Македонија
Северна Македонија е „одличен пример“ за неуспехот на ЕУ да ги исполни ветувањата, велат учесниците на „Отворен Балкан“
Владата во Северна Македонија направи многу за да ги исполни условите на Брисел, само за да се најде изолирана и оставена да се справува со последиците од одлуките на ЕУ. Ослабената перспектива за европска интеграција се заканува да нè остави подезинтегрирани од кога било. Ова чувство е споделено во регионот. Ова се наведува во Заедничката изјава на учесниците на денешниот состанок на Иницијативата Отворен Балкан.
Во продолжение, изјавата ја пренесуваме во целост:
„ЕУ и нејзините земји-членки, заедно со партнерите од регионот ја потврдија својата недвосмислена поддршка за европската перспектива на Западен Балкан на Самитот во Брдо на 6 октомври.
Западен Балкан ја повтори својата посветеност и посветеноста на регионот на европските вредности и демократски норми, на приматот на демократијата, темелните права и владеењето на правото. Сепак, бојазливиот капацитет на ЕУ да интегрира нови членки, внатрешните дебати меѓу земјите членки на ЕУ и билатералните односи го попречија вистинскиот напредок на регионот кон ЕУ.
На хартија, политиката на проширување останува активна. Во пракса, сепак, постои растечко разочарување кај граѓаните од регионот од перспективата за ЕУ. Покрај тоа, регионот скапо го плати доцнењето на перспективата за ЕУ.
Северна Македонија е „одличен пример“ за неуспехот на ЕУ да ги исполни своите ветувања.
Нејзината влада направи многу за да ги исполни условите на Брисел, само за да се најде изолирана и оставена да се справува со последиците од одлуките на ЕУ. Ослабената перспектива за европска интеграција се заканува да нè остави подезинтегрирани од било кога. Ова чувство е споделено во регионот.
Додека ЕУ развива нови и далекусежни стратегии, регионот очајно се обидува да ги спроведе постоечките. Иако сметаме дека нашиот пат кон ЕУ е исфрлен од колосек, сепак остануваме посветени да ги достигнеме стандардите на ЕУ, но и да го премостиме економскиот јаз.
Не можеме да си дозволиме оваа негативна спирала да го загрози самиот темел на иднината и просперитетот на регионот. Унијата оди напред додека регионот е заглавен во сопствените дилеми за ЕУ.
Европската Унија треба и мора да ги истражи сите патишта за напредна интеграција на Западен Балкан во периодот пред пристапувањето, заедно со нејзините заложби за постепено пристапување како што е дефинирано во новата методологија.
Според тоа, би било корисно да се вклучи регионот во развојот на трговските и даночните политики на ЕУ, како што е механизмот за прилагодување на границите на емисии на јаглерод диоксид и привремените заштитни мерки за ограничување на увоз на челик, како некој од примерите.
Исто така, би можеле да ја истражиме можноста Западен Балкан да биде изземен од различни мерки на трговската политика ерга омнес.
Нашите универзитети треба да бидат вклучени во областа на високото образование и истражување на ЕУ, обезбедувајќи на тој начин еднакви шанси за учество во приспособените програми, истражувања и иновации на ЕУ. Во исто време, нашето земјоделство има потреба од средства, и располага со огромен потенцијал да се прошири и да испорача висококвалитетни производи на пазарот на ЕУ.
Ова би можело да спречи негативно влијание врз стабилизацијата и економските перформанси на регионот. Ние веруваме дека е во сопствен интерес на ЕУ да помогне во изградбата и промовирањето на сигурен и просперитетен регион. Понатаму, заедно би можеле да го истражиме учеството во шенген и прогресивната интеграција во единствениот пазар на ЕУ.
Денешниот свет брзо се менува. Време е да се дејствува и тоа решително! Не можеме да си дозволиме, ниту ќе ни биде простено за изгубените можности, попустливоста и немањето одлучност за остварување на стратешката визија.
Мораме подобро да се разбереме ако сакаме да постигнеме најдобри резултати. Ако некој мисли дека треба да дејствуваме сега, тоа беше веќе вчера!
За таа цел, денеска ја повторивме нашата одлука за продлабочување на економската соработка во рамките на Иницијативата Отворен Балкан, надградувајќи ја агендата на Берлинскиот процес, фокусирајќи се на брза и приспособена имплементација.
Ги ангажиравме стопанските комори во овој напор и им дадовме задача да подготват детален патоказ за имплементација на Меморандумот за разбирање за олеснување на увозот и извозот во Западен Балкан, потпишан во Скопје на 29 јули.
Денеска го одобривме Патоказот за спроведување на мерките за олеснување на трговијата и побаравме од ЦИФ да го следи процесот на имплементација понатаму. Решивме и да создадеме Меѓуресорски министерски совет кој тесно ќе соработува со Коморите за спроведување на овие мерки.
Западен Балкан е подготвен да се движи со забрзано темпо. Треба да одиме напред. Така треба да се движи и Европската Унија – кон Западен Балкан. Да се биде во празен од не е опција.
Ги покануваме сите други држави во регионот да ни се придружат и да им посакаме добредојде. Отворен Балкан е отворен“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Полицаец кој го обезбедува Собранието возел без да има положено, одземено му е возилото
Полицаец, вработен во Одделението за обезбедување на Собрание, возел без да има положено. Против него е поднесена кривична пријава и одземено му е возилото.
„Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при Министерството за внатрешни работи до Основното јавно обвинителство Скопје поднесе кривична пријава против А.Б., поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „безобѕирно управување со моторно возило“ по член 297-а од Кривичниот законик. Пријавениот А.Б., полициски службеник во Одделението за обезбедување на Собрание на РСМ, Сектор за обезбедување на објекти од државен интерес при Оддел за заштита на определени личности и објекти, на 12.02.2026 на ул.„11 Октомври“ во Скопје управувал негово лично патничко моторно возило „бмв“ без положен возачки испит, односно без возачка дозвола, а по наредба на јавен обвинител возилото е одземено“, соопшти МВР.
Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди против А.Б. поднесе предлог за поведување на постапка за утврдување на дисциплинска одговорност.
Пред една недела, уште еден полицаец беше фатен без возачка дозвола.
Македонија
Герасимовски: Инспекторите се на терен, санкции за сите што немаат одобрение за урбана опрема
Општина Центар ги повикува сите правни субјекти и сопственици на угостителски објекти навремено да ја проверат и подготват целокупната документација за поставената урбана опрема на јавните површини.
Инспекциската служба на Општина Центар, спроведува интензивни теренски контроли за утврдување дали терасите, настрешниците, шанковите, перголите, параваните, застаклените конструкции и другата урбана опрема се поставени со важечко одобрение и согласно издадената документација.
За секоја утврдена неправилност, инспекторите согласно законските надлежности, ќе реагираат со поведување прекршочни постапки и изрекување соодветни санкции.
Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, во повеќе наврати порача дека нема да има толеранција за бесправно узурпирање на јавниот простор.
„Нашите инспекциски служби се на терен. Соодветни казни ќе има за сите што немаат одобрение за поставување урбана опрема“, рече Герасимовски.
Македонија
Цвеќе во помен на Борис Трајковски – 22 години од авионската несреќа
Делегација предводена од претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, членови на политички партии, семејството денес оддадоа почит во помен на трагично загубените животи во авионската несреќа пред 22 година, кога загина тогашниот македонски претседател, Борис Трајковски.


