Македонија
Рехабилитацијата на магистралниот пат Куманово – Страцин влегува во завршна фаза

Вицепремиерот задолжен за борба против корупцијата, Љупчо Николовски, заедно со министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, денеска ја пoсети локацијата каде што во тек е рехабилитацијата на магистралниот пат Куманово – Страцин.
Рехабилитацијата е поделена на две фази.
Првата фаза е од Куманово до село Војник, во должина од 15,2 километри, во вредност од 4,7 милиони евра. Рехабилитацијата на оваа фаза завршува во јуни в година. Втората фаза е од село Војник до Страцин, во должина од 16,6 километри, во вредност од 7,2 милиони евра, пари обезбедени преку Јавното претпријатие за државни патишта. Овој дел е веќе во завршна фаза и според динамиката се очекува во текот на следниот месец да биде комплетно завршена, беше посочено на денешната посета.
„Како дел од паневропскиот Коридор 8, доизградбата и модернизацијата на магистралниот пат Куманово – Страцин е од витално значење не само за овој регион туку и за целата држава. Поврзувањето на локалните и регионалните патишта со главните коридори за поврзување со соседните земји, а со тоа и со земјите од Европа, е наш стратешки приоритет! Токму овој коридор е во фокусот и на Европска Унија и е вклучен во економскиот и инвестициски план на Европската комисија за Западен Балкан, вклучително и за Северна Македонија“, истакна Николовски.
Министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, посочи дека изградбата на капиталните проекти се врвен приоритет.
„Заклучно со третитот квартал, реализацијата на капиталните инвестиции се движи над 68 % од основнот буџет на Министерството, што покажува силна динамика во изградба на патиштата, водоводните и канализациските системи и гасификацијата. Тоа ни дава право да испорачаме силна реализација на капиталните проекти до крајот на годината“, рече Бочварски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
За распишување на изборите Гаши ќе го чека последниот рок поради краткото време за избор на омбудсман и претседател на ДКСК

Претседателот на Собранието, Африм Гаши, нема да брза да ги распише локалните избори, кои треба да се одржат оваа есен оти сѐ уште не се избрани нов народен правобранител и нов претседател на Државната комисија за спречување корупција откога досегашниот омбудсман се пензионира, а досегашната претседателка на ДКСК поднесе оставка.
„Најавивме дека сме во едно кратко време во врска со изборот на народниот правобранител и на претседателот на ДКСК. Ќе гледаме да ги распишеме изборите до крајниот датум, до кој законски сме обврзани. Ќе чекаме до крај за секој ден да го употребиме во насока на реализација на овие две цели“, рече претседателот на Собранието, Гаши.
Доколку договорен датум за изборите е 19 октомври, како што најави премиерот Христијан Мицкоски, Собранието треба да ги распише најдоцна до 10 август кога истекува законски најкусиот рок до изборите од 70 дена. Собранието може да ги распише изборите 70-90 дена пред договорениот датум.
За помалку од десет дена Собранието ќе се обиде да најде решение за испразнетите места на нардониот правобранител и на претседателот на ДКСК. Претседателот Гаши рече дека законските одредби не прецизираат докрај дали во период на распишани избори може да се врши изборот на народниот правобранител и на претседателот на ДКСК. Во овие неколку дена до распишувањето на изборите Гаши најави дека ќе се трудат да завршат што е можно повеќе од предвидените процедури за испразнетите места во институциите и рече дека е спремен да ги намали роковите колку што може за овие две институции да не останат обезглавени.
Македонија
Мицкоски: Eрес беше да се спомене македонски идентитет во време на претходната власт

