Македонија
Тетовец измамен од сограѓанин, дал 1.300 евра за парцела на Попова Шапка

Педесетгодишен тетовец пријавил дека бил измамен од сограѓанин.
Според информациите од полицијата, двајцата пред околу девет месеци тие се договориле на оштетениот да му биде обезбедена парцела на Попова Шапка за сума од 1.300 евра. Тетовецот ги дал парите, но откако проверил дека не постои таква парцела побарал да му бидат вратени, по што добил назад само 610 евра.
Се работи на расчистување на случајот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
(Видео) СДСМ го повика Обвинителството да отвори нова истрага за случајот со сертификатот на Христовски

Социјалдемократскиот сојуз на Македонија бара нова истрага од страна на Обвинителството за јазичниот сертификат на директорот на Агенцијата за национална безбедност (АНБ), Бојан Христовски, по истражувањето на БИРН.
Портпаролката Богданка Кузеска истакна дека за јазичниот сертификат Христовски полагал од дома, додека во интервјуто за македонски медиум Христовски рече дека полагал преку јазичното студио „Јулија“ во Пловдив.
„Дали Христовски излажал за да покрие скандалот? Понатаму, трите дела од испитот, читање, слушање и пишување, Христовски ги полагал на ист датум, на 22 март 2022 година а делот „говорење“ го полагал пет дена порано. Тоа е спротивно на правилата на ЕТS, каде тестот трае околу два часа за сите четири дела, а паузите се забранети“, изјави Кузеска.
Дополнително, како што рече Кузеска, на самиот документ стои дека резултатите од сертификатот важат две години, значи март 2024 година, а Христовски беше именуван за директор во октомври 2024 година, што значи седум месеци по истекот на важењето. Очигледно, вели Кузеска, и приложениот сертификат од страна на Христовски е со помината важност.
Додаде дека клучен факт е тоа што кодот на тест-центарот наведен во сертификатот на Христовски не е од Пловдив, како што тврдеше тој, туку Софија и нема никаква врска со студиото „Јулија“ на кое се повикува директорот на АНБ. Дополнително, документот што го покажува неговиот резултат е верзија што може самиот кандидат да ја испечати, без никаква гаранција за автентичност од ETS, додаде Кузеска.
Партијата повика на отворање на нова, независна истрага за случајот Христовски. Понатаму, Јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција да го отвори предметот бидејќи по Закон е надлежна. Обвинителството да побара од ETS – единствената овластена институција – да ги открие официјалните податоци за полагањето на Бојан Христовски. Јавноста да ја дознае целата вистина а сите инволвираи во овој скандал да одговараат.
Македонија
Движењето со инвалидски колички во Скопје е можно само ако можат да летаат – активистите со провокативна акција

Група млади активисти и уметници под менторство на програмата за креативен активизам на Центарот за современи уметности реализираа впечатлива и провокативна уметничка интервенција под наслов „Ограничена Мобилност, со цел да ја подигнат јавната свест за секојдневните предизвици со кои се соочуваат лицата со попреченост, постарите граѓани со намалена подвижност, како и младите родители што секојдневно се движат низ градот со детски колички.
Во рамките на оваа креативна акција, стари и нефункционални инвалидски колички беа трансформирани во имагинарни „летечки колички“. Опремени со крилја и пропелери, овие симболични објекти пренесуваат моќна порака: во денешно Скопје, за многумина движењето низ јавниот простор е возможно — само доколку можат да летаат.
И покрај долготрајните јавни дискусии, голем дел од скопските улици, тротоари, институции, трговски центри и јавен превоз сè уште се физички недостапни за лицата кои користат помагала за движење. Симболичната интервенција се одвиваше на повеќе локации низ Скопје, во соработка со локални жители и претставници на лица со ограничена подвижност.
„Со оваа акција, како уметници и активисти сакаме да испратиме јасна порака за систематското институционално и инфраструктурно занемарување на лицата со ограничена мобилност, кое исклучува илјадници граѓани од полноправно учество во општествениот, социјалниот, културниот и економскиот живот. Сметаме дека пристапноста не е привилегија — таа е основно човеково право“, порачаа активистите.
Во понеделник ќе биде организирана уште една слична акција а во вторник 24 јуни од 20 часот во Мобилната монтажна галерија ќе биде отворена изложба со наслов Ограничена Мобилност.
Иницијативата се реализира како дел од регионалниот проект „Млади, култура и активизам за промени“, кој заеднички го организираат Центарот за современа уметност – Скопје и DELI – Простор за креативна активност од Ниш. Проектот е финансиски поддржан од Регионалната канцеларија за младинска соработка (RYCO).
Македонија
Бесплтно летувње за деца од социјален ризик и спортски таленти во Кисела Вода

Градоначалникот на општина Кисела Вода Орце Ѓорѓиевски, сподели дека е обезбеден бесплатен спортско-едукативен камп за децата од социјален ризик и спортските таленти на територијата на општината. Како што посочи, во август ќе заминат на бесплатно летување во Охрид каде што ќе можат да се дружат, социјализираат и да се едуцираат.
Во месец август, бесплатен летен спортско-едукативен камп ќе посетуваат учениците од социјално ранливите семејства и младинските екипи составени од ученици кои учат во основните училишта во Кисела вода, а се членови на спортските клубови регистрирани на територија на општината.
„Оваа иницијатива, која е плод на посветеноста за промовирање на спортот и здравиот начин на живот, ги промовира и еднаквите можности за учество и развој на сите деца без разлика на нивната финансиска состојба.
Овој бесплатен седумдневен камп на брегот на Охридското Езеро ќе биде повеќе од обично дружење.
Тој претставува можност за нашите ученици да се социјализираат, да создадат нови пријателства и да ги развиваат своите спортски таленти.
Верувам дека преку вакви активности, децата ќе можат да ги зајакнат своите спортски вештини, но и да научат важни животни лекции за тимска работа, дисциплина и посветеност.
Овие спортски кампови се стимул за спортистите да продолжат да се натпреваруваат и да ги постигнуваат своите цели, но исто така претставуваат и обид да се избегне маргинализацијата на децата од социјално загрозените семејства.
Сите деца, без разлика на нивната социјална позадина, треба да имаат еднаква шанса за успех и развој.
Се гледаме на заедничко дружење од кое ќе останат многу спомени!“, изјави Ѓорѓиевски.