Македонија
ДУИ со поддршка за Шилегов: „Скопје стана град за сите“
Теута Арифи во Тетово, Шилегов во Скопје, порача портпаролот на Демократската унија за интеграција, Бујар Османи, на денешната прес-конференција. Османи изјави дека изборниот процес во првиот круг е еден од најуспешните, не само поради постигнатиот резултат на ДУИ, туку пред сè поради успехот и големата поддршка за зелената агенда за развојот на општините и на државата во понапредна и поквалитетна димензија.
Тој апелираше до граѓаните да излезат и да гласаат на 31 октомври, за да се отвори патот за реализација на програмите на Демократската унија за интеграција со проекти за уште поквалитетен развој на општините во државата.
„Граѓаните треба да знаат дека в недела имаат избор околу една јасна понуда и концепција од една страна и сè уште несфатлива коалиција со нејасна идеолошка и политичка цел до другата страна. Ние и нашата широка коалиција имаме јасна понуда: Теута Арифи за Тетово во чија програма се наоѓаат најзначаните проекти од Зелената агенда, од најголемите
пречистителни инвестиции, гасификацијата на градот, па сè до реализацијата на коридорот 8; во иста насока е и изборот на Невзат Бејта за Гостивар – вреден, работлив и успешен кандидат кој не само ќе обезбеди нова перспектива за Гостивар, туку ќе претставува и еден вид гарант за сите инвестиции во Полошкиот Регион“, порача Османи.
Османи повика да се поддржи и Петре Шилегов за градоначалник на Град Скопје за да се обезбеди континуитет на развојот на градот, негов инфраструктурен напредок и Скопје да продолжи да биде град еднаков за сите.
„Со не помала важност е и нашиот избор за градоначалник на главниот град. Скопје е главен град на целата држава и град кој е важен за сите негови граѓани, а Петре Шилегов го покажа токму тоа, дека Скопје може да биде град на сите негови граѓани. Изминативе четири години видовме што значи рамноправен развој на градот, без разлика дали во одредени реони живеат Албанци или Македонци, дали живеат Турци, Роми, Бошњаци, Срби или Власи. Скопје станува град на сите, град за сите – и тоа треба да го зачуваме. Тоа е важно и за нас скопјаните, но тоа е важно и за севкупниот мултикултурен амбиент на државата“, додаде Османи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Фото) Од шахта на булеварот „Александар Македонски“ масивно истекуваше хемиска пена, Ѓорѓиевски: Ќе бидат преземени најстроги санкциски мерки
На социјалните мрежи се појавија фотографии за кои скопјани со право се загрижија, но и за кои ние веќе претходно преземавме мерки. Согласно издадената наредба од Инспекторатот на Град Скопје, беше извршен вонреден инспекциски надзор на булевар „Александар Македонски“ во Општина Гази Баба, извести градоначалникот Орце Ѓорѓиевски преку социјалните мрежи.
„Овластените инспектори на Град Скопје веднаш излегоа на терен и направија детален увид во состојбата. На лице место беше затекната алармантна ситуација, од средишната шахта на булеварот беше забележано масивно истекување на хемиска пена на јавна површина, потекната од правен субјект што стопанисува во непосредна близина.
Станува збор за сериозно нарушување на законските прописи и директно загрозување на животната средина.
Надлежните институции веднаш постапија. Земени се проби од шахтата, од површината на булеварот, како и од пеноматот во сопственост на правното лице.
Врз основа на утврдената состојба и собраните докази, кон правното лице ќе бидат преземени најстроги санкциски мерки. Никакво отстапување нема да биде дозволено, секој што го нарушува законот, ја загадува околината и го загрозува здравјето на граѓаните, ќе се соочи со целосната сила на институциите“, додаде градоначалникот.
Македонија
Без струја денеска делови од Шуто Оризари, Сарај и Кисела Вода
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
· во периодот од 08.30 до 10.30 часот дел од корисниците од ул. Брсјачка Буна, Демирхисарска и Пелагонија (општина Шуто Оризари)
· во периодот од 09.00 до 10.00 часот корисниците во с,Кондово кај пумпата за водовод (општина Сарај)
· во периодот од 10.00 до 13.00 часот дел од корисниците од ул.Михаил и Ефтихиј и ул.Георги Димитров (општина Кисела Вода)
Македонија
Претежно облачно со повремени локални врнежи од дожд
Претежно облачно со повремени локални врнежи од дожд, особено претпладне во југозападните и јужните делови (над 25 l/m² за 24 часа). Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 7 до 11, а максималната ќе достигне од 12 до 17 степени.
Во Скопје, претежно облачно со повремени врнежи од дожд со послаб интензитет. Ќе дува умерен југоисточен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 9, а максималната ќе достигне до 14 степени.
Времето во наредните денови
Под влијание на циклонска активност ќе продолжи периодот на променливо облачно време со повремени локални врнежи од дожд. Денеска во попладневните часови и во четврток врнежите ќе бидат со послаб интензитет. Во петок и во деновите од викендот повторно се очекуваат пообилни врнежи од дожд (над 30 l/m² за 24 часа), локално во форма на невреме со засилен ветер и услови за појава на грмежи. Од недела утринските и дневните температури значително ќе опаднат.

