Економија
Халк осигурување АД Скопје втора година по ред ја поддржува кампањата за подигнување на свесноста за ракот на дојка

Уште во далечната 1985 година октомври е прогласен за месец на свесноста за ракот на дојката. Во текот на овој месец се организираат различни настани и мотивациски кампањи што помагаат во борбата.
Светските статистики покажаа дека секоја една од девет жени може да заболи од рак на дојка. Но, ако ракот на дојка се открие навреме, повеќето жени имаат поголеми шанси успешно да се излекуваат и кај повеќето од нив ракот нема да се повтори по лекувањето.
Моментално најдобрата опција за откривање на раната фаза на ракот, кој не може да се открие со допир, е мамографското снимање. Мамограмите се, всушност, рендгенски снимки со мала доза рендгенски зраци на женските дојки и се изведуваат кај жени што немаат симптоми на рак на дојка. Најчесто, овој тип прегледи се препорачуваат по 40-тата година и, секако, тука е прегледот што го препорачуваат лекарите со самонапипување на дојките, при што сугерираат обраќање кон надлежниот лекар ако се забележи каква било промена.
Во светски рамки, овој месец е поддржан од многу институции и компании во светот, што е од голема корист за оние што се борат, но и за сите други што на каков било начин треба да бидат информирани и запознаени со оваа состојба на женското тело.
Халк осигурување АД Скопје важи за компанија што се стреми за еднаквост на половите и втора година по ред ја поддржува кампањата со продуктот „Доброволно приватно здравствено осигурување на Халк осигурување АД Скопје“, а, меѓу другото, има покритие за целокупниот процес на лекување на ракот на дојка, и тоа од моментот на детекција и дијагностицирање, односно сите потребни дијагностички постапки, второ мислење до хируршка интервенција, како и радиотерапија и лекови.
За жал, бројките покажуваат дека освен кај повозрасната женска популација, оваа болест сè почесто се појавува и кај помладата женска популација и, реално, сè повеќе психички влијае врз нив. За таа цел, во своето покритие, „Доброволното приватно здравствено осигурување на Халк осигурување АД Скопје“ има и покритие за психијатриски услуги во случај на дијагностицирано малигно заболување, кое на некој начин би им помогнало на нашите осигуреници полесно да ја прифатат новонастанатата ситуација во која се наоѓаат.
Овој начин на подигнување на свеста во општеството е поддржан во светски рамки, како и задолжителната ехо-проверка по 30-тата година. Здравјето е дел од културата, погрижете се секогаш да ви биде на прво место. Направете ја и вие вашата проверка!
(ПР текст)
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Битиќи: Ребалансот e признание дека Владата ја загубила финансиската контрола, со дефицит од 4 проценти, над законскиот лимит

Овој ребаланс е индиректно признание дека Владата ја изгубила фискалната контрола и јасно огледало на продлабочената фискална неодговорност во јавните финансии. Наместо реално прилагодување и развојна ориентација, добиваме документ кој прикрива неизвршени ветувања и скицира нереална економска слика, рече пратеникот на СДСМ, Фатмир Битиќи, на денешната седница за ребаланс.
Тој истакна дека иако дефицитот останува на 4% од БДП, тоа е над законскиот максимум од 3%, а отстапување е дозволено само во вонредни ситуации кои во нашата земја не постојат.
„Владата веќе не контролира фискална рамнотежа и го користи ребалансот како политички инструмент. Дефицитот речиси се удвои за месец и половина, од 13,4 на 27,5 милијарди денари. Таков раст не се случува во економија со здрава фискална дисциплина и е знак за неефикасно управување и неконтролирана јавна потрошувачка. Ако приходите растат по 40%, а расходите достигнаа 44%, дали оваа Влада има план? Или троши сè како да нема утре?“ – рече Битиќи.
Според него, наместо реална прераспределба, ребалансот е само козметика, розово на хартија, а црвено во реалноста. Ова не е буџет со план, туку импровизација за политички цели.
„Новото задолжување од 500 милиони евра и скриените долгови од над 700 милиони евра создаваат дополнителен фискален товар што ја загрозува економската стабилност и ќе мора да се решава во иднина.
Разочарувачки е и нискиот степен на реализација на капиталните инвестиции – само 23%, далеку од ветениот рекорден инвестициски циклус“.
Како што рече, Буџетот се користи како предизборно оружје: зголемувањето на пензиите и платите во јавниот сектор, растот на трошоците за договорни услуги и тројното зголемување на буџетските резерви укажуваат на непотизам, партиски вработувања и нетранспарентна потрошувачка.
Во услови кога јавните финансии се загрозени, ова не е одговорно управување со државните пари, туку краткорочна партиска кампања со ризик за економската иднина на граѓаните.
Економија
Божиновска-Триподи: Македонија е стабилен и предвидлив партнер за големи енергетски проекти со јасна регулаторна рамка

