Култура
„Филмска училница“ – проект за креативна едукација од областа на филмот за средношколците
Кинотекa продолжува со својата филмска училница – проект за креативна едукација од областа на филмот и аудио-визуелното наследство, наменет за ученици од средните училишта.
„Гледај филмови, учи и создавај“ е мотото на интерактивната филмска училница преку која учесниците ќе можат да се запознаат со националното аудио-визуелно културно наследство, со основите на филмскиот јазик и ќе имаат можност за креираат свои, авторски филмски етиди, инспирирани од богатата ризница на македонската кинематографија.
Идејата на проектот е подигање на свеста на младите луѓе за значењето, вредноста и влијанието на националаното аудио-визуелно наследство, поттикнување на истражувачко љубопитство, запознавање со вештини за истражувачка работа, со идеја за нивно вклучување во откривање на нови аудио-визуелни материјали од локални и приватни архиви, како и развивање на имагинацијата за создавање на лични аудио-визуелни приказни, инспирирани од историјата на македонската кинематографија.
Годинава Кинотеката иницира и нов проект Филмска училница за наставници и професори, и првата филмска училница ќе биде наменета за нив.
Проектот почнува 16. октомври и ќе трае 10 недели.
Филмските училниците ќе се одвиваат секоја сабота во просториите и киносалата на Кинотеката, ќе има 5 школски часа посветени на една тема, а ќе се состојат од предавања, вежби и креативни работилници, гледање филмови и дискусии. Предавањата ќе бидат реализирани од филмолози од Кинотека и филмски професионалци.
Идеен творец на целиот проект е режисерката Марија Џиџева, која воедно ќе биде и координатор и модератор на предавањата.
Со проектот „Филмска училница: гледај филм, учи и создавај“ ги отвараме портите на филмскиот архив на Кинотеката со што на младите им го приближуваме филмското наследство, а преку гледање филмови, интерактивно учење и креативно дружење ги инспирираме да стекнуваат знаења, откриваат нови светови и со канализирање на сопствениот израз да создаваат свои дела.
Проектот е финансиран од Министерството за култура.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Првата долгометражна анимација во историјата на Македонија со светска премиера на еден од најголемите фестивали за фантастика во светот
„Јон Вардар против галаксијата” – првиот долгометражен анимиран филм во историјата на Македонија, влезе во соѕвездието на најдобрите фантастични филмски остварувања на светот.
Филмот во режија на Гоце Цветановски и во продукција на Алан Кастиљо од „Линкс студио” ќе ја има својата светска премиера во Шпанија, на 57-мото издание на „Ситџес фантастик филм фестивал” – еден од најстарите и најзначајни жанровски фестивали во светот, којшто могумина го нарекуваат „Кан за фантастични филмови“.
„Јон Вардар против Галаксијата” отвора ново поглавје во историјата на македонската кинематографија, а е селектиран во фамилијарната секција на фестивалот. Ќе има две прикажувања во ударни термини во петок и сабота, на 5 и 11 октомври.
„Бидејќи жанрот не познава возраст, фестивалот во Ситџес повторно ќе ги прикаже моментално најфасцинантните фамилијарни проекти од светот. Меѓу селектираните филмови годинава го откривме ‘Јон Вардар против Галаксијата’ на Гоце Цветановски, првиот анимиран филм во историјата на Северна Македонија“, објавија организаторите на фестивалот.
Режисерот Цветановски изјави дека да се биде избран меѓу најдобрите фантастични филмови наменети за семејната публика на глобално ниво е голема чест.
„Огромен успех е што светската премиера на Јон Вардар ќе се одржи на престижен фестивал од овој калибар, и очекувам да продолжи со уште многу други успешни прикажувања низ целиот свет. Филмот е селектиран на уште еден голем филмски фестивал што ќе се одржи годинава, а деталите ќе бидат споделени наскоро“, објави режисерот Гоце Цветановски.
„Јон Вардар против галаксијата” ќе ве однесе меѓу планетите заедно со еден смотан човек, еден нарцисоиден робот и многу, многу, мнооооогу вонземјани кои ќе бидат на мисија да ја спасат Галаксијата од самите себеси!
Арт директор е Михајло Димитриевски – Тхе Мичо, а директор на анимација е Димитар Ѓоргиев. Продуценти на филмот се Алан Кастиљо, Ева Конрад, Браќа Калинови и Ладо Скорин. Во главните улоги настапуваат Жарко Димовски, Дамјан Цветановски и Емилија Мицевска.
Анимираниот филм е изработен со поддршка од Агенцијата за филм на Северна Македонија, а има копродукции во Унгарија, Бугарија и Хрватска.
Цветановски е дел и од тимот кој го почна проектот „Сказните на Биби“, режирајќи повеќе епизоди.
Тој е режисер и на крими-трилерот „Бизнисот на задоволството” којшто во моментов се прикажува низ кино-салите во Македонија и наидува на одличен прием од страна на публиката и на критиката. Досега со своите филмови, Цветановски ја претставувал Македонија на стотина фестивали низ светот, а „Бизнисот на задоволството” се закити со десет меѓународни награди.
Култура
„100 илјади поети за промена“ 14. пат во Струмица
Во сабота, 28 септември 2024 година, глобалното движење „100 Thousand Poets For Change“, во соработка со здружението „Контекст – Струмица“ го реализира 14 издание на поетската манифестација „100 илјади поети за промена“ со почеток во 19:00 часот во НУ Завод за заштита на спомениците од културата и Музеј – Струмица.
Манифестацијата ќе започне со отворање на изложбата на дигитални цртежи „Сенката на звукот“ на проф. Владимир Мартиновски, а потоа со промовирањето на годинешниот зборник „100 Илјади поети за промена“ ќе се одржи поетско читање на дел од застапените поети.
На конкурсот годинава конкурираа повеќе од 200 учесници.
Манифестацијата е поддржана од градоначалникот Костадин Костадинов и Општина Струмица.
Култура
„Сенката на звукот“ – изложба на дигитални цртежи на Владимир Мартиновски
Здружението за развој на културата и заштита на културното наследство „Контекст-Струмица“ како дел од годинештното 14 издание на 100 Илјади поети за промена, оваа сабота, 28 септември 2024 година во 19:00 часот во НУ Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј на град Струмица ќе ја отворат изложбата на дигитални цртежи насловена „Сенката на звукот“ на проф. Владимир Мартиновски.
„Сенката на звукот“ е негова трета изложба на дигитални цртежи од овој циклус, а се состои од 12 цртежи (дигитален принт) кои тематски ја поврзуваат музиката, поезијата и ликовниот израз на Мартиновски. Под влијание на музичките фестивали кои редовно ги посетува, тој најде инспирација неговите емоции, чувства и размисли визуелно да ги изрази преку создавањето на овој циклус дела. Оваа изложба е своевидна презентација во која се вкрстуваат две негови пасии: музиката и сликарството.
Дигиталните цртежи визуелно го слават чинот на музицирање, во обидот на ликовен начин да се доловат различни мелодиски и ритмички структури. Освен со дигитални цртежи тој се има претставено со уште две изложби, на фотографија и цртеж, во моментот има тековна изложба во Шибеник, Србија, а во тек е подготовката на неговата нова изложба на акрилни дела.