјектот кај кој се бара вршење на инспекциски надзор.
Доколку поднесената иницијатива е нецелосна или нејасна, таа ќе се врати до подносителот кој треба да ја прецизира/дополни во рок кој не подолг од 7 дена. Доколку подносителот не ја дополни иницијативата во определениот рок ќе се смета дека истата е повлечена“, соопшти Агенцијата за храна и ветеринарство.

