Македонија
Досегашниот претседател на скопскиот Кривичен суд избран за вршител на должност

Досегашниот претседател на скопскиот Основениот кривичен суд, Иван Џолев, со одлука на Судскиот совет денеска е определен за вршител на должност претседател на Кривичниот суд Скопје.
Судијата Џолев, како што изјави портпаролот на Судскиот совет, Љубиша Арсиќ, е определен на оваа должност заради континуитетот во работата и затоа што судот под негово водство спаѓа во листата ажурни судови.
Арсиќ истакна и дека во блиска иднина ќе биде објавен оглас за избор на претседател на Основниот кривичен суд – Скопје, како и на други три основни судови – Тетово, Куманово и Ресен.
Тој воедно нагласи дека во случајот со определување в.д. претседател на Основниот кривичен суд, Судскиот совет постапил според членот 89 од Законот за судовите.
„Во случај на разрешување или престанок на мандатот на претседател на суд, до избор на нов претседател, Судскиот совет на Република Северна Македонија од редот на судиите во судот определува вршител на должноста претседател на судот, кој во последната година е оценет со највисока позитивна оцена и во однос на другите судии има добиено најголем број бодови“, рече Арсиќ и посочи дека Судскиот совет не избрал претседател, туку определил, во согласност со законот, вршител на должноста претседател на Основниот кривичен суд.
Од Судскиот совет додадаваат дека според законските одредби, оглас за избор на претседател на суд се распишува 60 дена пред истекот на мандатот, но овие 60 дена се погодиле во кампањата за локалните избори.
„Локалните избори беа закажани на почетокот на август, а имајќи ја предвид препорката на антикорупциската комисија, дека Судскиот совет не смее да избира и разрешува судии за време на изборна кампања, едноставно не можеше да се распише оглас за избор на претседател“, рече Арсиќ истакнувајќи дека за определување в.д. претседател на судот не е потребно распишување оглас.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Наскоро зонско паркирање во Автокоманда

Во скопската населба Автокоманда наскоро ќе биде воведено зонско паркирање, најави кандидатот за градоначалник на Општина Гази Баба, Бобан Стефковски.
„ Со особено задоволство ги информирам жителите на Автокоманда дека е донесено Решение за утврдување на режим на сообраќај во Автокоманда. Со ова официјално се одобрува воведувањето на зонско паркирање – решение кое жителите на Автокоманда го очекуваат повеќе од една деценија“, рече Стефковски.
Тој додава дека во моментов интензивно се работи на изработка на проектот за обележување на улиците и поставување на потребната сигнализација, а активностите на терен ќе започнат во најкус можен рок.
Стефковски најави дека секое домаќинство ќе добие две бесплатни картички за паркирање.
Македонија
Уапсена сопругата на докторот кој беше застрелан во Куманово, била вмешана во обидот за неговото убиство

Полицијата ја уапси сопругата на докторот кој беше застрелан вчера во Куманово. Тој со повреди беше пренесен во болница, но се наоѓа во стабилна состојба. Според информациите на МВР, сопругата е осомничена дека е вмешана во обидот за неговото убиство.
„Вчера полициски службеници од СВР Куманово ја лишија од слобода А.А. (43) од Тетово, поради основи на сомнение дека е поврзана со обидот за убиство на нејзиниот сопруг З.Ш. (43) од село Слупчане, липковско“, велат од МВР.
Исто така, во врска со настанот на службен разговор во СВР Куманово се повикани шест лица, а во домот на Б.С. (50) од Куманово по судска наредба, е извршен претрес.
По целосно документирање на случајот, против сопругата ќе следува соодветна пријава, додека против Љ.Ф. (36) од Гостивар, кој се сомничи за обид за убиство и се уште е во бегство, по консултација со Основното јавно обвинителство, исто така ќе биде поднесена кривична пријава.
Од Министерството за здравство вчера соопштија дека во вооружениот напад во Куманово е повреден докторот Зекирија Шаини. Од таму известија дека повредите не се животно-загрозувачки и дека докторот е во стабилна состојба и се опоравува.
Од ДУИ, пак, информираа дека станува збор за нивен кандидат и носител на листата во Општина Липково.
Македонија
Евакуации во објектите околу плоштадот „ВМРО“ поради куфер оставен на плочникот, полицијата утврди дека е празен

Обезбедувањето на Јавното претпријатие за државни патишта пријавило во полиција дека две лица денес оставиле куфер на плочникот пред нивниот објект сместен на плоштадот „ВМРО“ веднаш до седиштето на владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ. Полицијата веднаш излегла на терен, почнала евакуација на вработените од објектите околу плоштадот, а проверките покажале дека куферот е празен.
„Денеска (08.10.2025) во 12.55 часот лице од обезбедувањето на ЈП ‘Државни патишта’ пријавило дека на видеонадзор пред канцелариите на ЈП ‘Државни патишта’ на плоштадот ‘ВМРО’ во Скопје биле забележани две лица како го разгледуваат местото, а едно од лицата оставило куфер. Веднаш по добиената пријава, преземени се соодветни мерки и активности, извршени се потребните проверки и утврдено е дека куферот е празен“, соопшти МВР.