Македонија
(Видео) Димитров: Преку „Отворен Балкан“ да ѝ покажеме на ЕУ дека сме регион што носи решенија, а не проблеми
Работниот состанок за „Отворен Балкан“, што се одржува вчера и денес во Белград, беше заокружен со трилатерална средба Димитров – Вучиќ – Рама, по што следуваше прес-конференција, на која беа презентирани конкретно договорените чекори за натамошно реализирање на иницијативата.
Вицепремиерот Димитров нагласи дека регионалната соработка не е алтернатива на европската интеграција, туку, напротив, оваа иницијатива е оригинален придонес од земјите од регионот во функција на европската иднина, a Северна Македонија останува цврсто посветена на својата стратешка цел.
„Регионалната соработка е мудар избор, регионалната соработка е правилен избор и регионалната соработка е европски избор. Единствената одржлива и долгорочна визија за стабилен, победнички Балкан, е онаа каде што границите се помалку важни, па дури и до степен да станат неважни и затоа поттикнувањето на регионалната соработка преку инцијативата ‘Отворен Балкан’ е голем чекор кон остварување на оваа визија. Значењето што Владата ѝ го придава на регионалната соработка и на оваа иницијатива мислам дека е потенцирано со фактот што сум јас тука денес во Белград во услови кога на македонската политичка сцена имаме една прилично комплексна ситуација, но оваа кауза е преважна и го немаме луксузот да не бидеме тука присутни и на оваа сесија од оваа иницијатива меѓу трите држави“.
Димитров се осврна на конкретните заклучоци од одржаниот работен состанок, односно од лидерските средби и средбите со претставниците на компаниите:
„Од аспект на граѓаните на трите држави, па и на целиот регион на Балканот, голем плус е ако ги елиминираме трговските бариери и овозможиме регионот да стане многу поатрактивен за странските инвестиции. Од перспектива на земјите членки на Европската Унија, колку повеќе успешно соработуваме ние тука, толку повеќе ќе ги убедиме дека сме регион што не може да носи проблеми, туку ќе носи решенија. Ние покажавме дека имаме политичка волја, мислам дека има сосема очигледни услови таа политичка волја да се претвори во легислатива таму каде што е тоа потребно или меѓународни договори. Тоа што недостига што на овој состанок го адресиравме е да ја зајакнеме имплементацијата. Нашата заложба е на следната средба кон крајот на годината во Тирана да бидеме во можност да објавиме неколку заеднички победи, вклучувајќи и решение за спроведување, и колку повеќе ќе испорачаме заеднички победи, толку поатрактивна ќе стане иницијативата и за другите земји од нашиот регион“.
Димитров истакна дека регионалната соработка има поголеми шанси за успех ако е навистина регионална во инклузивна смисла: „Мислам дека е многу важно да остане иницијативата отворена за сите и мислам дека колку поконкретно и одлучно чекориме напред, толку ќе бидеме попривлечни и за другите земји и ќе паднат резервите“.
Во рамките на работниот состанок, во соработка со Атлантскиот совет беше организирана и панел-дискусија на тема „Дигиталната трансформација како подадена рака за регионална интеграција“, при што беше истакната важноста на дигитализацијата за унапредување на регионалната соработка преку платформата „Отворен Балкан“.
Следниот работен состанок на иницијативата „Отворен Балкан“ е планирано да се одржи кон крајот на годината во Тирана и на тој состанок ќе биде направен преглед на остварувањето на обврските преземени на средбите во Белград овие два дена.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Законот за високо образование нема да биде повлечен, јавнaта расправа продолжува
Министерката за образование и наука Весна Јаневска на пленарна седница изјави дека нема да го повлече нацрт-законот за високо образование.
Таа посочи дека во моментов се одржуваат јавни расправи на сите универзитети и дека нацрт-текстот е објавен на Единствениот национален електронски регистар на прописи (ЕНЕР), каде што сите засегнати страни можат да достават коментари.
На прашање од пратеничката од СДСМ, Бисера Костадиновска-Стојчевска, која изнесе забелешки, Јаневска одговори дека законот е „за добробит на сите“ и дека реакциите не можат да се генерализираат.
Според министерката, предлог-законот е усогласен со европски и светски стандарди и предвидува подобрување на студентските права, двегодишен мандат за универзитетските тела, можности за ангажман на демонстратори и вработување на студенти на проекти, како и поддршка за најдобрите студенти.
Јаневска нагласи дека членот 13 се однесува на заштита на автономијата на универзитетите и дека во изработката на текстот учествувале над 60 професори.
Македонија
Гаши во Стејт департментот: Верската хармонија во земјава како модел за општеството
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, оствари средба со Мајкл Дозлер, раководител на Одделот за европски и евроазиски прашања во Канцеларијата за меѓународни верски слободи, како и со други претставници во Стејт департментот на САД.
За време на средбата, претседателот Гаши нагласи дека нашата земја ужива верска хармонија, која треба да служи како модел за унапредување на другите општествени односи. Беше дискутирано за важноста на толеранцијата и негувањето на верските вредности, а воедно и зачувувањето на секуларниот карактер на државата.
Дозлер изрази благодарност за моделот на хармонија што постои во земјата и нагласи понатамошна поддршка за иницијативите што промовираат мир и соработка.
Меѓу другото, беа дискутирани и искуствата и средбите одржани за време на последната посета на претседателот во Вашингтон (февруари 2026 година), каде што Гаши изрази благодарност за меѓудржавната соработка и партнерство.
Македонија
Гоце Наумовски стана нов уставен судија
Собранието со 63 гласа „за“, седум „против“ и без воздржани го избра професорот Гоце Наумовски за нов уставен судија, по што тој даде свечена изјава дека функцијата ќе ја извршува совесно, одговорно и во согласност со Уставот и законите.
Наумовски е редовен професор по римско право на Правниот факултет „Јустинијан Први“ при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ – Скопје.
Доаѓа на местото на судијката Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, која во декември поднесе оставка од функцијата судија на Уставниот суд, поради здравствени и лични причини.

