Македонија
Арсовска ја презентираше програмата 15+1 за Скопје

Данела Арсовска, кандидат за градоначалник на Град Скопје на стартот на изборната кампањата за претстојните локални избори вели дека има визија и е подготвена од Скопје да направи достоен град за сите скопјани.
„Да изградиме многу нови паркови, да насадиме нови дрвја, да воведеме ред и да обезбедиме чист воздух за нашите деца, да ја разиграме нашата живописна култура, да создадеме модерна инфраструктура. Скопје ќе биде европска метропола со сообраќаен ред, брз и ефикасен јавен превоз, со паркови и културен живот кој пулсира од сите страни на нашиот град. Ова е Скопје што јас го сакам, за кое што имам визија, и тоа е Скопје кое што ние сите го заслужуваме“, вели Арсовска.
Таа вети брза реализација на проектите, а планот содржи 15 +1 главен проект кои како што рече таа ќе го подобрат нашето секојдневие.
„Оваа визија е содржана во јасен план, креиран од мене заедно со врвни експерти. Во неа има реални, брзи и сигурни решенија за подобрување на квалитетот на животот во нашиот град. Не ветувам утописки проекти, туку реални проекти што можат да се реализираат брзо, повеќето од нив во рок и од 2 години. Мојот план содржи 15+1 главни проекти за Скопје да биде модерен град, достоен за живот. 15+1 главни проекти кои ќе го подобрат нашето секојдневие, изјави Арсовска. Од заживување на Скопје како културно жариште, до одржливо решение за сообраќај и паркирање. Од нов урбанистички план со кој ќе се запре неконтролираната градба, ќе се зачува зеленилото и ќе се создадат нови паркови, до градска администрација која ќе биде врвно мотивирана и во функција исклучиво на граѓаните, кажа Арсовска. Од заживување на Скопје како културно жариште, до одржливо решение за сообраќај и паркирање. Од нов урбанистички план со кој ќе се запре неконтролираната градба, ќе се зачува зеленилото и ќе се создадат нови паркови, до градска администрација која ќе биде целосно во функција за граѓаните. Ќе имплементирам реални проекти кои ќе имаат вистински придобивки за граѓаните. Ќе воведеме бесплатен јавен превоз. Ќе го оживееме културниот живот. Ќе го направиме Скопје град на фестивали – со по еден голем фестивал секој месец. Ќе го заштитаме нашето зеленило и нашата природа, но ќе градиме и нови големи паркови и рекреативни области во секоја скопска општина, онаму каде што и никој до сега не помислил. И ќе го вратиме сјајот на сите заборавени места низ нашиот град. За сите наши села што го опкружуваат градот, ќе ја доведеме инфраструктурата по модел на модерни и функционални патишта, ќе овозможам подобар јавен превоз и иницијатива за заживување на селските центри“, додаде Арсовска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Николоски: Автопатот Прилеп-Битола многу ќе значи за општина Могила, затоа што ќе се зголеми протокот на возила и ќе се подобрат условите за бизнис

Можам да најавам дека веќе во текот на овој месец, доколку временските услови не послужат, започнуваме со целосна реконструкција на улица АСНОМ, инвестиција вредна 170 илјади евра, вели потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски од денешниот народен митинг во Могила.
Тој додаде дека веќе се работи на водоснабдување на неколку населени места како Беранци, Долно Српци, Ивањевци, Попадинци и други коишто се приклучуваат на регионалниот водовод во Битола, која е инвестиција вредна 18 милиони денари.
Во однос на патната инфраструктура, Николоски ги наброја проекти вредни неколку милиони денари за кои веќе се потпишани договори со изведувачи на улици кои треба да се градат и реконструираат, каде што е предвидено изградба и на атмосферска канализација.
„Потпишани се веќе договори со изведувачи на улици коишто треба да се градат, како ул. Пелагонија во вредност од 12,3 милиони евра, којашто оди заедно со атмосферска канализација. Договор со изведувач е потпишан за реконструкција на улица Гоце Делчев и изградба на атмосферска канализација, во вредност од 8,1 милион денари. И исто во тек е рехабилитација на дел од парот Долно Српци до село Беранци во вредност од 5,4 милиони денари“, рече Николоски.
Посочи дека и во следниот период Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, ќе продолжи да дава поддршка и за бројни други проекти кои ќе се работат во општина Могила и во другите населени места.
„Тоа се доказ дека сакаме да инвестираме, дека сакаме да работиме. А, доказ дека знаеме да завршуваме проекти се и завршените улици во цело Трновци, завршената реконструкција на улица Шемница и бројни други проекти кои заедно со градоначалникот ги работевме и ќе ги работиме. А тука е најкрупниот проект, изградбата на автопатот од Прилеп до Битола, најголема поединечна инвестиција во моментов во државата, 40 километри автопат, којшто многу ќе значи за општина Могила, затоа што ќе се зголеми протокот на возила, ќе се подобрат условите за бизнис. Сите оние коишто имаат имот покрај автопатот ќе добијат поголема вредност на имотот, а ќе се зголеми и протокот на туристи коишто ќе поминуваат оттука“, истакна Николоски.
Ги повика граѓаните на 19 октомври масовно да гласаат за број 9 и за ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
(Видео) Филипче: Да се избориме за држава што не е ничија приватна сопственост, туку заеднички дом со правила што важат за сите