„Борис Трајковски останува запаметен како претседател во време на тешки државни предизвици, човек кој со смиреност и одговорност ја водеше Македонија низ период на сериозни искушенија. Неговото делување беше насочено кон зачувување на мирот, стабилноста и меѓународниот углед на државата. Неговата политика на дијалог и единство претставува потсетник дека државничката зрелост, храброста и чувството за одговорност се темел на секоја стабилна и суверена држава. Денес, повеќе од две децении подоцна, останува обврската да се чува државата, да се гради единство и да се продолжи патот на стабилност и напредок“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Цвеќе положи и скопскиот градоначалник, Орце Ѓорѓиевски.


„Пред 22 години, на овој ден, Македонија ја почувствува една од најтешките загуби во својата понова историја. Трагичната вест за падот на авионот со кој кон Мостар патуваше претседателот Борис Трајковски ја зави државата во тага. Заедно со него, животот го загубија и осуммина членови на делегацијата, луѓе посветени на службата кон татковината. Борис Трајковски беше повеќе од државник. Тој беше симбол на смиреност во тешки времиња, глас на разумот и човек што искрено веруваше во силата на единството. Со достоинство ја носеше функцијата претседател, но уште поголемо достоинство носеше во својата човечност. Веруваше во Македонија. Во нејзината иднина, во нејзините луѓе, во можноста да бидеме подобри и посилни заедно. Неговата визија за стабилна, демократска и европска држава останува патоказ и денес. Со почит и благодарност се сеќаваме на неговото дело и на неговата жртва“, порача Ѓоргиевски.
И партиска делегација на СДСМ, заменик претседателката Фани Каранфилова Пановска, членовите на Извршниот одбор, Рената Младеновска и Александар Наумоски, денеска оддадоа почит во Алејата на великаните во Скопје.

„Трајковски беше проевропски претседател, државник кој посветено работеше за мир, соживот, за напредок и европска перспектива на нашата држава. Неговата политика беше политика на дијалог, на приближување, на отворање перспективи дома и надвор. Веруваше дека Македонија може и мора да биде дел од европското семејство, но пред сè стабилна и обединета држава во која различностите се богатство, а не поделба. Политиките на претседателот Борис Трајковски нè потсетуваат дека храброста, мудроста и одговорноста кон граѓаните се пример за лидерството“, велат од СДСМ.


Авионската несреќа се случи на 26 февруари 2004 година кај Мостар. Во несреќата загинаа и Димка Илкова – Бошковиќ, Ристо Блажевски и Анита Лозановска – советници во Кабинетот на претседателот, Миле Крстевски, вработен во МНР, Борис Велинов, Аце Велиновски – обезбедување, Марко Марковски и Бранко Ивановски – пилоти на авионот.
Последниот извештај за авионската несреќа од меѓународниот истражен тим покажа дека причините за падот на „кингерот“ се седум системски грешки на пилотите. Авионот се спуштил под минимално дозволена висина, временските услови биле неповолни, а пилотите не ја почитувале стандардната процедура, да слетаат на друг аеродром. Тие решиле да продолжат со слетување. Беше посочено и дека авионот не бил одржуван соодветно.

