Економија
Народна банка: ЕК со највисоки оценки за монетарната политика

Во Извештајот на Европската комисија (ЕК), во којшто на годишна основа детално се оценуваат политиките и напредокот во реформите на секоја земја кандидатка или потенцијална кандидатка за членство во Европската Унија, дадени се позитивни оцени за монетарната политика и Народната банка на Република Северна Македонија.
„ЕК оценува дека од аспект на монетарната политика, усогласувањето со европското законодавство е во напредна фаза, а се истакнува и дека за време на корона-кризата, централната банка успеа да ја одржи финансиската стабилност, како и да овозможи простор за значителна кредитна поддршка за граѓаните и компаниите. Во Извештајот се нагласува и исклучителната важност на независноста на централната банка“, соопшти Народната банка.
„Целосно независна институција, ослободена од мешање од други власти, е од витално значење за остварувањето на улогата на централната банка, како гарант за монетарната и финансиската стабилност“, стои во Извештајот.
Од ЕК оценуваат дека за време на кризата предизвикана од Kовид-19, централната банка успеала да ја одржи финансиската стабилност и да овозможи значителна кредитна поддршка за граѓаните и за компаниите. Се наведува дека Народната банка ја намалила основната каматна стапка на историски најниското ниво од 1,25%, со што ја ослободила потребната ликвидност во стопанството заради поттикнување на економската активност. ЕК посочува и дека монетарната политика е соодветна на макроекономските услови, а во Извештајот се истакнува и трендот на раст на кредитната поддршка.
Во Извештајот се наведува дека покрај тоа што го поддржува тековното економско закрепнување, монетарната политика внимателно ги следи и зголемените инфлациски притисоци.
Во поглавјето за статистиката, посебна оцена е дадена за статистиката во надлежност на централната банка. Европската комисија напоменува дека Народната банка ѝ е целосно посветена на примената на кодексот на статистичките стандарди и дека го подобрува својот капацитет за нивно постојано спроведување во своето работење. Како особено достигнување е издвоен фактот дека во областа на статистиката за финансиските сметки, Народната банка за првпат ги објави годишните податоци за финансиските сметки и редовно ги доставува податоците до Евростат, со подобрена методологија и покривање за одредени финансиски инструменти. Во однос на статистиката за билансот на плаќања и за директните странски инвестиции (СДИ), од ЕК нагласуваат дека Народната банка ја изготвува според најновите стандарди.
Во Извештајот се бележи и дека Законот за платежни услуги и платни системи, чија цел е усогласување на домашното со европското законодавство, влезе во владина процедура, како и тоа дека Народната банка е во напредна фаза на подготовка на подзаконските акти. Исто така, истакнато е дека Народната банка оствари напредок и во спроведувањето техничка анализа и откривањето фалсификувани пари, преку нови методолошки алатки, како и навремена размена на податоци со националните и меѓународните институции.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Халкбанк со промотивна понуда за потрошувачки кредит

Халкбанк АД Скопје им овозможува на своите клиенти нова можност да ги реализираат своите желби и планови под поволни услови, преку промотивната понуда за Промо потрошувачки кредит, со фиксна каматна стапка за целиот период на отплата.
Новиот производ на Халкбанк е со максимален износ до 2 500 000 денари, со можност за отплата до 120 месеци, и камата што останува непроменета во текот на целиот период на отплата. За кредити со рок до 95 месеци, каматната стапка изнесува 5% фиксна, а за кредити со рок до 120 месеци – 5,7% фиксна, со вклучено осигурување (CPI или Живот + Незгода).
Кредитната способност за вработени лица изнесува до 50% од месечните примања, додека пензионерите можат да користат кредит до 600 000 денари, по фиксна камата од 5%, со рок на отплата до 120 месеци, и кредитна способност до 40% од износот на пензијата.
Покрај поволните услови, Промо потрошувачкиот кредит овозможува висок степен на заштита и сигурност, благодарение на вклучените осигурителни полиси за случај на несреќа, боледување или невработеност, издадени од Халк Осигурување АД Скопје или Триглав Осигурување – Живот АД Скопје.
Со вкупна стапка на трошок (СВТ) од 5,78% за кредити со рок на отплата до 95 месеци и 6,53% за кредити до 120 месеци, оваа промотивна понуда претставува една од најповолните и најсигурни можности на пазарот за реализација на лични цели и финансиски планови.
Промоцијата е со важност до 30 ноември 2025 година.
(ПР)
Економија
МЗШВ: Во четвртиот квартал од 2025 година ќе биде објавен јавниот повик за претприемачите во прехранбената индустрија

Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ја информира јавноста дека во четвртиот квартал од оваа година ќе биде објавен Јавниот повик 02/2025 за користење на средства од ИПАРД Програмата 2021-2027, мерка 3 – „Инвестиции во основни средства за преработка и маркетинг на земјоделски и рибни производи”.
Оваа мерка претставува исклучителна можност за македонските претприемачи во прехранбената индустрија да ги унапредат своите капацитети и да станат поконкурентни на домашниот и меѓународниот пазар.
Мерката 3 – „Инвестиции во основни средства за преработка и маркетинг на земјоделски и рибни производи”од ИПАРД Програмата овозможува финансиска поддршка за модернизација на преработувачките капацитети, инвестиции за преработка и маркетинг на земјоделски и рибни производи, како и усогласување со европските стандарди. Преку оваа мерка се поддржува зголемувањето на конкурентноста на земјоделското производство и земјоделско-прехранбениот сектор во целина.
Средствата за оваа мерка се обезбедени преку Инструментот за претпристапна помош за рурален развој на Европската Унија (ИПАРД Програмата за периодот 2021 – 2027 година).
Министерството ги повикува сите заинтересирани да започнат со навремена подготовка на потребната документација и да ги следат официјалните објави на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој.
Економија
Издадени првите лиценци за батериски систем за складирање на електрична енергија од обновливи извори

Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ) ги издаде првите лиценци за батериски систем за складирање на електрична енергија од обновливи извори на компанијата ЕНЕРГО СОЛАР СИСТЕМИ.
Станува збор за два батериски системи со вкупна инсталирана моќност од 2 600 kW, што се инсталирани во склоп на две различни фотонапонски електроцентрали кои се веќе изградени и во функција.
„Издавањето на овие лиценци во кои се вклучени батериски системи за складирање на електрична енергија, всушност го означува почетокот на еден нов инвестициски циклус во енергетиката. Воведувањето на батериите во пракса значи забрзана енергетска транзиција преку создавање на одржлив, ефикасен и еколошки енергетски систем во земјава. Во РКЕ очекуваме голем број сопственици на ФЕЦ да поднесат барање за инсталирање на “сториџи“, но исто така очекуваме интерес да појават и компании кои би биле самостојни оператори на складишта само со батериски системи. Употребата на батериите ќе придонесе за сигурно и доверливо функционирање на системите, а едновремено и за економски посигурен и поефикасен енергетски пазар. Истите можат да даваат услуги на операторот на електропреносниот систем за балансирање на истиот, како и одржување на одредени параметри на мрежата во пропишани граници. Складирањето на енергија во периоди кога има вишок и нејзино користење во периоди кога потребите од електричната енергија се зголемуваат се очекува дека ќе влијае и врз намалување на вкупните трошоци во системот.“ посочи Марко Бислимоски, претседател на РКЕ.
Условите, постапката и потребната документација за добивање на лиценца за складирање на електрична енергија се уредена во Законот за енергетика и Правилникот за лиценци, .