Македонија
Становите на поранешна ЈНА ќе можат да се откупуваат
Со донесувањето на Законот за продажба на станови од поранешниот фонд на ЈНА и оформувањето на Комисијата во Министерството за транспорт и врски, исполнети се условите за семејствата на припадниците на Армијата кои живеат во станови од фондот на поранешната ЈНА, после три децении неизвесност, конечно да ги откупат овие станови и да бидат „свои на своето“.
За ова информираше министерката за одбрана Радмила Шекеринска на денешната прес-конференција заедно со министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски.
„Oва е една од темите која што ја отвори Генералштабот и многу припадници на Армијата кои што работат во Министерството за одбрана уште во 2018 година. На тој состанок можев да видам дека нашите сегашни вработени во Министерството и некои поранешни пензионери веќе беа уморни од нереализираните ветувања дека ова прашање ќе се реши. Еден период им било ветувано дека ќе можат да ги откупат становите, еден период им било ветувано дека ќе добијат стан во рамките на т.н. проект , АРМ – мој вистински дом, но годините минувале, а ова прашање никогаш не е решено. Од тој момент започнавме навистина да комуницираме со сите институции кои што се повикани, а соработувавме и со Собранието на Република Северна Македонија. Навистина постапуваме по сите правила и го изодевме дури и потешкиот пат заради тоа што сметавме дека мора да бидеме одлучни да го решиме проблемот и заради таа решеност успеавме најпосле да го решиме проблемот“, рече министерката Шекеринска.
Шекеринска рече дека како и останатите припадници на Армијата кои добиваат станбен надоместок од над 8.000 денари месечно, сега и лицата кои користат ваков тип на станови ќе бидат обезбедени и сигурни. Министерката ги повика сите корисници на вакви станови да поднесат барање до Комисијата најдоцна до 15 јануари следната година.
„Денешната прес-конференција е со цел да ги повикаме сите старешини, војници, сите лица од Министерството и од Армијата кои добиле претходно вакви станови од станбениот фонд на поранешната ЈНА да поднесат барање за откуп на становите до Комисијата која веќе е формирана, тоа да го направат во рок од 6 месеци од моментот кога беше донесен Законот, што значи до 15 јануари и да го решат проблемот кој очигледно за многу претходни раководства и многу претходни влади само изгледал нерешлив, бил решлив, можело да биде решен, ама постојано се одлагал. Одбраната навистина се промени, Армијата навистина се промени и тоа се промени на подобро. Грижата за сите наши сегашни и пензионирани вработени кои не ги заборавивме во овој Закон, навистина е наш врвен приоритет. Не можете да очекувате дека луѓето кои се во Армијата или во одбраната ќе бидат тука кога државата е во криза, кога имаат потреба да ја бранат, а во меѓу периодот да заборавате на нивните потреби“, порача министерката Шекеринска.
Министерот Бочварски го образложи процесот на поднесување на Барање и кои сè документи се потребни при аплицирањето и додаде дека Министерството за транспорт и врски покажа силна посветеност кон грижата за сите граѓани.
„Подеднакво водиме грижа за сите граѓани и за сите категории на граѓани во нашата држава. Покажуваме дека секој е важен, дека ги слушаме проблемите и дека наоѓаме решенија со силна институционална соработка со цел уште еден проблем кој што го имале дел од нашите граѓани да им биде надминат и решен“, рече министерот Бочварски.
Потполковникот Тони Јаневски, корисник на еден од овие станови во име на сите засегнати корисници на станови од поранешниот фонд на ЈНА упати благодарност до министерката за личното залагање и решеноста овој проблем да се надмине, како и благодарност до сите останати институции вклучени во изработката и донесувањето на овој исклучително важен закон.
„И покрај тоа што како припадници на Армијата сме оптимисти, полека низ годините го губевме оптимизмот дека овој проблем ќе биде решен. Со меѓу-институционална соработка и координација успеа да се дојде до законското решени кое го имаме пред нас и кое ми дава за право да кажам дека секој поединец, секој од нас е подеднакво важен за Министерството за одбрана и за Армијата“, рече потполковникот Јаневски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Лимани од Букурешт: Северна Македонија гради модерен, инклузивен и дигитализиран систем на социјални услуги
Министерот за социјална политика, демографија и млади, Фатмир Лимани учествува на тридневна регионална конференција во Букурешт, Романија. Конференцијата насловена – Од рамка до акција: Градење посилни, поинклузивни и интегрирани социјални услуги ги обедини креаторите на владини политики на европско ниво, претставниците на Светска Банка за Европа и Азија, академската фела и експертите за социјални политики со цел размена на искуства и унапредување на социјалните сервиси.
Министерот Лимани кој се обрати во министерската сесија се осврна на реформата на системот за социјална заштита во Северна Македонија, започната во 2019 година, која претставува директен одраз на стратешките приоритети на Владата – социјална правда, економска инклузија, грижа за младите и семејствата и изградба на функционална, модерна и дигитална држава.
„Во услови на повеќекратни кризи – економски, здравствени и енергетски, ние одлучивме да инвестираме во луѓето. Затоа оваа реформа е вредносна. Таа ја промени логиката на системот: од фрагментирана помош кон интегрирана, од администрирање кон грижа, од централизирани институции кон услуги блиску до граѓаните. Оваа реформа е резултат на долгогодишната и континуирана соработка со Светска банка, чија стручна и финансиска поддршка беше од клучно значење за нејзината подготовка и успешна имплементација. Без оваа поддршка, реформскиот процес тешко дека ќе беше реализиран или ќе ги постигнеше планираните резултати ,“ истакна Лимани.
