Македонија
Објавен првиот прирачник за предавање контроверзни теми во училница
Предавањето и дискусијата на контроверзните теми сѐ уште претставува предизвик за наставниците од училиштата во нашата земја, па затоа дури 86 отсто од учениците никогаш немале можност да разговараат за тековни општествени прашања во рамките на образованието.
За да се надмине ваквата состојба, здружението LEAD го издаде првиот прирачник за предавање контроверзни теми во училница, наменет за наставници и целосно преведен на македонски јазик.
Прирачникот е наменет за професионален развој на наставници и е дизајниран за поддршка и унапредување на предавањето на контроверзни прашања во училиштата. Тој содржи конкретни алатки и техники за предавање и опфаќа разни теми, како што се религија, родови улоги, еднородителски семејства, сексуална определба, екстремизам и слични теми, во училница. Ваквиот пристап на предавање придонесува за подобрување на знаењата на учениците и за вклучување во дијалог ученици со разни ставови и вредности, што е од клучно значење за демократскиот процес и неопходно за заштита и зајакнување на демократијата и за негување на човековите права.
„Контроверзните теми, кои ги дефинираме како теми за кои постојат спротивставени мислења во општеството и будат силни чувства кај луѓето, е значајно да се дискутираат во рамките на образовниот процес за да се поттикне дијалог за нив и да се развие свест за важноста од дискутирање кај тие теми кај младите уште од најмала возраст. Избегнувањето на дискусиите на овие теми и недостигот на конструктивен дијалог за нив само води кон поделба на општеството и зголемување на меѓусебната нетрпеливост“, вели Илија Станковски, програмски директор на здружението LEAD.
Прирачникот „Предавање контроверзни прашања преку едукација за демократско граѓанско и човекови права“ е оригинално издаден од Советот на Европа и преведен на над 15 јазици во Европа. Македонската верзија на прирачникот е бесплатно достапна и може да се преземе од веб-страницата на LEAD на следниот ЛИНК.
Албанската верзија може да се преземе на следниот ЛИНК.
Прирачникот е изработен во рамките на проектот „Наставници за едукација, демократија и човекови права“, имплементиран од здружението LEAD, заеднички финансиран од Европската Унија и Советот на Европа во рамките на програмата „Демократска и инклузивна училишна култура во функција“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Силен земојтрес почувствуван во Македонија
Силен земјотрес беше почувствуван вечерва во 22:05 часот во Македонија.
Според информациите на ЕМСЦ, потресот бил регистриран во Косово, на 15 километри од Тетово, со магнутуда од 4,6 степени.
Земјотресот бил на длабочина од 5 километри.
Засега нема информации за штети.
Македонија
Тополова-Исајловска: Криминалот врз културното наследство остава трајни последици
Јавното обвинителство е една од клучните институции-потписнички на двата меморандуми за разбирање, чија цел е зајакнување на институционалните капацитети за справување со кривични дела против културното наследство и животната средина.
Настанот го означи успешното завршување на твининг проектот помеѓу Италија и Република Северна Македонија,финансиран од Европската Унија со средства од Инструментот за претпристапна помош – ИПА.
“Кривичните дела во овие области се карактеризираат со високо ниво на сложеност. Тие често вклучуваат организирани структури, прекугранични активности, финансиски интереси и значителна материјална штета. Последиците од ваквите дела, за разлика од други форми на криминал, во голем дел се трајни – уништеното културно добро или деградираната животна средина речиси никогаш не можат целосно да се обноват. Затоа, покрај националните механизми, од суштинско значење се и инструментите на меѓународна правна помош, размената на информации и оперативната соработка, како со институциите од регионот, така и со институциите од Европската Унија”, истакна при потпишувањето на меморандумите В.Д. Јавниот обвинител, Анита Тополова Исајловска.
Целта на проектот, во чија реализација беа вклучени италијанските Карабинери со специјална експертиза, беше зајакнување на националните капацитети за спречување, истражување и борба против кривични дела поврзани со културното наследство и животната средина во согласност со стандардите и најдобрите практики на ЕУ.
Меѓуинституционалната соработка беше зајакната преку структурирани механизми за координација, што резултираше со потпишување на двата Меморандуми за разбирање со кои се воспоставуваат национални мултиинституционални платформи за заедничко дејствување против криминалот со културното наследство и животната средина.
Македонија
СДСМ: Корупцијата цвета, Македонија на ниво на Буркина Фасо и Танзанија според Транспаренси
СДСМ обвини дека корупцијата во Македонија „цвета“, повикувајќи се на Извештајот на Транспаренси за 2025 година, според кој, како што наведуваат, земјата е на ниво на Буркина Фасо и Танзанија.
Од партијата тврдат дека граѓаните „секој ден гледаат дека во Македонија цвета корупцијата поради криминалот на тендер коалицијата ВМРО-ЗНАМ“.
Во соопштението се наведува дека „161 тендер се доделени на една фирма, 51 тендер за омилената фирма на ВМРО преку општините, 9 милиони евра за фирма само со двајца вработени, 1,2 милиони евра за фирма блиска до ЗНАМ преку Пошта“.
СДСМ ги споменува и петте тони дрога преку граница, оценувајќи дека се случил „најголемиот нарко-скандал во регионот со дрога од Македонија која била шверцувана во Србија“.
Според партијата, „наместо реформи во правосудството, власта презема целосна контрола врз судството и обвинителството и носи закони кои не се согласно препораките на ЕУ“.
„Нема борба против криминалот и корупцијата туку има обиди за заштита на криминалците од врвот на власта“, наведуваат од СДСМ.
Во соопштението се додава дека „сè тоа ја става Македонија во групата на земји како Буркина Фасо и Танзанија, според Извештајот на Транспаренси за 2025 година“.

„Македонија го има својот Мадуро кој ја води земјата кон намерна изолација од ЕУ за може слободно да се спроведува грабежот зад грбот на граѓаните“, додава СДСМ.

