Македонија
Мицкоски за Бугарија: Ние нема да им ветуваме сѐ и сешто
Ние нема како Заев да ги вовлекуваме во некои непринципиелни односи ветувајќи им се и сешто, од нас може да имаат само искрен пријател и сосед со кој ќе работат на нова иднина за регионот, изјави Христијан Мицкоски, претседател на ВМРО-ДПМНЕ, вечерва од Охрид.
„Сосема на кратко дозволете да се осврнам на прашањето со Бугарија. Потребно е да се издигнеме над облаците на измамите и пазарењата кои ни ги носи Владата со нашите соседи. И во тој контекст немаме право да се лутиме против Бугарија, бидејќи природно е тие да ги штитат своите интереси, она што навистина боли е што нашата Македонија ја водат луѓе кои се подготвени да прифатат се, да се пазарат со се. Не е во прашање на недостиг на разбирање од двете страни, туку недостиг на мудрост од македонската влада“, рече Мицкоски.
Додаде дека ВМРО-ДПМНЕ ќе има искрен однос на почит и пријателство и секогаш пријателски пружена рака кон соседите, но со целосно право да ги заштити интересите важни за Македонија.
„Таквите притисоци кон членови на историската комисија и тоа од македонскиот државен врв водат кон кавга и лоши односи. Премиерот кога ги произведува тие ветувања кон Софија не се води од потребата за заштита на државните интереси, туку од потребата да си ја обезбеди фотелјата ден повеќе. Токму затоа се служи со измами кон соседите, но најважно таквите измами се кон сопствениот народ. Тој е еден човек кој е извор на стотина проблеми. Во тој контекст ќе го потсетам на резолуцијата на ВМРО која ова лето и тој ја прифати во македонското собрание. Таквите црвени линии го обврзуваат и неговото однесување кон овој спор кој пред 5 години воопшто не постоеше. Треба да знае дека од наша страна како ВМРО-ДПМНЕ секогаш ќе најде поткрепа на тоа што преставуваат наши позиции за заштита на државните и национални интереси, но исто така е поважно да се заменат измамите со единство на кое повикувам, при што воедно треба да се приклучи и претседателот на државата кој не е доволно да стои настрана и да се исклучува од овие проблеми. Ние како ВМРО-ДПМНЕ ќе имаме искрен однос на почит и пријателство и секогаш пријателски пружена рака кон соседите, но со целосно право да ги заштитиме интересите важни за Македонија. Тоа го кажувам јасно и отворено, наместо притисоци зад камерите а насмеани при изјавите пред камерите како што тоа го прави Заев, јас кажувам отворен став за соработка и почитување, но и одбрана на она во што веруваме, а тоа е реципроцитет, како тие нам, така ние ним“ рече Мицкоски.
Мицкоски порача дека односите со соседите ќе се базираат на меѓусебна почит и толеранција, а не, како што рече, како што тоа го прави Зоран Заев кој се служи со измами и трикови ветувајќи им се и сешто.
„Ние односите со соседите ќе ги базираме на вредности на меѓусебна почит, толеранција и ќе ги надградуваме низ полињата на взаемен интерес на народите, и во нас секогаш треба да гледаат искрен пријател. Ние нема како Заев да пробуваме да ги вовлекуваме во некои непринципиелни односи, и да се служиме со измами и трикови притоа ветувајќи им се и сешто. Од нас може да имаат само искрен пријател и сосед со кој ќе работат на светла заедничка нова иднина за регионот“, рече Мицкоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Хоџа: Реален пресврт во управувањето со отпадот во Полошкиот регион
Модерниот регионален систем за отпад значи крај на импровизациите и трајно решавање на проблемот кој со децении ги мачи граѓаните– беше клучната порака од обраќањето на министерот за животна средина и просторно планирање, Муамет Хоџа, на презентацијата на новата механизација за регионалниот центар Русино.
Инвестицијата во вредност од 1.114.200 евра е реализирана со поддршка од Европската банка за обнова и развој.
Со новата механизација значително се зголемува оперативниот капацитет на Русино и се воведуваат современи стандарди во секојдневното работење. Оваа активност е дел од пошироката инвестиција од 55 милиони евра со која започна најголемата инфраструктурна реформа во секторот отпад во државата.
Во следната фаза е предвидена инвестиција од околу 14 милиони евра за рехабилитација и проширување на депонијата, што вклучува изградба на нови депониски ќелии, систем за управување со исцедок и биогас и затворање на постојната депонија.
