Македонија
Екосвест: Изградбата на ски-центри на Јабланица е во спротивност со заштитата на природата
По изјавата на директорот на Агенцијата за странски инвестиции, Дејан Павлески, за планираната изградба на луксузни ски-центри на Јабланица, Светската организација за заштита на природата – WWF и „Екосвест“ реагираат дека овие планови се во спротивност со заштитата на природата и со меѓународните стандарди.
Од „Екосвест“ наведуваат дека само пред две години, Споменикот на природа „Вечански извори“, кој се протега на 1.370 хектари на планината Јабланица, го доби својот План за управување кој овозможува активна заштита, како резултат на напорите на Општина Вевчани и „Екосвест“.
„Важноста на ова подрачје ја потврди и одлуката на Владата да ја прогласи планината Јабланица за национален парк. Потсетуваме дека во Планот за управување, пределот над Вевчани не е предвиден за изградба на ски центри и хотелски комплекси, а генерално, изградба на инфраструктура за масовен туризам не е дозволена“, велат од Еко – свест.
Од таму наведуваат дека согласно Планот за управување, во подрачјето над Вевчани, нема место за ски центри и хотелски комплекси.
„Една од препораките во последниот експертски извештај од Бернската конвенција за нашата земја е дека е потребно усогласување на просторните и секторските планови, особено за туризмот и урбаните населби со цел да се спречи понатамошна урбанизација и деградација во националните паркови и заштитените подрачја. Воедно, извештајот вели дека е потребно да се поттикнат одржливи, еколошки форми на туризам, кои се засноваат на стандардите на IUCN за туризмот во заштитените подрачја. Не смееме постојано да си дозволуваме непочитување на меѓународната заедница и ратификуваните конвенции и да одиме спротивно на овие препораки. Сите наши институции имаат еднаква одговорност да ги почитуваат овие препораки, а ваквите изјави се показател на некоординираност и неинформираност во системот“, изјави Ана Чоловиќ-Лешоска, координаторка за политики за WWF Adria во Македонија.
„Според извештајот за проекции на климатските промени и за промени во екстремните климатски настани во Македонија, земјата ќе се соочи со потопла и посушна клима. Ова значи зачестени и продолжени сушни периоди во земјава, како и значително поместување/ скратување на есенската и зимска сезона. Многу држави во светот кои имаат развиени скијачки центри во изминативе три години претрпеа огромни финансиски загуби токму поради покачување на температурите и недостиг на снег. Изградбата на нови ски-центри во земјава ќе биде скапа и финансиски неисплатлива инвестиција“- вели Елена Николовска, програмски координатор за клима во „Екосвест“.
Дополнително, велат од „Екосвест“, секоја инвестиција за масовен туризам за жал не носи придобивки на локално ниво и за локалното население, иако така честопати се претставува од страна на властите и инвеститорите. Ваквите проекти, додаваат од таму, носат приходи за големите компании кои профитираат на сметка на уништување на природата и локалните ресурси.
WWF и „Екосвест“ ја упатуваат својата реакција јавно и до Агенцијата за странски ивестиции и бараат ревизија на предложените проекти кои се однесуваат на ски-центри во идни национални паркови и заштитени подрачја. Бараат да се направат алтернативни планови за одржлив туризам за што стојат на располање на надлежните институции.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Намалена видливост поради магла на Плетвар и Пресека
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено по влажни коловози. Слаб снег провејува на планинскиот премин Стража кој во мометот не се здржува на коловозот. Намалена видливост поради појава на магла до 50 метри има на Плетвар и Пресека, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Делови од Бутел, Ѓорче Петров и Аеродром денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека поради зафати во електродистрибутивната мрежа, денеска без електрична енергија ќе останат:
· од 08:30 до 14:00 часот, корисниците од ул. бр. 2 во с. Љубанци. (Општина Бутел)
· од 08:30 до 15:00 часот, корисниците од ул. бр. 101 во нас. Волково. (Општина Ѓорче Петров)
· од 09:00 до 12:00 часот, корисниците од улиците со бр. 1 и бр. 9 во с. Долно Лисиче. (Општина Аеродром)
Македонија
Променливо облачно со сончеви периоди, кон крајот на денот локални врнежи од дожд
Променливо облачно со сончеви периоди. Кон крајот на денот и во текот на ноќта ќе има локални врнежи од дожд, а на планините и на повисоките места претежно во западните и северните делови од снег. Ќе дува слаб до умерен северозападен, а наместа во западните делови повремено засилен западен ветер. Минималната температура ќе биде во интервал од 1 до 5, а максималната ќе достигне од 8 до 14 степени.
Во Скопје, променливо облачно со сончеви периоди. Кон крајот на денот ќе има повремен дожд. Ќе дува слаб до умерен променлив ветер. Минималната температура ќе се спушти до 3, а максималната ќе достигне до 11 степени.
Времето во наредните денови
Во вторник ќе има заладување со нови пообилни врнежи кои на планините и на повисоките места ќе бидат од снег. На планините ќе се зголеми висината на снежната покривка, а нова се очекува да се формира и во некои од повисоките места. Потоа во следните два дена ќе се задржи претежно стабилно време, а во петок повторно ќе има врнежи од дожд и снег.

