Македонија
Утре почнува пријавувањето за студентски стипендии

Министерството за образование и наука информира дека од утре почнува пријавувањето за остварување на правото на студентска стипендија, а во согласност со условите и критериумите наведени во конкурсот за академската 2021 – 2022 година, кој е објавен на следниот линк. Крајниот рок за пријавување е 15 октомври 2021 година.
Од оваа година постапката за пријавување за стипендија е дигитализирана преку порталот http://e-uslugi.mon.gov.mk, со што значително се поедноставува начинот на остварување на правото. Студентите што немаат можност да се пријават електронски пополнуваат хартиена пријава (евидентен лист) и ја доставуваат потребната документација во Министерството за образование и наука.
За најголем дел од категориите студентски стипендии месечните износи се зголемени, некаде и над 80 %.
Дополнително, утре почнува и поднесувањето документи за продолжување на правото на стипендија стекнато во некоја од изминатите академски години за што секој корисник кој ги исполнува условите од договорот потпишан со МОН доставува потврда за запишан нареден семестар, односно година на студирање и уверение/потврда за предвидени и положени испити со успех од претходните години и индекс на увид како докази дека има положено 80, односно 90 % (во зависност од типот на стипендијата што го користи) од предвидените испити. Доставата на документите се врши електронски преку http://e-uslugi.mon.gov.mk, а доколку студентот нема можност, ги доставува хартиено до МОН. Краен рок е 30 октомври 2021 година.
МОН обезбедува поддршка при пријавувањето за секој заинтересиран кандидат за студентските стипендии преку Секторот за ученички и студентски стандард. Личните контакти на вработените во овој сектор се наведени на следниот линк.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Филипче тргнал по стапките на Заев, на Македонија не ѝ требаат нови предавства

Владејачката ВМРО-ДПМНЕ жестоко реагираше на денешното интервју на лидерот на СДСМ, Венко Филипче, во кое тој зборуваше со гордост за поранешниот премиер Зоран Заев.
Според ВМРО-ДПМНЕ, Филипче покажал „безрезервна лојалност“ кон Заев, кого го нарече пример од кого треба да се учи.
Од партијата обвинуваат дека Филипче го велича човекот кој, според нив, извршил најголемо предавство на националните интереси.
„За какво искуство и учење зборува Филипче? Единственото наследство на Заев е предавството и распродавањето на националните интереси“, стои во реакцијата.
ВМРО-ДПМНЕ тврди дека со вакви ставови, Филипче покажува дека е „верна сенка и продолжена рака на Заев“, и оти тргнал по истиот пат, барајќи попустливост во односите со Бугарија.
Реакцијата уследи по изјавите на Филипче во кои тој повика на продолжување на преговорите со Бугарија, додека истовремено, поранешниот министер за надворешни работи, Бујар Османи, призна дека во минатото преговарал со Бугарија за етнички прашања со дозвола на СДСМ.
„Дали за Филипче храброст значи прифаќање на сите барања што водат кон распродажба и нарушување на националниот идентитет?“, прашуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Од партијата потенцираат дека вистинска храброст и државничко однесување е заштита на етничките, културните, историските и јазичните интереси на Македонија, а не попуштање под странски притисоци.
Македонија
Филипче: ВМРО-ДПМНЕ ја носи државата во економска и општествена бездна! СДСМ ќе се бори за враќање на довербата

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, во гостувањето во „Тема на денот“ на Сител Телевизија порача дека судот за тоа дали тој ќе успее да ја направи СДСМ повторно победничка партија ќе го дадат граѓаните. Тој нагласи дека неговата задача е да ја консолидира партијата и да продолжи по започнатиот пат на обнова.
„Сè уште има многу простор за работа, а ние сме решени да продолжиме, не само во пресрет на локалните избори, туку и во следните години“, истакна Филипче.
Тој потенцира дека СДСМ никогаш не се борела за власт по секоја цена, туку за доверба што ќе им овозможи да работат во интерес на граѓаните.
Филипче упати сериозни критики кон актуелната власт предводена од ВМРО-ДПМНЕ, укажувајќи на неконтролираниот раст на цените, стагнацијата на платите, намалениот животен стандард и доцнењата во исплатата на плати и ДДВ за компаниите.
„Живееме во време на тешка економска и општествена криза. Владата е неспособна да ги реши проблемите што граѓаните секојдневно ги чувствуваат. Платите не се зголемуваат, а во многу институции дури и не се исплаќаат навреме“, рече Филипче.
Дополнително, тој ја обвини власта за груба партизација на институциите, каде, како што тврди, неподобните кадри се казнуваат со прераспоредување на работни места далеку од своите домови.
„Ако не сте член на ВМРО-ДПМНЕ или партија од владејачката коалиција, бидете сигурни дека ќе ве преместат да работите 100 километри подалеку“, предупреди лидерот на СДСМ.
Според него, владата ја прикрива тешката состојба преку силна пропаганда, но реалноста на граѓаните е сурова.
„Од плата до плата се живее максимум до 10–15-ти во месецот, потоа почнува вистинската борба за опстанок“, подвлече Филипче.
Тој порача дека токму поради оваа состојба, СДСМ има уште поголема обврска да работи, да ја зацврсти својата структура и да ја врати довербата на граѓаните.
Како што истакна Филипче во интервјуто, општините под раководство на СДСМ се запоседнати од инспекции.
„Ние имаме 17 градоначалници и сите можни инспекции се во општините во пресрет на локалните избори. Од Управата за јавни приходи, организиран криминал, различни други институции коишто се под Министерството за внатрешни работи”, потенцира Филипче.
Како што додаде тој, тоа се случува исклучиво во општините кои се раководени од луѓе од СДСМ, а не и во другите општини каде што има градоначалници на ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
УХМР предупредува на пороен дожд, грмежи и можна појава на град

Попладневниот развој на нестабилна облачност донесе пороен дожд, грмежи и засилен ветер во западните планински предели, Охридско-Преспанскиот регион и Пелагонија. Локално имаше и услови за појава на град, информираат од Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР).
До крајот на денот, нестабилното време ќе продолжи со променлива облачност, пороен дожд и грмежи на повеќе места низ државата, а ќе дува и засилен ветер.
Според прогнозите на УХМР, и утре времето ќе биде слично – променливо облачно со повремени врнежи од дожд и грмежи. На одредени места се очекуваат и поинтензивни процеси во форма на невреме, со обилен дожд, силен ветер и можност за изолирана појава на град. Минималните утрински температури ќе се движат меѓу 4 и 10 степени, а максималните дневни ќе достигнат од 15 до 23 степени.
Во Скопје, попладнето ќе донесе нестабилност со локални поројни врнежи и грмежи, проследени со засилен ветер и услови за појава на град. Температурите во главниот град ќе се движат од 9 до 23 степени.
Од УХМР најавуваат дека променливото и посвежо време ќе продолжи и во следните денови, со повремен локален дожд. Сепак, од вторник се очекува стабилизирање на временските услови, претежно сончево време со пониски утрински температури, а дневните ќе бидат во постепен пораст.