Македонија
Шилегов: Скопје надмина 115 километри велосипедски патеки, седум од нив се низ шумите на Водно

Скопје надмина 115 километри велосипедски патеки, седум од нив се низ шумите на Водно, вели градоначалникот на Скопје и кандидат за втор мандат, Петре Шилегов.
„Велосипедизмот во Скопје изминативе четири години зема вистински замав. Следејќи го правилото велосипедските патеки задолжително да бидат дел од сите нови сообраќајници што ги гради градот, нивната должина се дуплираше во првиот мандат на Шилегов, но и стандардите на изведбата драстично се подобрија. Ако до неодамна Скопје имаше 50-ина километри патеки, лоцирани на кејот на Вардар и најшироките булевари, Партизанска, Илинденска, Јане Сандански и Александар Македонски, сега градот има поврзани велопатеки од Ѓорче Петров до Пинтија и Маџари. Со пробивањето на булеварот Христијан Тодоровски Карпош, велосипедската мрежа изби до самата обиколница“, вели тој.
Но, градоначалникот Шилегов нагласува дека не е сè во километрите.
„Работевме на конектори, бидејќи тие ги прават велосипедите функционални. Џабе имавте велопатеки на Партизанска и Илинденска, кога немавте начин со точак да преминете од една до друга. Затворањето на Голем Ринг со целосно одвоени велосипедски патеки за мене е многу поважно од квантитетот. Пробивањето на кејот за велосипедите во центарот на градот за мене е многу поважно од колку километри се направиле.“
Според Шилегов, бројот на велосипедисти во главниот град е драстично пораснат и тоа е видливо по сите скопски булевари, дури и во зима.
„Големиот број на топли денови во годината, како и рамниот терен, го прават Скопје град со совршени предуслови за вело метропола. За напредокот на Скопје на ова поле говорат и активистите од соседна Софија кои упатуваат на Скопје како пример како треба да се развива велосипедизмот“, вели Шилегов.
Тој додава дека развивањето на велосипедизмот не значи само изградба на патеки.
„Напротив, треба истовремено да се работи и на другите аспекти кои го охрабруваат возењето. Во Скопје денес има неколку стотини нови велопаркинзи, Поделени се над 15.000 субвенции за велосипеди и 600 електрични тротинети, осигурителните компании започнаа да нудат полиси за кражби, го изградивме првиот велоштад под транспортен центар, како и два памптрак полигони за да го популаризираме велосипедот кај младите скопјани“, вели Шилегов.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Одрон на патниот правец Живалево – Туралево, сообраќајот се одвива по една коловозна лента

Од 05:00 часот на патниот правец село Живалево – село Туралево има одрон, сообраќајот се одвива наизменично по една коловозна лента.
Во 03:40 часот се укинува забраната за тешки товарни возила према превој Стража, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
Македонија
Променливо облачно и студено со повремени врнежи од дожд, на некои од повисоките места дожд и снег

Променливо облачно и студено со повремени врнежи од дожд, на некои од повисоките места од дожд и снег, а на планините повремен снег. Ќе дува умерен до засилен северен ветер. Минималната температура ќе се движи во интервал од 2 до 7 степени, а максималната ќе биде во интервал од 4 до 11 степен.
Во Скопје, облачно и студено со врнежи од дожд, а на повисоките места од котлината со повремени врнежи од дожд и снег. Ќе дува засилен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти со 3, а максималната ќе достигне 7 степени.
Времето во наредните денови
Под влијание на циклонска активност нашата држава е зафатена од студен бран кој доаѓа од северните делови на континентот. Вкупно од овој бран се очекува на повеќе места да наврнат над 50 l/m² дожд. Денес на планините врнежите ќе преминуваат во снег, при што ќе се формира значителна снежна покривка. Поради натамошно спуштање на студен воздух, ќе има услови врнежите од дожд да преминуваат во снег и на некои од повисоките населени места. За време на викендот времето ќе биде стабилно со ниска утринска температура, а дневната ќе биде во благ пораст.
Македонија
Врнежи од снег и паднати дрвја на патот Никфорово-Леуново-Бунец, сообраќајот во прекин

На регионалниот пат Никфорово-Леуново-Бунец од 23:20 часот, сообраќајот е во прекин поради врнежи од снег и паднати дрва на коловоз, извести АМСМ.
Се интервенира за негово расчистување.
Во текот на денот и вечерва вработените од Ј.У.Н.П. „Маврово# со сопствена механизација, се вклучија во активностите за расчистување на паднатите дрва кои го отежнуваат движењето на автомобили по регионалниот пат Маврово – Дебар и околу Мавровското езеро.