Македонија
Досега попишани над 1,7 милион граѓани, рокот истекува утревечер

Според Државниот завод за статистика, до синоќа, до 20 часот, попишани се 1.768.710 граѓани, 548.694 домаќинства и 795.494 стана. Во однос на дијаспората, до изутрината се самопопишале 201.247 наши иселеници, информира портпаролот на Владата, Душко Арсовски.
„Апелираме до сите оние граѓани што од кои било причини досега не успеале да остварат контакт со попишувачите, но и до оние граѓани што во овие два дена нема да бидат дома, да ја остварат својата законска обврска на пунктовите за попишување во своите општини. Пописот е операција од витално значење за државата за да може да се прават стратегии за развој. Оттаму, учеството во пописот е можност за секој граѓанин сам да придонесе во креирање на сопствената и заедничката иднина“, рече тој.
На новинарско прашање за тоа дали ќе биде потребно дополнително време за пописот, Арсовски посочи дека на вчерашната владина седница не се разговарало за ова и дека сите капацитети се насочени кон тоа да биде завршена операцијата во законскиот рок, односно до утревечер.
„Секако, последниот збор ќе го има Државниот завод за статистика. Информациите од таму се дека на неполни два дена до завршувањето на теренското попишување на целата територија на државата се прават финални проверки за евентуално пропуштени граѓани и веќе се затвораат пописните кругови во Скопје, каде што има најголема концентрација на население, сите расположливи капацитети на попишувачите се на терен и ги посетуваат домаќинствата што досега не биле посетени. Оваа активност ќе се спроведува до самиот крај на пописот, тоа е утре, четврток, до 20 часот“, посочи Арсовски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Пожар во Кочани – на лекување остануваат уште 33 пациенти во странство и тројца во државата

Денеска се враќаат уште пет пациенти од лекување од Србија, во странство остануваат хоспитализирани 33 пациенти, информира Министерството за здравство.
„Денеска уште пет пациенти од повредените во трагедијата во Кочани се враќаат од лекување од Србија, по што согласно протоколот тројца пациенти ќе бидат под опсервација на Клиниката за пластична хирургија, еден пациент во Хируршка клиника „Св.Наум Охридски“, а еден пациент на сопствено барање лекувањето ќе го продолжи во приватната клиника ,,Жан Митрев”, велат од таму.
Во земјава во моментот се лекуваат вкупно тројца пациенти, од кои во Хируршка клиника „Св.Наум Охридски“ еден пациент, а во приватната болница Систина двајца пациенти.
Во текот на утрешниот ден е најавено враќање на еден пациент од Белгија, кој ќе биде под опсервација на Клиниката за пластична хирургија.
Македонија
Општина Центар го објави повикот за субвенции за велосипеди и тротинети

Општина Центар информира дека во тек е јавниот повик за доделување субвенции за велоспеди, е-велосипеди, е-тротинети, како и за дополнителна опрема. На повикот можат да се пријават сите граѓани кои имаат живеалиште во Центар, а проектот се одвива по принципот „прв дојден, прв услужен“.
Градоначалникот Горан Герасимовски ги повикува сите центарци да аплицираат и да поддржат одржлив транспорт.
„Пред две години, нашата општина беше прогласена за највело општина во Скопје која се залага за алтернативен транспорт, намалувајќи го сообраќајниот метеж. Преку овие субвенции ќе ги поттикнеме центарци на здрав начин на живот, на поздрава средина за сите нас. Граѓаните можат да добијат субвенција од 30% од цената на превозното средство, но најмногу до 3.000 денари, како и субвенција за дополнителна опрема (детски седишта и кациги) до 1.000 денари. Повикот ќе се реализира сѐ до исцрпување на финансиските средства, а правото на субвенција е еднократно“, вели Герасимовски.
Жителите на Центар треба да поднесат барање со потребна документација: копија од лична карта, копија од трансакциска сметка и фискална сметка во оригинал и истата да ја достават во архивата на Општина Центар, барака бр.6, од 09.00 до 15.00 часот.
За повеќе информации, граѓаните можат да се обратат на телефонските броеви 02/3203-600 и 02/3203-693 или да ја посетат веб-страницата centar.gov.mk: https://www.centar.gov.mk/?p=24738.
Македонија
Судот го одобри обвинението за возачот што ја прегази Фросина

Судот го одобри обвинението за возачот Васил Јованов, која ја прегази Фросина Кулакова на пешачки премин на булеварот Партизански одреди.
„Ја информираме јавноста дека Советот за оценка на обвинителниот акт го одобри обвинението на Основното јавно обвинителство со КО бр. 271/25 од 27.3.2025 година против осомничениот В. Ј. за кривичното дело тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот од чл. 300 ст. 2 в.в. со чл. 297 ст. 1 од КЗ, поврзан со сообраќајната нестеќа од јануари 2025 година на булеварот Партизански одреди во Скопје, во која животот го загуби 22-годишната Ф. К.“, соопшти Кривичниот суд.
Од таму додаваат дека со одобрениот обвинителен акт формиран е кривичен предмет, кој ќе биде ќе биде распределен на понатамошно судење во согласност со АКМИС-системот, а кога ќе биде насрочен термин за главна расправа, странките и јавноста ќе бидат дополнително известени.