Претседателот на СДСМ Венко Филипче вечерва во Струга рече дека богатството на Македонија е во соживотот, а вистински пример за соживот е Струга. Тој под слоганот „Се бориме за нашиот дом“ испрати пораки дека верува дека стружани знаат да ја изберат вистинската страна и да покажат дека подеднакво треба да се негуваат различните култури и традиции и дека секој човек заслужува убав и достоинствен живот.
„Нашиот дом не е само куќата во која живееме. Нашиот дом е нашата улица, нашето маало, нашиот град, нашата Македонија. И кога велиме „се бориме за нашиот дом“, тоа значи дека се бориме за достоинствен живот за секој граѓанин, за секое семејство, за секое дете. Нашата сила е во единството и заедно можеме да направиме промени. Денес повеќе од било кога, иднината е во рацете на вас граѓаните“ рече Филипче.
Тој на трибината зборуваше за состојбата на државата во која, како што беше речено, владата не понуди решенија за скапиот живот на граѓаните туку ги остави сами да се снаоѓаат како знаат и умеат. Држава без проекти и влада без резултати, затоа тој порача дека промени се неопходни, а сега е вистинското време тие да се случат.
„Да се избориме за држава што не е ничија приватна сопственост, туку заеднички дом со правила што важат за сите“, им порача Филипче на стружани.
Македонија
Мицкоски: Да не дозволиме СДСМ да биде влада во Македонија, зошто секогаш кога се власт се случуваат грешки како прифаќањето на бугарскиот ултиматум

На денешниот народен митинг во Новаци во рамките на изборната кампања за локалните избори 2025 година со слоган „Вистинскиот избор! Твојот човек! Твоето место! За твојата иднина!“, обраќање имаше и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
Тој истакна дека политичкиот противник, СДСМ оваа кампања ја започна невообичаено наспроти сите теории и практики во кампања, од прв ден со црна кампања, со монтажи, со спинови, со дефокус и со напади, најчесто против него и неговото семејство, додавајќи дека и нема што да се очекува од луѓе што нема што да кажат.
Мицкоски посочи дека ако не е црната кампања тие нема за што да зборуваат, затоа што тие од нивното време не оставиле ништо вредно, освен криминал и корупција, а потоа се сетија да го извадат слоганот дека се бореле за нивниот дом.
„Но имам јас една дилема која би сакал пред вас да ја соопштам. А, тоа е за кој дом? За хациендите на Халкидики, за хациендите во Дубаи или за јахтите коишто ги гледавме ова лето. За кој дом зборуваат? Затоа што тие имаа можност да се борат за домот седум години, а тие го опустошија и го распродадоа домот и во секоја смисла на зборот, го понижија македонскиот народ. Да не дозволиме тоа повторно да се случи“, рече Мицкоски.
Мицкоски потенцираше дека секогаш кога Социјалдемократскиот сојуз бил на власт се случувале грешки, како на пример временото име и последно, прифаќањето на ултиматумот од Бугарија.
„Затоа што, сетете се во минатото, СДСМ кога бил влада во Македонија, секогаш се случувале историски грешки. Вратете се назад од она времено име па се до прифаќањето на бугарскиот ултиматум. Да не дозволиме овие луѓе никогаш повеќе да бидат дел од македонската Влада, а тоа можеме да го направиме и потврдиме овие локални избори на 19 октомври. Ве повикувам масовно да излеземе и да испратиме силна порака како никогаш до сега“, повика Мицкоски.