Македонија
Владата прогласи едномесечна кризна состојба во енергетскиот сектор
Владата на денешната седница донесе одлука за прогласување кризна состојба во енергетскиот сектор во траење од 30 дена на барање на Комисијата за следење на состојбите со снабдување со електрична енергија, формирана од Министерството за економија.
Единствена мерка што произлегува од оваа одлука, објасни министерот Крешник Бектеши, е да се вшприцаат финансиски средства во енергетските компании со цел да се стабилизира состојбата на пазарот на струја.
Тој наласи дека рестриктивни мерки не се предвидени.
„Нашата најголема заложба е да се заштитат граѓаните од ценовни шокови, а за компаниите да се обезбеди најповолната цена на електричната енергија“, изјави Бектеши.
Министерот за економија рече дека засега не гледа конкретна одговорност за енергетската криза во директорот на ЕСМ, Васко Ковачевски, ниту кај директорот на РЕК „Битола“.
Тој напомена дека Владата го задолжила Управниот одбор на ЕСМ да испита какви мерки се преземени од страна на ЕСМ за решавање на енергетската криза и дали се работело според плановите, а за одговорност рече дека би се барала кога тој извештај ќе биде доставен до Владата.
„Мое лично мислење е дека има одговорност, но најпрвин да се справиме со енергетската одговорност, а потоа ќе реагираме за личната одговорност“, изјави Бектеши.
Како што информира министерот, одлуката за кризна состојба е донесена врз основа на процената на Комисијата дека постои ризик од настанување кризна состојба поради недостиг на електрична енергија и состојбата на пазарот на електрична енергија врз основа на извештајот изготвен од МЕПСО за процената на стабилноста на македонскиот електроенергетски систем за последниот квартал од оваа година.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Кацарска: Судот ја покажува хуманата страна, над 30 вработени денес даруваат крв по повод 60 години Уставен суд
Со дарување крв вработените во Уставниот суд слават 60 години постоење на судската установа. Претседателката на Уставниот суд Добрила Кацарска вели дека крводарителската акција е само една од акциите кои ќе ги спроведат за одбележувањето на јубилејот.
„Уставниот суд на Република Северна Македонија оваа година слави значаен јубилеј. Тоа е 60 години од постоење на судот. Веќе беше најавено дека во текот на целата година во Судот ќе се преземаат најразлични активности токму заради одбележување на овој значаен јубилеј. Самите вработени дадоа идеја една од акциите кои ќе се спроведуваат во Судот да биде и крводарителската акција, што значи Судот ја покажува и онаа хумана страна. Повеќе од половина од вработените се пријавија за давање крв, што значи од вкупно 60 вработени повеќе од 30 денес се согласни да дадат крв“, рече претседателката Кацарска.
Крводарителската акција е под мотото „Биди хуман спаси живот“, а ја реализира Црвениот крст на Македонија.
Македонија
Арсовска во увид на изградбата на подземната инфраструктура на новиот булевар Хрватска
Град Скопје продолжува со реализација на првата фаза на големиот проект за изградба на подземната инфраструктура на новиот булевар Хрватска, која опфаќа и нова водоводна мрежа која произлегува од градската програма за работа.
Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, заедно со екипи од ЈП Водовод и канализација Скопје и Секторот за планирање и уредување при Град Скопје, денес извршија увид во реализацијата на овој капитален инфраструктурен проект.
Во оваа фаза од изградбата на водоводната мрежа која се движи на трасата по новопроектираниот булевар Хрватска и заради формирање на прстенеста циркулациона мрежа и создавање на подобри хидраулички услови во градската водоводна мрежа предвидено е поврзување на двата магистрални доводи на вода Рашче со профил од Ф1600 и постоечкиот цевковод со профил од Ф700 на булевар Александар Mакедонски.
Со почеток на реализација на предвидениот магистрален цевковод со профил од Ф700 милиметри, по новопредвиден булевар Хрватска во првата фаза, започнати се градежните активности на поврзување на булевар Александар Македонски кај Естекада. Вкупната предвидена должина на магистралниот цевковод по булеварот Хрватска изнесува 2,8 километри. Реализацијата на овој дел од водоводната мрежа е предуслов за подобрување на водоснабдувањето на целата територија на општина Гази Баба.
Македонија
„Биди хуман- спаси живот”: крводарителска акција во Уставниот суд денеска по повод 60 години oд постоењето
Уставниот суд денеска организира крводарителска акција под мотото „Биди хуман- спаси живот” која ќе се одржи во периодот од 9 до 14 часот во просториите на Судот.
Акцијата за дарување на крв се реализира во соработка со Црвен крст на Република Северна Македонија, на иницијатива на Уставниот суд, по повод 60 години од своето постоење.
Организирањето на оваа хумана активност е иницијатива на вработените од Судот и досега се пријавени над 30 дарители од Уставниот суд, меѓу кои и судии и советници од стручната служба.
Преку оваа крводарителска акција Уставниот суд изразува солидарност и хуманост и истовремено се придружува на апелите на Црвен крст за подигнување на свеста за донирањето на крв и мотивирање на поголем број на луѓе за доброволно дарување.