Македонија
Шилегов: Уште една нова велопатека на Водно

Градоначалникот на Скопје и кандидат за втор мандат, Петре Шилегов, денеска ја промовира новоотворената втора, надолна, шумска патека со којашто Средно Водно се поврзува со центарот на градот.
„Оние што ја пробале кажуваат дека нуди незаборавно 20 минутно адреналинско искуство. Оваа патека значи функционално комплетирање на проектот „Водно Вело Парк“ со што омилената планина на скопјани станува функционална рекреативна и туристичка зона. Водно со овие две патеки и придружната инфраструктура станува регионална туристичка атракција“, изјави Шилегов.
„Двете патеки за планински велосипедизам дојдоа на барање на велосипедистите и планинарите кои често влегуваа во конфликт на планинарските патеки. Овие патеки немаат никаков контакт со патеките на планинарите“, вели Шилегов.
Патеката е долга над 3.5 км и широка е 3 м. Косините се лесно совладливи и од помалку искусните возачи, но носењето на заштитна опрема е задолжително и е препорачливо. Шилегов информира дека за оваа патека се расчистувала единствено ниска вегетација и дека не е сечена шума.
Тој потсети дека изминатите четири години воведени се бесплатни автобуски линии, воведен е ред во паркирањето, поставени се нови детски содржини, набавена е планинска противпожарна опрема и возила, организирана е спасителна служба со црвениот крст на Град Скопје.
„Кога се воведе паркингот на Водно најавата беше дека парите ќе се инвестираат во планината. Денес може да каже дека оваа патека со вредност од 8 милиони денари е финансирана со паркинг картите на автомобилистите. Да ве потсетам, на Водно му се случија тешки злостори во нашето блиско минато. На Водно му се случи Сончев Град – населба која не се догради а за која се пресече шумата на источните падини кон општина Кисела Вода. На Водно му се случи патот до Сончев Град – којшто се изгради несоодветно и сега е небезбеден за употреба и затворен. Овој пат не само што пресече илјадници дрвја на планината, туку ги пресече и најубавите планинарски патеки од Кисела Вода кон Марково Крувче и Средно Водно. На Водно му се случи и поместувањето на градежната линија и засилената урбанизација над Центар и Карпош за коишто ја имаа помошта на ГУП-от изработен од мојот претходник Коце Трајановски“, рече Шилегов.
Изградбата на паркови, културни објекти и јавни содржини кои обединуваат луѓе, додаде тој, не смее да запре.
„Изградбата на европско, урбано и зелено Скопје мора да продолжи. Драги скопјанки и скопјани, Вие граѓаните сте силата на овој град, и само вие одлучувате во каков град ќе живеете. Иднината на Скопје е во ваши раце. Да се обединиме затоа што развојот на Скопје не смее да запре“ потенцираше Шилегов.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Шукова и Мојсова на пазарот во Тафталиџе: Ги слушнавме од прва рака проблемите на пазарџиите

Кандидатката за градоначалничка на Скопје од СДСМ, Каја Шукова, денес го посети пазарот во Тафталиџе заедно со Маја Мојосова, кандидатка за градоначалничка на општина Карпош.
„Денес бевме на пазарот во Тафталиџе заедно со Маја Мојосова, нашата кандидатка за Карпош. Ги слушнавме од прва рака проблемите на пазарџиите,“ изјави Шукова.
Таа посочи дека условите за работа се лоши, особено при екстремно високи температури.
„На вакви пеколни температури тешко се седи цел ден на тезга, немаат услови, но мораат да бидат таму. Работат напорно, чесно, и заслужуваат подобри услови за работа.“
Клучното барање кое било истакнато од страна на продавачите е јасно:
„Најчестото барање што го слушнавме беше едноставно – затворен пазар со нормални услови за работа.“
Во таа насока, Шукова истакна дека решението е веќе дел од нејзината програма.
„Во мојата програма имам конкретни проекти за затворање и модернизација на градските пазари. Пазарите ќе бидат живи, безбедни и функционални простори и за продавачите и за купувачите.“ – изјави Шукова.
Македонија
Муцунски во Истанбул се сретна со турскиот министер за надворешни работи

На маргините на состанокот на Балканската платформа за мир, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска во Истанбул оствари средба со својот турски колега, министерот за надворешни работи, Хакан Фидан.
На средбата се разговараше за унапредување на билатералните политички односи, зајакнување на економската соработка и искористување на инвестициските можности. Соговорниците се осврнаа и на продлабочување на соработката во други области од заемен интерес.
Двајцата министри го потврдија силното пријателство меѓу двете држави, тесната соработка во рамките на НАТО, како и заемната поддршка во мултилатералните организации. Разговорите опфатија и актуелни регионални и геополитички прашања, со акцент на важноста од стабилен и просперитетен Балкан.
Средбата се одржа во рамки на првиот состанок на Балканската платформа за мир, иницирана од министерот за надворешни работи на Република Турција, Хакан Фидан.
Македонија
Големиот пожар кој избувна попладнево во близина на Струмица е под контрола

Големиот пожар кој избувна попладнево во близина на Струмица меѓу Градските гробишта и селото Баница и зафати огромна површина и со голема брзина се ширеше кон месноста Софилар и куќите во тој дел на градот е ставен под контрола, објави директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДСЗ), Стојанче Ангелов.
Според него, големиот и црн чад излегува од склад во чиј двор од пожарот се зафатени гуми, а пожарникарите не дозволуваат пожарот да се шири кон селото Баница, градот и викендички во овој простор.
-Пожарот се движи во неколку насоки и има големи шанси да биде ставен под целосна контрола. На едно место навлезе делумно во Гробиштата во Струмица, зафати неколку квадратни метри и тука е запрен. Нема потреба од вознимереност и паника. Струмичките пожарникари побараа помош од соседните противпожарни единици, а доаѓаат и два „пинцгауери“ на ДЗС, а во случај на лош развој на настаните ќе упатиме и „ер трактори“. Во овој момент нема таква потреба, иако едниот „ер трактор“ превентивно е упатен кон Струмица, рече Ангелов во изјавата за медиумите објавена од местото на пожарот.
Соред командирот на ТППЕ Струмица, Александар Гудев, се работи за пожар од големи размери, кој засега го гаснат 30 пожарникари и 10 возила, а побарана е помош од пожарникарите од Валандово и вклучување на хеликоптер.
Од СВР Струмица попладнево упатија апел до граѓаните да не се движат во делот зафатен со пожар, а лицата кои се затекнати таму веднаш да го напуштат подрачјето.