„Со тоа се обезбедува целосно усогласување со европските стандарди и воспоставување модерен регионален систем што значи крај на дивите депонии и почиста животна средина за граѓаните во Полог“, рече министерот.
Македонија
Јанчев: Во услови на безредие и хаос да се продолжува рок за легализација на дивоградби е фатално
Во услови на безредие и хаос да се продолжува рок за легализација на дивоградби е фатално, изјави на денешната седница на Собранието, пратеникот од Левица, Сашко Јанчев.
Тој истакна дека предложените измени на Законот за постапување со бесправно изградени објекти претставуваат директно стимулирање на дивоградбите и продлабочување на урбанистичкиот хаос.
Јанчев потсети дека законот од 2011 година, кој требало да важи шест години, со низа продолжувања се развлекува на вкупно 20 години, со што наместо да се затвори прашањето за старите објекти, се поттикнува изградба на нови дивоградби.
„Градежното земјиште е ограничен ресурс, а како во природата, така и во општеството, мора да постојат правила за негово користење. Урбанистичките правила постојат за да создадат хумана средина за живеење, а кога не се почитуваат добиваме хаос и безредие. Немаме градски архитекти за одржување на урбаниот ред, немаме урбанистички планови, за многу населени места, а постојните се стари по 15–20 години и не одговараат на реалноста на терен. Планирањето не го води јавниот интерес, туку профитот, кој често е спротивен на јавниот интерес. Имаме населби со број на жители што не одговара на капацитетите на водоводната и канализационата мрежа, недостиг на паркинг места, сообраќајници низ кои не може да помине ни едно противпожарно возило. Во вакви услови да се продолжува рокот за легализација и да се стимулираат нови дивоградби не е паметно, туку е штетно, а може да биде и фатално”, рече Јанчев.
Македонија
Митева: Обидот на Жерновски да конструира наратив за „скандал“ e класичен пример на политичка дезориентација
Обидот на Жерновски да конструира наратив за „скандал“ претставува класичен пример на политичка дезориентацијаи дефокус од суштинските прашања вели портпаролката на Владата, Марија Митева, по обвинувањата на Андреј Жерновски од СДСМ дека таа признала дека Мицкоски управува во судството.
„Со жалење ја следам паничната и хистерична реакција на Жерновски и СДС. Интегритетот на Жерновски во македонската политика, кој смени едно чудо партии, е еднаков на една стара витрина со пајажина, заборавена и надмината со времето. Го ставија во партиски тела за да се натпреварува кој ќе фрли повеќе кал, тоа е спорт омилен за мал дел од политичката елита на СДС. Обидот да конструира наратив за „скандал“ претставува класичен пример на политичка дезориентација и дефокус од суштинските прашања. Кога аргументите изостануваат, остануваат инсинуациите. Кога немаат одговори, продуцираат магла“, напиша Митева на социјалните мрежи.
Таа вели дека секогаш стои на кажаното и дека фактите зборуваат дека станува збор за решение донесено пред речиси три месеци, со кое тужбата на Жерновски е отфрлена, а барањето за надомест на штета е одбиено како неосновано.
„Тоа е правната реалност. Сè друго е свесна манипулација со јавноста. За разлика од СДС, ниту некогаш сум манипулирала, ниту ќе манипулирам со граѓаните. Мојот збор има тежина и е прашање на кредибилитет и личен интегритет. Токму затоа е очигледно дека ваквиот тотално паничен настап произлегува од страв, страв од одговорност, страв од вистината и страв од прашањата на кои сè уште немаат одговор. Наместо да фабрикуваат конструкции, нека одговорат каде води случајот со 40 тони марихуана, кој сè бил вклучен. И уште низа други одговори за криминал и корупција кои како печурки после дожд секојдневно излегуваат. Јавноста заслужува одговори, а не политички театар“, вели Митева.
Според неа, нападите дека некој „управува“ со судовите потекнуваат од нивната долгогодишна пракса на такво практицирање, тоа време заврши.
„Јас нема да учествувам во нивната игра на креирање лажни скандали. Ќе продолжиме да инсистираме на владеење на правото, институционална одговорност и целосна транспарентност. Граѓаните гледаат кој нуди факти. Политиката мора да се води со интегритет, а не со конструкции и лаги“, вели Митева.

