Македонија
МВР: Oд 2017 сме гарант за слободни избори, ВМРО-ДПМНЕ шири дезинформации
Министерството за внатрешни работи преку соопштение категорично ги отфрла, како што се вели, невистините што втор ден по ред ги шири партијата ВМРО-ДПМНЕ за наводно координирано следење, малтретирање и селективно попречување на слободата на луѓето.
„Повторуваме дека во јавноста не е изнесен ниту еден доказ, ниту дека тоа се договарало, ниту дека МВР на кој било начин е дел од таква наводна операција ниту, пак, дека тоа реално се случувало. Ја информираме јавноста дека МВР нема креирано таква вибер-група и дека активностите на МВР и во Прилеп и во кој било друг град не се координираат преку вибер-групи“, се наведува во соопштението.
Од Министерството тврдат дека на денот на изборите, 17 октомври, во Прилеп немаат испратено возило на технички преглед ниту, пак, е изречена санкција за сообраќаен прекршок, што говори дека наведените дејства, всушност, не се случиле.
„МВР почна внатрешна истрага за утврдување на фактите имајќи предвид дека вибер -групи или графички прикази од вибер-групи може да се креираат и изработат во секое време и од секого и имајќи предвид дека до МВР не е пристигната ниту една пријава од граѓанин за дејства во Прилеп на денот на изборите какви што беа презентирани на прес-конференцијата. МВР е гарант за сите слободни избори од 2017 до денес и тоа ќе продолжи да биде и понатаму“, стои во соопштението.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ веќе има 35 градоначалници, рече Мицкоски по повлекувањето на опонентите од Могила и Македонски Брод, очекува 59
Премиерот Христијан Мицкоски од денешниот митинг во Неготино изрази увереност дека кандидатката од ВМРО-ДПМНЕ која има предност пред нејзиниот опонент од СДСМ, ќе биде следниот градоначалник на општината.
Мицкоски нагласи дека граѓаните јасно ја изразиле својата волја и доверба кон ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата, која во првиот круг освоила 33 градоначалници, наспроти тројца од СДСМ, а во вториот круг влегла во 26 општини.
„Веќе во две општини противниците на нашите кандидати се откажаа – Македонски Брод и Могила – така што во овој момент коалицијата има 35 градоначалници и уште во 24 општини е во втор круг. Тоа се 59 потенцијални градоначалници“, рече Мицкоски, додавајќи дека тоа ќе биде историски најголем триумф на македонската политичка сцена.
Тој посочи дека ВМРО-ДПМНЕ е апсолутен победник на овие избори, имајќи мнозинство и во 58 општински совети, а го истакна и водството на кандидатот за градоначалник на Град Скопје, со предност од над три спрема еден во однос на противкандидатот.
Мицкоски ги повика граѓаните масовно да излезат на гласање на 2 ноември и да го заокружат бројот 9, за, како што рече, да се потврди „најголемата победа во историјата на Македонија“.
Македонија
Бесплатно патување за пензионерите, финансиска поддршка за првачиња и новороденчиња, најави кандидатката за градоначалничка на Неготино, Марија Нацева
Кандидатката за градоначалничка на општина Неготино од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Марија Нацева, на денешниот настан во рамки на кампањата за вториот круг од локалните избори, изјави дека нејзината програма нуди конкретни проекти за подобра иднина и развој на општината.
Нацева нагласи дека акцентот е ставен на развојот на патната и комуналната инфраструктура, со најави за реконструкција на градскиот плоштад, изградба на концертна сала, како и кружни текови на влезот и излезот од градот.
„Во програмата што ја нуди ВМРО-ДПМНЕ има голем број капитални проекти – реконструкција на градски плоштад, изградба на концертна сала, кружни текови на влезот и излезот од Неготино, реконструкција на старата социјална зграда и спортскиот комплекс околу салата ‘Младост’“, изјави Нацева.
Таа додаде дека ќе се инвестира и во образованието, преку реконструкција на училишта, доделување стипендии, финансиска поддршка за првачињата и новороденчињата, како и воведување на бесплатно патување за пензионерите и промоција на локалниот туризам.
Нацева посочи дека дел од плановите опфаќаат и урбанизација и развој на нови зони за инвеститори, што ќе придонесе за нови вработувања и задржување на младите во градот. Таа најави и активности за зелена и енергетски ефикасна општина.
Нацева во Неготино ќе се соочи со Петар Мантев од СДСМ. Првиот круг заврши со 656 гласа во корист на Нацева. Вториот круг од локалните избори ќе се одржи на 2 ноември.
Македонија
Наталија е патриот и инспирира со својата работа, рече Мицкоски за кандидатката за градоначалничка на Демир Капија пред вториот круг
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на денешниот настан во Демир Капија во рамки на кампањата за вториот круг од локалните избори, изјави дека кандидатката за градоначалничка, Наталија Димитриева ќе оствари убедлива победа на 2 ноември.
„Наталија направи исклучително добар резултат во првиот круг и со поддршката од граѓаните Демир Капија ќе ја добие својата жена за градоначалник. Таа е голем патриот, борец за својата Демир Капија и инспирира со својата работа“, рече Мицкоски.
Тој ги повика граѓаните масовно да излезат на 2 ноември и да го заокружат бројот 9, нагласувајќи дека изминатите 16 месеци Владата испорачала повеќе проекти и реформи по седум години стагнација.
Во вториот изборен круг Димитриева ќе се соочи со кандидатот на СДСМ, Лазар Петров. Во првиот таа освои 1.006 гласови, а Петров 974.