Во рамки на Бизнис форумот „Италија – Северна Македонија“, кој денес се одржа во Скопје, министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, оствари билатерална средба со Марија Триподи, заменичка министерка за надворешни работи и меѓународна соработка на Република Италија.
На средбата беше изразено заедничко задоволство од сè поинтензивната економска и политичка соработка меѓу двете земји, особено во доменот на енергетиката, каде што постои значаен интерес од италијански компании за инвестирање во зелени и одржливи технологии.
Министерката Божиновска ја информираше соговорничката за тековните проекти што ги спроведува Министерството, како и за новите можности за странски инвестиции во обновливи извори на енергија, енергетска инфраструктура и складирање на енергија. Таа истакна дека Северна Македонија станува стабилен и предвидлив партнер за големи енергетски проекти, со јасна регулаторна рамка и амбициозни цели во енергетската транзиција.
Од страна на г-ѓа Триподи беше изразена поддршка за енергетските реформи што ги спроведува земјата и интерес за продлабочување на билатералната соработка преку конкретни проекти и партнерства, како на институционално, така и на деловно ниво.
Двете соговорнички се согласија дека енергетиката претставува стратешко поле за понатамошно поврзување на Северна Македонија и Италија, со можност за заеднички проекти во контекст на регионалната поврзаност, транзицијата кон чисти извори и развој на модерна енергетска мрежа.
Економија
Дурмиши ја претстави новата мерка за практикантство – шанса за над 1.300 млади невработени

Министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, денеска ја презентираше новата мерка за практикантство, како дел од Оперативниот план за активни мерки за вработување за 2025 година. Со оваа мерка, директно се инвестира во знаењето, капацитетите и потенцијалот на младите лица до 29 години.
„Ова не е само план на хартија – ова е план за иднина. План во кој секој млад човек, секоја жена, секој невработен добива шанса“, порача Дурмиши.
Целта на мерката е 1.352 невработени лица до 29 години, со најмалку завршено средно образование, да стекнат практични работни вештини и искуство. Новина е воведувањето на виртуелно практикантство – онлајн обука за 40 лица, прилагодена на модерните услови на работа. За сите вклучени е обезбеден месечен надомест од 12.000 денари, со платено осигурување и персонален данок, во траење до три месеци.
Мерката е дел од поширокиот Оперативен план за вработување, со кој Владата издвои рекордни 40 милиони евра за над 10.000 граѓани. Преку мерката за субвенционирано вработување, микро, мали и средни претпријатија, социјални бизниси и граѓански организации се повикуваат да отворат нови работни места. Досега се пристигнати 1.133 апликации, за над 1.400 вработувања.
Финансиската поддршка изнесува:
-250.000 денари за вработување младо лице до 29 години;
-220.000 денари за жени, Роми, лица со попреченост, долгорочно невработени и корисници на социјална помош;
-160.000 денари за лица над 29 години.
Досега, преку јавните повици за активни мерки според соопштеното, поднесени се 6.026 апликации.
„Интересот за мерките покажува дека дека граѓаните не се откажуваат. Напротив, тие се подготвени да направат чекор напред“, изјави министерот.