Македонија
(Видео) Јанчева: Со враќањето на ВМРО-ДПМНЕ во Аеродром се вратија и режимските методи

Доцна синоќа на паркингот пред зградата во која живеам оштетен е мојот автомобил, посочи денеска Љубица Јанчева, претседателка на Советот на Град Скопје и претседателка на ОО СДСМ Аеродром.
„Случајот е пријавен во полиција и очекувам брзо откривање на сторителите на овој подмолен напад врз мене и мојот имот. Ова, почитувани, е вистинското лице на ВМРО-ДПМНЕ, партија што не е поместена од режимската матрица на насилство, закани и притисоци“, рече Јанчева додавајќи дека станува збор за истите методи од најцрното време на режимот.
Според неа, ваквите дела истовремено ги покажуваат очајот, немоќта и фрустрациите на ВМРО-ДПМНЕ предводена од Христијан Мицкоски.
„Ваквото насилничко однесување нема да помине. Нема да ме уплашат ниту мене ниту кој било кој е на страната на демократските вредности, на страната на прогресивните сили. Времето на закани, насилство и притисоци врз политички неистомисленици заврши со падот на режимот и тоа време нема да се врати“, порача Јанчева.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Започна пошумувањето на Буковиќ: Обнова на шумата и зачувување на домот на балканскиот рис

Македонското еколошко друштво, во соработка со Јавното претпријатие „Национални шуми“ – Подружница Шар-Гостивар, започна со пошумување на пределот Буковиќ, важен природен екосистем и клучен био коридор за балканскиот рис.
Акцијата за пошумување, како што информираат надлежните е во полн ек.
Со заеднички напори на еколозите и шумарите се садат 21.000 садници од видот бука (Fagus sylvatica), кој според експертската проценка е најсоодветен за ова подрачје. Овој вид не само што е автохтон за пределот, туку и најзастапен – токму по него регионот го носи името Буковиќ. „По скоро две години од отпочнувањето на проектот, после многу истражувања и анализи на терен, конечно успеавме да ги започнеме активностите за обнова на Буковиќ, кој е исклучително важен биокоридор за крупните ѕверови. Горда сум што првпат, заедно со шумарскиот сектор, работиме за иста цел, а тоа е заштита на живеалиште, кое е дом на критично загрозениот балкански рис и придонесуваме кон одржливост на шумските екосистеми. Сакам да изразам огромна благодарност за посветеноста и одличната соработка со ЈП “Национални шуми”, особено на Подружната единица “Шар”- Гостивар, кои го дадоа својот огромен придонес за успешна реализација на активностите, како со својата експертиза, така и со работа на терен“, изјави Сара Крстевска, проектна асистентка во Македонското еколошко друштво.
Со оваа акција не се обновува само шумскиот покров, туку се придонесува и за заштитата на едно од последните природни живеалишта на загрозениот балкански рис. Пределот Буковиќ е дел од важен биолошки коридор, кој овозможува движење и опстанок на оваа ретка дива мачка.
Пошумувањето се спроведува во рамки на проектот „Иницијатива Северни шуми“, што како што е соопштено се реализира заедно со партнерите PPNEA од Албанија и Регионалната канцеларија на IUCN за Источна Европа и Централна Азија, со целосна поддршка од Шведската поштенска фондација.
Македонското еколошко друштво со оваа акција испраќа силна порака: преку обнова на шумите – го обновуваме и животот. Пошумувањето на Буковиќ претставува долгорочна инвестиција во природата, но и во иднината на регионот.
Македонија
Манасиевски: СДС лажеа дека уставните измени се последно барање, сега Бугарија ги демантира

СДС со години ја туркаше тезата дека ако Македонија го смени Уставот и ги внесе Бугарите, нема да има нови барања од Бугарија, тоа сега испука како меур од сапуница и се покажа како најголема лага, обвини Валентин Манасиевски, член на ЦК на ВМРО-ДПМНЕ
„ВМРО-ДПМНЕ предупредуваше на наивноста и лековерноста на СДС, но и нивната криминогена матрица да прифатат се само за ден повеќе власт. За сега 2 години потоа, бугарскиот министер за надворешни работи Георг Георгиев, да упати официјална порака дека уставните измени, не се последно барање, и со тоа да потврди дека СДС ја внесе државата во ќорсокак (цитирам): ‘Многу е важно да се знае дека промената на Уставот и впишувањето на Бугарите како државотворен народ не е единствен услов. Односно, не е добро да се испушта во целиот тој разговор, со евентуална цел’ , искажа бугарскиот министер Георгиев“, рече Манасиевски.
Тој го цитираше и тогашниот премиер Димитар Ковачевски.
„А што зборуваше Димитар Ковачевски, како тогашен премиер и претседател на СДС во август 2023 година (цитирам): ‘Тезата која ја наметнува опозицијата е манипулативна и има двојна цел. Од една страна да ги доведува во заблуда граѓаните, да си поигрува со нивните емоции. Од друга страна да создава алиби за својата неодговорност затоа што немаат аргументи како да ги бранат своите обиди за блокади. Особено сега, кога целата содржина на предложените уставни измени е објавена и достапна, никој нема ниту една забелешка, ниту има нешто против. Прилично јасни се работите, нови условувања за нас не може да има’ , искажа Димитар Ковачевски“, рече Манасиевски.
Според него, сега е повеќе од јасно за секој еден човек во Македонија, дека СДС ниту знаеле што прават, ниту имале план, ден за ден политика, базирана на целта да се остане ден повеќе на власт.
Македонија
(Видео) Апасиев алармира: Под превезот „работно ангажирање” се легализира експлоатацијата