Тој истакна неколку клучни промени кои придонеле за унапредување на социјалната заштита во државата, како креирање на цврста законска и институционална рамка, усогласена со европски стандарди. Притоа ги посочи новиот Закон за социјална заштита, Законот за социјална сигурност на стари лица и измените на Законот за заштита на децата кои се темелот за градење на стабилен систем кој е правичен, транспарентен, одржлив.
„Борбата против сиромаштијата и социјалната исклученост ја адресиравме преку темелна реформа на паричните надоместоци. Го поедноставивме системот, воведовме реално таргетирање според потребите на домаќинствата и ги зголемивме износите за најранливите категории за над 300%,“ посочи Лимани.
Лимани зборуваше и за темелната реформа на центрите за социјална работа, со која социјалната заштита се трансформира од пасивен во активен систем. Зборуваше за инвестициите во инфраструктурата, човечките ресурси и професионализацијата на услугите.
Тој ја истакна децентрализацијата и развојот на социјалните услуги како јасен и директен одраз на владината политика за рамномерен регионален развој.
„Денес функционира мрежа од над 150 лиценцирани даватели на социјални услуги, а услугите за помош и нега во домот и личната асистенција се веќе реалност во десетици општини низ државата, обезбедувајќи поддршка, достоинство и поголема вклученост за најранливите категории граѓани. Како резултат, освен што се подобри грижата, се создадоа и над 1.500 нови работни места за лица кои претходно беа корисници на социјална помош или долгорочно невработени,“ рече Лимани.
Тој се осврна и на воспоставувањето на интегриран дигитален систем кој поврзува институции и овозможува 90% од податоците да се разменуваат по службена должност, во реално време. Тој посочи дека тоа значи помалку администрација, помалку коруптивен ризик и повеќе доверба во институциите.
„Оваа реформа е доказ дека социјалната политика може да биде столб на економскиот развој, демографската стабилност и европската интеграција,“ порача Лимани.
Во рамки на посетата на Романија, министерот Лимани оствари билатерална средба со министерот за труд, семејство, млади и социјална солидарност на Романија, Петре-Флорин Маноле. На средбата се разговараше за досегашната соработка помеѓу двете земји и продлабочување на истата и размена на искуства во областите кои се во надлежност на министерствата, а од која придобивки би им имале граѓаните на двете држави.
Македонија
АА: Нема да дозволиме преку политички маневри да се укине институционалната застапеност на Албанците
Алијансата за Албанците реагира на информациите дека Подрачната единица за внатрешни работи Струга–Дебар–Кичево се предвидува да биде деградирана во единица од втора категорија. Од таму велат дека нема да дозволат преку административни одлуки или политички маневри да се укине институционалната застапеност на Албанците и да се погази принципот на еднаквост во оваа држава.
„Алијансата за Албанците чувствува јавна и институционална обврска силно да реагира на сериозните информации кои кружат во јавноста, според кои Владата на Република Северна Македонија, преку Министерството за внатрешни работи, подготвува законски измени и нова систематизација на работните места кои директно и штетно го нарушуваат институционалниот статус на градовите Струга, Дебар и Кичево“, изјави Њомза Асани Шаќири, портпаролка на Алијансата за Албанците.
Според неа, со овие измени, Подрачната единица за внатрешни работи Струга–Дебар–Кичево се предвидува да биде деградирана во единица од втора категорија, при што, како што вели, ќе ги изгубат основните оперативни надлежности, командната структура и функционалната автономија. Асани Шаќири додава дека сите надлежности се предвидува да бидат префрлени под јурисдикција на Секторот за внатрешни работи во Охрид.
„Оваа административна реорганизација не е само техничко прашање. Таа произведува сериозни политички, институционални и општествени последици. Конкретно, во градовите со албанско мнозинство повеќе не се предвидуваат клучни раководни позиции во безбедносните структури, како што се: началник на полицијата, началник на одделението за борба против криминал и заменик-командир во полициските станици“, рече Асани Шаќири и додаде дека систематското укинување на овие позиции претставува сериозен удар врз институционалната застапеност на Албанците и реален ризик за локалната безбедност и довербата на граѓаните во државните институции.
Во овој контекст, рече таа, Алијансата за Албанците упатува директен повик до претставниците на коалицијата ВЛЕН да ја преземат политичката одговорност што им припаѓа, да реагираат без одлагање и јасно да се позиционираат во заштита на интересите на албанските граѓани во Струга, Дебар и Кичево.
Македонија
Борис Стефановски го фати светиот крст во Куманово
Борис Стефановски го фати светиот крст во Куманово во соборниот храм Св.Никола.
Пред многубројните верници во соборниот храм Св.Никола во Куманово, кои присуствуваа на осветувањето на водите и крстот, денеска се служеше света литургија, во чест на големиот христијански празник Богојавление – Водици.

„По празничното духовно одбележување и традиционалниот чин – фрлање на светиот крст, на Борис Стефановски му посакавме здравје, среќа и успех во иднината, а од името на Општина Куманово му врачивме и подарок“, објави градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски.

