Македонија
Шилегов: Водно е бисерот на Скопје, не смее да го вратиме во рацете на неговите уништувачи
Би сакал директно да им одговорам на членовите од иницијативата „Го сакам Водно“ дека од сè срце ги прифаќам нивните барања и ги сметам и за свои, вели кандидатот за втор мандат за градоначалник на Скопје, Петре Шилегов.
Тој одговри на повикот од граѓанското здружение до двајцата кандидати во градоначалничката трка да дадат гаранција дека нивните намери за вистински и целосно заштитено Водно се искрени.
„Водно го штитевме заедно со активистите во долгите и мачни преговори за гасоводот што го наследивме како проблем. Успеавме да ја измениме трасата во критичните четири километри, каде што требаше да се пресече шума, но и успеавме да ја преполовиме ширината на коридорот, со што дополнително заштитивме илјадници дрвја на Водно. Успеавме да обезбедиме средства од државата за компензација и пошумување на ерозивните подрачја на планината“, рече Шилегов.
Тој воедно нагласувa дека во неговата програма недвосмислено е потенцирано дека нема да се дозволи покачување на градежната линија и дека јужната обиколница на Скопје ќе биде избришан од новиот ГУП.
„За разлика од мојата противкандидатка, јас нема да сечам нова шума за нов коридор на жичницата до градот. Јас нема да дозволам гондоли да поминуваат над главите на жителите на Водно, Козле и Капиштец. Јас нема да дозволам пробивање нови патишта како што правеа нејзините сопартијци ниту, пак, ќе дозволам нови сончеви населби на падините на Водно, како што правеа нејзините другари“, потенцира Шилегов.
Тој воедно упати и директна порака до иницијативата „Го сакам Водно“ велејќи дека од сè срце ги прифаќа нивните барања и ги смета за свои.
„Денес, ги задолжив службите на Градот итно да постапат по одлуката на Владата за прогласување на Водно во заштитена зона и да испратат барање до Агенцијата за просторно планирање за изработка на просторен план за Водно“, посочи Шилегов.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ЗНАМ до СДСМ: Димитриевски нема „златни визи“, не е вмешан во скандали и не оди на журки во Дубаи
Движењето ЗНАМ – За Наша Македонија обвини дека СДСМ со нападите врз Максим Димитриевски и партијата се обидува да ја дефокусира јавноста од сопствената политичка и економска катастрофа. Во соопштението, ЗНАМ ги нарекува обвинувањата на СДСМ „политичка манипулација и замајување“, оценувајќи ги како „неосновани, тенденциозни и без докази“.
Од партијата велат дека Димитриевски има лична и професионална кариера надвор од политиката и дека не бил поврзан со корупциски скандали.
„За разлика од двоецот Заев-Филипче кој ги троши народните пари по луксузни јахти низ светот, тој не поседува ‘златни визи’ и не оди на журки во Дубаи“, се наведува во соопштението.
Според ЗНАМ, сите јавни набавки и финансиски постапки се спроведуваат законски и под надзор, а партијата останува доследна на принципите на отчетност и јавна одговорност. „Политиката за нас не е приватен бизнис, туку јавна одговорност во интерес на граѓаните“, велат од движењето.
Македонија
Хоџа: И во 2026 обезбедивме средства за Националните паркови кои се клучен столб во заштитата на природното наследство
Министерот за животна средина и просторно планирање, Муамет Хоџа, на работен состанок со директорите на националните паркови Пелистер, Маврово, Галичица и Шар Планина, ја потврди силната и континуирана поддршка на Министерството за нивниот развој, заштита на прирдоните вредности и одржливо управување.
„Со особено задоволство можам да истакнам дека и во 2026 година, Министерството во својот Буџет обезбеди наменски средства за понатамошен активности за заштита и промоција на националните паркови, што претставува јасен сигнал за долгорочната посветеност на државата кон заштитата на природата и одржливиот развој“, истакна министерот Хоџа.
На средбата беше нагласено дека националните паркови се клучен столб во заштитата на природното наследство, но и важен двигател на одржливиот туризам и локалниот економски развој.
Министерот Хоџа истакна дека Министерството ќе продолжи со поддршка на активностите на националните паркови преку подобрување на законската регулатива, обезбедување стабилна финансиска поддршка од државниот буџет, како и преку координација и мобилизација на средства од ПОНТ, ЕУ ЛИФЕ програмата и други меѓународни партнери. Со тоа ќе се зајакне управувањето, ќе се унапреди заштитата на биолошката разновидност и ќе се развива зелена инфраструктура во националните паркови.
Националните паркови, како што беше нагласено на средбата, денес претставуваат не само заштитени подрачја, туку и значајни двигатели на одржливиот развој, атрактивни еко-туристички дестинации и позитивен пример за одговорно управување со природните ресурси.
Македонија
Нови авиолинии, повеќе туризам, посилна трговија: Николоски и амбасадорот на Црна Гора за поблиски врски меѓу двете земји
Заменик претседателот на Владата и министерот за транспорт Александар Николоски оствари работна средба со амбасадорот на Црна Гора во Република Македонија, Зоран Миљаниќ.
На средбата се разговараше за актуелните состојби во двете земји, притоа акцент се стави за можноста за воспоставување на нови авиолинии и подобро поврзување на врските меѓу двете земји.
Вицепремиерот го запозна амбасадорот Миљаниќ со инфраструктурните проекти како и со реформските процеси што се спроведуваат во насока на исполнување на европската агенда, притоа беше истакната силната инвестициска активност во изградба и модернизација на меѓународните коридори, кои имаат силно влијание врз регионалниот развој и соработка.
На средбата се разговараше и за зголемување на економската соработка, трговската размена како и соработката во туризмот.
„Со амбасадорот разговаравме за подобрување на билатералните односи особено за можноста за воспоставување на авио поврзување меѓу двете земји. Исто така отворивме теми и за унапредување на трговската соработка, туризмот и се што е во интерес на двете земји. Црна Гора е наша пријателска земја и очекуваме дека во име на таквиот партнерски однос, соработката меѓу двете земји ќе продолжи и во наредниот период”, истакна вицепремиерот Николоски.
Двајцата соговорници се согласија на интензивирање на понатамошната соработка, посебно во делот на зголемување на економските односи меѓу Македонија и Црна Гора.

