Македонија
(Видео) Шилегов: Скопје до 2024 ќе стане еколошки град, без метеж во сообраќајот
Влегуваме во последната недела од кампањата и би сакал да ги сумирам клучните ветувања, проекти и планови за градот, кои во следните 4 години ќе се спроведат, а за кои интензивно зборував изминативе недели, изјави кандидатот за втор мандат за градоначалник на Скопје, Петре Шилегов, на денешната прес-конференција.
„Прво, Скопје до 2024 ќе биде град без сообраќаен метеж бидејќи ги завршуваме сите стратешки сообраќајни решенија што 40 години биле запоставени. Со пробивање на булеварот АСНОМ и мостот ‘Михајло Апостолски’, сите што патуваат од Аеродром до Карпош ќе го заобиколуваат центарот на градот по нова сообраќајна артерија. Со пробивање на тунелите под ‘Лимак’ ја пробиваме другата артерија и сите што патуваат од Кисела Вода и Драчево, односно по јужната страна, ќе го заобиколуваат центарот на градот. Со ова ја отвораме можноста центарот да биде затворен за автомобили и да поминува само БРТ-системот, кој треба да е готов со 2024. Со комплетирање на овој мастер сообраќаен план Скопје ја добива најголемата пешачка зона од сите европски градови и сосема нов лик и начин на живеење“, рече Шилегов.
Потоа тој поконкретно се задржа, на, како што рече, брзиот еколошки и целосно нов јавен транспорт.
„БРТ-системот е решение што е одобрено и веќе финансирано од ЕБРД, решение што е прогласено за најеколошки начин и за најефикасен систем за превоз на патници од страна на Европската банка за развој. Со воведување на бас-рапид транзит-системот скопјани од Ново Лисиче до Ѓорче Петров ќе стигаат за само 35 минути. На секои 3,5 минути ќе имаат превоз на станиците, кој никогаш не доцни. Ова е вистинско решавање на транспортот во Скопје и стратегија за транспорт, а не ветувањата за нови автобуси, кои нема воопшто да го сменат начинот на јавен транспорт во Скопје“, истакна Шилегов.
Во продолжение тој рече дека во Скопје за само четири години е намалено загадувањето од просечни 71 микрограм на кубен метар на 40 микрограми.
„Ова е резултат на јасната и ефикасна стратегија на Градот за борбата со овој проблем. Во следните четири години стратегијата што функционира нема да ја менуваме, туку ќе ја унапредиме, но и дополнително ќе ги завршиме стратешките инвестиции во затоплувањето. Во следните 4 години издвојуваме 4 милиони евра за инвертери и замена на старите нееколошки печки, кои сè уште ги имаме. За само четири години, изгасивме 8.000 оџаци токму преку ваквите субвенции и со овие мерки продолжуваме бидејќи дадоа видлив резултат. Ќе субвенционираме 30.000 велосипеди во следните 4 години бидејќи граѓаните ги менуваат навиките и почнуваат да користат еколошки транспорт. Со изградените над 115 километри велопатеки скопјани може да се движат безбедно и бргу со алтернативен транспорт. Ако на ова го додадеме и еколошкиот јавен превоз, за четири години Скопје ќе биде еколошки, чист и зелен град“, истакна Шилегов.
Нагласи и дека до 2022 Скопје, конечно, ќе добие нов, квалитетно подготвен ГУП, кој веќе се работи.
„Скопје изминативе десет години беше жртва на ГУП-от донесен од ВМРО-ДПМНЕ во 2012 и сега тоа мора да го поправиме. Со новиот ГУП ја селиме тешката индустрија надвор од градот, долг и тежок процес, кој мора да почне. Со новиот ГУП го урбанизираме северниот дел на Скопје и целосно го селиме градежниот фокус надвор од центарот на градот. Ова е клучот да го растовариме централното градско подрачје од градежен притисок и да го развиваме градот. Со квалитетно донесен ГУП, на кој работат сите експерти од оваа област, и со вклучување на граѓаните во неговото носење, Скопје во следните десет години загарантирано квалитетно ќе се развива со фокус на заштита на јавните површини и креирање многу нов јавен простор, зеленило и паркови“, рече Шилегов.
Во последниот дел од своето обраќање тој истакна дека Скопје е град што се грижи за сите и кој ги поддржува граѓаните, па во таа насока за следните четири години најави сериозен пакет финансиска поддршка за сите граѓани.
