Македонија
Во Македонија потврдени 490 нови случаи на коронавирус, починаа 11 лица

Во последните 24 часа во Македонија се потврдени 490 нови случаи на коронавирус, а 11 лица починаа, информира Министерството за здравство.
Направени се 3.073 тестирања, а регистрирани сe 201 оздравен пациент.
Во текот на изминатите 24 часа регистрирани се 11 починати лица: 4 од Скопје (83, 80, 78 и 66), 3 од Куманово (93, 69 и 48), 2 од Прилеп (79 и 35) и по едно починато лице од Струмица (67) и Радовиш (79). Сите пријавени лица се починати во болнички услови.
Дополнително, во согласност со регистарот на умрени лица со дијагноза Ковид-19 од „Мој термин“, пријавени се уште 3 починати лица со датум на смрт од 13.10.2021 до 19.10.2021 година. Регистрирани се три починати лица од Крива Паланка, Куманово и од Гевгелија на возраст од 52 до 95 години. Сите пријавени лица се починати во болнички услови.
Досега во земјата се направени вкупно 1.354.533 тестирања на Ковид-19.
Вкупната бројка на ковид-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 198.646 бројката на оздравени пациенти е 185.660, на починати е 7.012, а бројот на активни случаи изнесува 5.974.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Меџити: Работа, не зборови-започнува целосна реконструкција на улицата „Банатска“ во Чаир!

Првиот заменик на претседателот на Владата и министер за животна средина и просторно планирање, воедно и кандидат за градоначалник на Општина Чаир, Изет Меџити, денеска присуствуваше на почетокот на градежните работи за целосна реконструкција на улицата „Банатска“ во населбата Топхана.
Овој проект е еден од многуте инфраструктурни зафати што Општина Чаир ги реализира со цел подобрување на животните услови на граѓаните, изјави Меџити пред присутните жители.
„Инвестицијата, во вредност од околу 3 милиони денари, е финансирана преку Вториот повик на Владата за поддршка на општините. Работите опфаќаат целосно асфалтирање“, истакна Меџити.
Тој додаде дека оваа инвестиција ќе овозможи побезбедна, пофункционална и поодржлива инфраструктура за жителите на оваа населба, директно придонесувајќи за зголемен квалитет и удобност на живеењето.
„Овој проект е конкретен доказ за нашиот модел на управување, професионалност, ефикасност и постојан фокус кон граѓанинот. Секоја интервенција во инфраструктурата е чекор кон поразвиен, помодерен и поинклузивен Чаир“, изјави Меџити во своето обраќање.
Општина Чаир, додаде Меџити и во следните четири години ќе продолжи со реализација на слични проекти кои имаат за цел создавање на квалитетна, безбедна и достапна урбана средина за сите граѓани.
Македонија
Минчев: Независноста не е само спомен од минатото, таа е обврска кон сегашноста и иднината

Министерот за јавна администрација, Горан Минчев упати честитка по повод 8 Септември, Денот на независноста на Македонија.
„Денес го славиме најсветлиот датум во нашата современа историја – 8 Септември, денот кога македонскиот народ со храброст и достоинство ја избра независна и самостојна Македонија, денот кога ја запишавме најсилната страница во нашата државност.
Независноста не е само спомен од минатото, таа е обврска кон сегашноста и иднината. Да се биде независен значи да се гради држава со силни институции, со јавна администрација што им служи на граѓаните, со непоколебливи принципи на демократија и владеење на правото. Независноста има смисла само тогаш кога народот ја чувствува државата како своја – праведна, одговорна и европска.
Македонија е нашиот дом, нашата иднина и нашата најголема одговорност. Денес, повеќе од кога било, мора да бидеме обединети во визијата за модерна, функционална и европска Македонија.
Тоа е должноста кон генерациите што ја избраа слободата и кон генерациите што доаѓаат.
Нека ни е вечна државата! Нека ни е честит Денот на Независноста!“, стои во честитката од министерот Минчев.
Македонија
Левица: 𝟥𝟦 години независност – Македонија сѐ уште се бори за своите национални интереси

По повод одбележувањето 34 години независност, делегација на партијата Левица, составена од кандидатите за градоначалници на скопските општини – Марјан Димитриев (Аеродром), Александар Димитријевиќ (Ѓорче Петров) и Златко Тренчевски (Гази Баба) положи свежо цвеќе и се поклони на гробовите на првиот претседател на Република Македонија Киро Глигоров, првиот премиер, Никола Кљусев и на вечното почивалиште на претседателот Борис Трајковски.
„Референдумот за независност на Македонија се одржа на 8-ми септември 1991 година. На Референдумот позитивно се изјасниле 1.079.308 граѓани, односно 95,26% од оние кои гласале биле ЗА суверена и независна држава Македонија.
И овој 8 Септември потсетуваме дека уставното име на државата е Република Македонија! Потсетуваме дека референдумот од 30 септември 2018 за промена на уставното име беше неуспешен. Оттаму, Преспанскиот договор склучен од тогашната квислиншка власт и без потпис од претседателот – е НИШТОВЕН!!
Левица останува доследна на правото за самоопределување на народот и не ги признава империјалистички наметнатите договори спротивни на Повелбата на ООН, договори што го поткопаа суверенитетот на државата и го нарушија угледот на Македонците. Наместо вистинска независност, последниве 34 години добивме зависност од ЕУ и НАТО во спротивност на нашите национални интереси“, се наведува во соопштението на Левица.