Македонија
СДСМ: Арсовска призна дека менаџирала со спортската сала „Расадник“
Во нејзиното гостување на „Само интервју“, кандидатката поддржана од ВМРО-ДПМНЕ, Данела Арсовска, беше прашана и дали менаџирала со спортската сала „Расадник“, нагласуваат од градската организација на СДСМ, од каде што велат и дека таа ја признала својата инволвираност.
Во реакцијата на СДСМ интегрално се пренесува содржината на интервјуто:
„Новинар: „…имате ли вие некаква врска, или вашето семејство со таа сала, ја имавте под концесија, дали Вие ја менаџиравте?“
Арсовска: „Јас за таа работа веќе поднесов тужба затоа што, ако можевте да приметите, во тие документи што ги истакнаа јавно, моето име никаде не стоеше освен на…“
Новинар: „Има некоја ‘Империјал’ фирма што се спомнува…“
Арсовска: „Ете така… Мора да ви кажам, јас во овие 20 години сум била менаџер во многу претпријатија и секаде до моментот додека сум била менаџер, тие биле успешни претпријатија…“
Новинар: „Е, оваа сала е дел од Вашето портфолио?“
Арсовска: „Да, била пред 20 години, меѓутоа тие сите документи што се извадени и лагите што се искажани за да се направи целата оваа конструкција, за жал, се невистина…“
Новинар: „Имаше таму дека сте оставиле долг…“
Арсовска: „Апсолутно е невистина, јас за истото тоа си поднесов веќе тужба официјално и очекувам да сѐ се разјасни…“
Новинар: Ама сега не знам колку Вие имате удел во тоа, инаку салата се распаѓа, тоа се гледа дека не е добро менаџирано…“
Арсовска: „Јас удел во тоа немам, ама ќе се докаже во следните денови кој лошо ја менаџира…“, стои во делот oд интервјуто, кој до јавноста го проследи градската организациија на СДСМ.
СДСМ Скопје на денешната прес-конференција укажа дека Арсовска од биографијата што ја споделила на својата веб-страница се обидува да скрие повеќе работи:
„Арсовска се обиде да скрие дека била катастрофален менаџер на скопската сала ‘Расадник’, изградена со самопридонес на скопјани, а ја зела под закуп на 25 години за само илјада евра месечно кога на власт беше ВМРО-ДПМНЕ. Арсовска се обиде да ги скрие семејните фирми со седиште во салата ‘Расадник’, кои профитирале додека салата тонела во долгови, се крадела струја од неа и се упропастувала како спортски објект. Арсовска се обиде да го скрие од јавноста и своето моминско презиме Јовановска за да не се открие нејзиниот непотизам и поврзаноста на семејните фирми од салата ‘Расадник’, со хотелите ‘Империјал’ и ‘Ројал’“, се наведува во реакцијата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сали во Брисел: Билатералните прашања не смеат да го кочат европскиот пат на земјата
Во рамките на официјалната посета на Брисел, Првиот заменик-претседател и министер за европски прашања, Беким Сали, оствари средба со европратеникот Матеј Тонин (EPP) во Европскиот парламент.
За време на средбата се дискутираше за напредокот на Северна Македонија во процесот на евроинтеграции и за спроведувањето на клучните реформи, вклучувајќи го владеењето на правото, јавната администрација и правата на заедниците. Истакната е важноста билатералните прашања да не го попречуваат напредокот на земјата кон ЕУ.
Исто така, беше оценет постигнатиот напредок во Планот за раст и дигитализацијата на услугите, вклучително и проектот WiFi4WB и приклучувањето во SEPA, како и соработката со Претседателството на Кипар и европските партнери за решавање на предизвиците со транспортерите по воведувањето на Системот Entry/Exit.
Првиот заменик-претседател Сали повторно ја потврди посветеноста на Северна Македонија кон европскиот пат и подготвеноста за натамошно унапредување на секоја реформа со европските партнери.
Македонија
Во наредните денови дожд, на планините снег – температурите растат
Времето утре ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб ветер, а долж Повардарието умерен ветер од југоисточен правец. Минималните температури ќе се движат од -4 до 3 степени, додека максималните ќе достигнат од 6 до 11 степени.
Во Скопје се очекува променливо облачно време со слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до -1 степен, а максималната ќе достигне до 9 степени.
Во наредните денови времето ќе биде променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд, а на повисоките планини и од снег. Ќе дува слаб до умерен ветер, а во среда повремено засилен ветер од југоисточен правец. Температурите ќе бидат во пораст.
Македонија
Сиљановска-Давкова на Светскиот самит на лауреати: Во науката нема мали и големи држави, туку само мали и големи идеи
Промената во светот бара промена во образованието, гледање на реалноста низ очите на новите генерации, рече претседателката Гордана Сиљановска-Давкова во своето обраќање на Светскиот самит на лауреати, што денеска се одржува во Дубаи, во пресрет на Светскиот самит на владите.
На еминентниот собир, на којшто учествуваат околу 150 врвни научници, вклучувајќи Нобеловци и лидери на истражувачки институции од целиот свет, Сиљановска-Давкова посочи дека во време на подем на вештачката интелигенција, образованието повеќе не е еднонасочна улица на пренесување и помнење на факти и посочи на потребата фокусот на образованието да се префрли на критичко и креативно размислување.
„Вештачката интелигенција е дел од новиот модел на образование. Таа не може и не треба да биде забранета. Сепак, тоа треба да се регулира, бидејќи носи бројни ризици, меѓу коишто е зависноста“, рече претседателката.
Според неа, образованието мора да почне да се фокусира на менталната стабилност, емоционалната интелигенција и етичкото и моралното расудување, што ѝ недостасува на вештачката интелигенција.
„Ни треба глобален консензус дека вештачката интелигенција во образованието и во секојдневниот живот мора да биде транспарентна, фер и водена од човекот. Вештачката интелигенција мора да биде алатка, а не господар“, рече Сиљановска-Давкова.
Претседателката смета дека промена на парадигмата е потребна и во македонскиот образовен систем.
„Верувам дека во науката нема мали и големи држави, туку само мали и големи идеи. Имаме луѓе со одлични идеи. Имаме хемичари и физичари кои се меѓу првите 2% од најцитираните научници на глобално ниво. Имаме жени во STEM кои ги надминуваат регионалните и европските нивоа. Имаме талент и потенцијал, но не можеме да го направиме тоа сами. Ни треба вашата поддршка, идеи, а најважно од сè, вашиот совет. Македонската академија на науките и уметностите, нашите универзитети и факултети се отворени за соработка во истражувачки и развојни проекти од коишто сите би можеле да имаме корист“, рече претседателката на самитот.