На денешната седница во Собранието посветена на пратенички прашања премиерот Христијан Мицкоски со свој коментар за актуелните позиции во меѓународните односи.
Мицкоски при одговорот на пратеничкото прашање поставено од страна на пратеникот Трајчулевски од СДСМ потсети дека негаторските позиции за македонскиот идентитет и јазик не се новина во некои кругови во Бугарија и тие постојат уште од создавањето на бугарската држава до денес.
„Нема да ве вратам во времето на Батемберг, во времето на егзархот Јосиф, како се обидувале да го асимилираат овој дел. Дошле и до вашето Крушево. Но, не успеале. Потрошиле два буџета, но не успеале. Но, тоа што го правеле, а потоа го продолжил Тодор Живков, вие го прифативте. Вие ли сега најдовте да ми кажувате? Тоа што не му успеало на Батемберг преку Јосиф, преку оваа асимилаторска на Сталин, на комунистичкото раководство на Социјалистичка Бугарија, преку Тодор Живков, вие се прифативте. И, да, тешко е, преку ноќ не можеме за една година да го смениме, но ќе работиме да го менуваме. Бидете трпеливи. Во ваше време беше ерес да се спомене македонски идентитет и јазик во извештај. Вие прифативте доброволно потпишувајќи го, лажејќи тука во парламентот, да ги асимилирате Македонците. Ние тоа нема да го правиме. Ние тоа ќе го исправиме. Бидете трпеливи“, одговори Мицкоски.
Македонија
(Видео) Трајчулески до Мицкоски: Зошто го отворате прашањето за македонскиот јазик, нѐ враќате во времето на Груевски со истите мотиви

Пратеникот на СДСМ, Митко Трајчулески, на денешната собраниска седница посветена на пратенички прашања, упати прашање до премиерот Христијан Мицковски зошто повторно се отвора веќе затвореното прашање за македонскиот јазик и македонскиот идентитет. Дали Мицковски сака да ја врати Македонија во времето на режимот на Никола Груевски, и дали негирањето на македонскиот идентитет од страна на Бугарија денес се користи на ист начин како што Груевски го користеше грчкото вето во 2008 година, како изговор за внатрешна пресметка и задржување на власта, праша тој.
„Ваши главни политички ветувања во однос на нашите евроинтеграции беа обезбедување на подобрена преговарачка рамка и уставни измени со одложено дејство.
За жал, во текот на оваа година, власта се соочи со политичката реалност, особено во меѓународната политика, и не само што не успеа да обезбеди подобрена преговарачка рамка и уставни измени како што ветуваше, туку нашите меѓународни позиции особено во однос на нашиот европски пат дополнително драматично се влошија.
Македонија се соочи со силен ксенофобичен атак од страна на бугарските негатори на македонскиот јазик и идентитет олицетворен во дебатата за Извештајот за Македонија во Европскиот парламент.
Се реотвори прашањето кое беше целосно затворено за 26 земји членки на Унијата, освен за Бугарија. Повторно на маса се става македонскиот јазик и посебност кое беше целосно затворено прашање, со признат македонски јазик и идентитет во сите официјални документи на Унијата“, посочи тој.
И денес, како што рече, има уште еден предлог од Ваша страна за заедничка резолуција со Бугарија до Европскиот парламент со која би се потврдил македонскиот јазик и идентитет.
И замислете, додаде Трајчулески, предлагате оваа резолуција да биде поднесена од страна на бугарски европратеници.
„Македонскиот јазик е признат од сите, освен од одредени структури во Бугарија. Македонскиот јазик и идентитет се затворено прашање за 26 земји членки на ЕУ и за целиот свет. Нашиот јазик е признат во сите документи на ЕУ, вклучително во преговарачката рамка.
Ова македонско собрание има донесено Резолуција со која се забранува било кој и било кога да преговара за македонскиот јазик и идентитет.
Ниту вие, ниту јас, ниту било кој политичар смее да го стави на маса постоењето на посебен македонски јазик и идентитет.
Немате потреба да го имитирате вашиот политички ментор. Немој да претставувате лажна слика дека сте херои.
И во ваше и во наше време, веројатно и во некое идно време ќе постојат бугарски структури кои ќе продолжат да го негираат Македонскиот идентитет“.
Не постои Македонец, додаде тој, без разлика на политичка припадност кого не го болат ксенофобичните напади на Бугарските европратеници врз Македонскиот идентитет на кои бевме сведоци по повод дебатата во Европскиот парламент за Извештајот за напредокот на Македонија.
Прашањето, според него е, кој какви мотиви има.
„Се ми се чини дека историјата се повторува како фарса. Вам ви треба алиби за прикривање на неспособноста на вашата Влада да испорача политики за подобар живот на граѓаните.
Вам очајно ви треба старата испробана поделба на предавници и патриоти. Се разбира вие и Груевски сте патриотите, а сите ние од опозицијата клетите предавници и соработници на Бугарија.
Со ваквата непромислена политика, а сакајќи да го компензирате неуспехот на Владата да ги испорача предизборните ветувања, ја правите најголемата политичка стратешка грешка“.