Македонија
(Видео) Заев: Од денес по електронски пат ќе се вади потврда од казнената евиденција
Премиерот Зоран Заев, заедно со министерот за правда, Бојан Маричиќ, и претседателот на Основниот суд во Кавадарци, Лазар Нанев, денеска одржаа заедничка прес-конференција на која ги претставија резултатите од процесот на системска дигитализација на судството.
Заев истакна дека дигитализацијата е меѓу врвните приоритети, односно порача дека овој процес треба да биде приоритет за сите министри, директори, градоначалници, како и за сите одговорни луѓе во правосудството.
„На овој начин граѓаните заштедуваат време и пари. Нема повеќе чекања по шалтери, ниту патувања по други градови за да се добие документот. Од денес по електронски пат ќе се вади потврда од казнената евиденција. Набрзо ќе се почне и со услугата за потврда за кривична, како и уверение дека против лицето не е изречена санкција – забрана за вршење на професија, дејност или должност. Сите овие уверенија им се потребни на граѓаните за вработување, доколку сакаат да добијат виза или работа во странство, како доказ дека немаат сторено кривично дело. Дополнително, доколку некое лице сака да се јави на тендер, ќе мора да има ваква потврда. Сите овие нови услуги ќе бидат достапни на сајтот е-услуги“, истакна премиерот.
Со ова, како што рече, заминуваат во историја постапките за вадење потврди од казнена евиденција во хартиена форма за кои беше задолжително физичко присуство во надлежниот суд според местото на раѓање.
„Овие потврди се првите електронски документи создадени согласно закон, кои ги издава судската власт. Со оваа активност судот започна да ја применува регулативата на ЕУ. Пресметките се дека со воведување на овие услуги, судовите ќе направат заштеди изразени во милиони евра, кои ќе можат да ги инвестираат во генерално подобрување на нивната работа“, истакна Заев.
Тој најави дека ова е почеток на дигитализацијата на услугите за граѓаните што ги добиваат преку судскиот систем по што ќе следува и опремување на стотици судници во земјата и воведување најсовремена информатичка технологија во сите 34 судови во земјата.
Министерот за правда, Бојан Маричиќ, изрази задоволство од првите резултати од, како што кажа, макотрпната работа на овој исклучително важен процес.
„Начинот е брз, а процедурата едноставна и сигурна. Анализите покажуваат дека со воведувањето на информатичката технологија заштедите на судовите ќе бидат огромни. Ќе се штеди на ресурси и хартија. Токму затоа дигитализацијата има и еколошка димензија, а во светот овие процеси се дел од таканаречена зелена-дигитална трансформација на општествата“, истакна Маричиќ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Неколку скопски општини денеска без струја
Од ЕВН Македонија известуваат дека за денеска се планирани неколку прекини во снабдувањето со електрична енегија на корисниците од градот Скопје и неговата околина:
· од 06:00 – 10:00 часот, корисниците од ул. Пајак и ул. Наум Наумовски Борче. (Општина Центар)
· од 08:00 – 12:00 часот, дел од корисниците од ул.Пејо Јаворов (општина Кисела Вода)
· од 09:00-11:00 часот корисниците од улиците со бр. 406 и бр, 408 во с. Марино. (Општина Илинден)
· од 09:00-15:00 часот корисниците од улица со бр. 101 во нас. Волково. (Општина Ѓорче Петров)
· од 09:00-15:00 часот корисниците од улиците Индира Ганди, Брсјачка Буна, Овчеполска, Пелагонија, Демирхисарска, Сландол, Хаџи Јован Шишков,Злетовска, Тиквешка и ул.Нов Живот. (Општина Шуто Оризари)
Македонија
Претежно облачно, попладне и кон крајот на денот повремен дожд
Променливо облачно, попладне и во текот на ноќта ќе има повремени локални врнежи од дожд, а на повисоките планини врнежи од дожд и снег. Ќе дува умерен, а долж Повардарието повремено засилен ветер од југоисточен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од 1 до 6, а максималната ќе достигне од 6 до 12 степени.
Во Скопје, претежно облачно, попладне и кон крајот на денот ќе има повремен дожд. Ќе дува слаб до умерен, а во делови од котлината повремено засилен ветер од југоисточен правец.
Минималната температура ќе се спушти до 3, а максималната ќе достигне до 11 степени.
Времето во наредните денови
Продолжува период на променливо облачно време со повремени врнежи од дожд, кои локално ќе бидат пообилни. На повисоките планини врнежите од дожд ќе преминуваат во врнежи од снег. Ќе дува умерен, повремено засилен јужен ветер што ќе услови до недела релативно високи температури. Од недела попладне ќе започне да дува северен ветер и температурите ќе бидат во опаѓање.
Македонија
Магла на неколку патни правци, слаб снег на Попова Шапка
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по претежно влажни коловози. Слаби врнежи од снег на Попова Шапка без задржување на коловоз. Намалена видливост поради појава на магла има на планинските премини Плетвар до 100 метри, Стража до 80 метри и кај Крушево до 30 метри, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.