„Пензионерите добиваат бесплатен превоз во јавниот транспорт секој ден во неделата. Бесплатен превоз сега имаат студентите и средношколците, но сега добиваат и докторандите и постдипломците. Понатаму, на младите сегашни и идни родители им нудиме сериозна финансиска поддршка. До 200 евра годишно заштедуваат семејствата со едно дете што оди во градинка бидејќи ние од Град Скопје ќе ги покриеме половина од трошоците за градинката. До 150 годишно заштедува едно семејство со едно дете во основно училиште бидејќи ќе ги покриеме половина од трошоците за оброк. Семејства со две или повеќе деца во гадинка и училиште ќе имаат двојно или повеќе заштеда на годишно ниво. Ова е вистинска грижа за граѓаните“, заклучи Шилегов.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Мицкоски на панел во Давос со американскиот секретар за енергетика: „Македонија мора да стане активен играч во енергетиката“
Премиерот Христијан Мицкоски денеска учествуваше на панел за енергетика во рамки на Светскиот економски форум во Давос, заедно со секретарот за енергетика на САД, Крис Рајт. Тој изјави дека зад себе има успешен и инспиративен ден со средби со мултинационални компании од областа на енергетиката, здравството и високата технологија.
„Претставивме можности за инвестиции во македонската економија – нешто што значи додадена вредност за граѓаните“, рече Мицкоски во видео-обраќање.
Во фокусот на денот, како што рече, бил панелот на кој учествувале водечки светски енергетски компании. „Разговаравме за очекувањата и плановите за развој на енергетиката, особено во производството на електрична енергија“, кажа Мицкоски, кој притоа истакна три клучни поенти од панелот:
Побарувачката на електрична енергија ќе расте два и пол пати побргу од вкупната побарувачка на енергија во светот во наредните години. „Македонија не смее да биде нем набљудувач, туку активен чинител“, порача тој, повикувајќи на рестарт на проекти како Чебрен, Галиште и Бошков Мост.
Во следните десет години, светот ќе треба да изгради капацитети што ќе произведуваат 40.000 терават-часови електрична енергија – што е 5.500 пати повеќе од целата потрошувачка на Македонија, и приближно колку што трошат САД, Канада, ЕУ и Јапонија заедно. Причина за ова е експанзијата на вештачката интелигенција и дата центрите што работат исклучиво на електрична енергија.
Македонија треба да ја диверзифицира економијата и од фокус на автомобилската индустрија да стане значаен играч во енергетиката, користејќи ги постојните ресурси и потенцијали за обновлива енергија.
„Убеден сум дека можеме да успееме како држава во оваа насока“, изјави премиерот.
Македонија
МВР го пронајде возачот кој се снимаше додека вози со 293 километри на час
Министерството за внатрешни работи делуваше по објавата на шокантно видео на социјалните мрежи, на кое се гледа како возач управува со патничко моторно возило со неверојатни 293 километри на час на автопатот Скопје–Гевгелија, во близина на Неготино. На тој дел од патот максимално дозволената брзина е 120 километри на час.
Возачот, А.Д. (36) од село Елово, скопско, веднаш бил идентификуван, пронајден и повикан од полицијата.
„Тој е санкциониран согласно законските одредби“, велат од МВР.
Министерството повторно апелира до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, за зачувување на безбедноста на сите граѓани.
Фото: МВР
Македонија
Утре снежни врнежи, наместа снежната покривка ќе се зголеми и до 25 сантиметри, најавува УХМР
Облачно време со повремени локални врнежи од снег се очекува утре низ целата земја. Пообилни врнежи ќе има во западните делови, каде што висината на снежната покривка на планините и на некои повисоки места ќе може да се зголеми и до 25 сантиметри. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе биде помеѓу -8 и -2 степени, додека максималната ќе достигне од 0 до 6 степени, јавува УХМР.
За Скопје се најавува претежно облачно време со повремени врнежи од снег со послаб интензитет. Во Скопје, исто така, ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се движи околу -6, а максималната ќе биде до 2 степени.
Во наредните денови се очекува период на променливо облачно време со пораст на температурите. До сабота ќе продолжи претежно стабилно време, со појава на магла во поодделни котлини. Од сабота кон крајот на денот повторно се очекуваат локални врнежи од дожд, односно снег на планините и повисоките места.