Пратеникот и лидер на Левица, Димитар Апасиев, на јавната расправа на Комисијата за економски прашања, труд и енергетска политика, ги посочи потенцијалните закани и сериозните пропусти содржани во Предлог-законот за работно ангажирање на лица, предложен од пратеници од ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ.
„Законот и покрај сите хвалоспеви има суштински недостатоци кои имаме време како Собрание да ги поправиме. Законот, според мое стручно гледање е антиисториски, затоа што нѐ враќа еден чекор назад и е реакционерен. Е сега, ние измислуваме топла вода, измислуваме „работно ангажирање” или „ангажман”. Значи имате дело-облигација, имате работа или вработување-трудот, трудовоправен однос, и сега ние измислуваме во средината нешто што ни риба ни девојка, односно е работно ангажирање на луѓето” – истакна Апасиев.
„Не се согласувам со колешката дека е наменет за доброто на студентите, затоа што видете го изборот кој ние им го нудиме со овој закон: можат да бидат само келнери, аргати, чистачи и бејбиситери. Аргументот „флексибилност на пазарот на труд” е еуфемизам. Тоа е друго име, покултурно, за кратење работнички права, за нешто што до вчера сте го имале, а од утре ќе го немате. Законот е правен по мерка на пазарот на труд, односно на работодавачите. Каде се работниците? Зошто синдикатот, ако е толку добар Законот, не го поддржува овој Закон?” – праша лидерот на Левица.
„И не се согласувам дека има консензус помеѓу власта и опозицијата. Има договор помеѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ. Левица никогаш не се потпиша како опозициона партија токму поради овие дилеми. Да, постојат скриени работни односи. Но дали е овој начинот за решавање, со лекс специалис, со измислување нешто ново? Зошто не би го решиле правото на сезонска работа или проблематиката на сезонската работа со само една глава во основниот закон за работни односи, каде што и веќе има одредби за сезонска работа? Значи, со тоа што сивата економија ќе ја направиме бела, не е начинот во измислување топла вода во правото, туку во примена на прописите. Од облигација, односот да стане трудово правен и да биде регулиран. Овој закон тоа не го прави” – кажа Апасиев.
„Исто така, имате елементи на противуставност во самиот закон, а тоа е дека не се почитува правото на платен одмор. Трите осмици се придобивка цивилизациска, осум часа да работиш, осум часа да спиеш и осум часа да имаш за културни и забавни активности, хоби и слично. Значи, тука имате враќање на дванаесетчасовно работно време. Тоа е на раб на противуставност. Следно, детски труд – имате малолетници кои ќе ги ангажирате и никаде не е дефинирана нивна заштита. И каков ќе биде спорот кој ќе произлезе од овој однос? Со што ќе го заштитиме односот кој ќе стане спорен? Овдека не е предвидено со каква тужба ќе се штитат работниците при спорови. Дали тоа ќе биде парница обична, каде што важат многу подолги рокови, се чека со години, или ќе биде итна постапка во работен спор. И тоа не е дефинирано” – посочи тој.
„Значи, под превезот на флексибилноста, на сивата економија, на скриените работни односи кои ги решаваме – можеме да отвориме други прашања. Исто така, не се согласувам дека ова нема да доведе до бркање од работа, знаејќи ги лукавштините на нашите газди, еве ви пластичен пример од пракса: имам земјоделски комбинат, ми требаат аргати, ми требаат сезонски работници – зошто јас да ги вработувам сегашните? Ќе ги отпуштам од работа и ќе вработам нови, по овој новиот закон. Наместо неопределено работно време, ќе им плаќам саатнина“ – даде пример Апасиев.
„Идеалот на трудовото право е сите да имаме неопределен работен однос. Ова нѐ враќа еден чекор назад. Ова измислува топла вода во правото, а тоа е работно ангажирање. Не постои такво нешто. Договорот е или трудов или облигационен. Нема средина, а сега ние измислуваме средина. Оттука мислам дека и покрај добрата волја, патот до пеклото е поплочен со добри намери. Законот има многу празнини коишто можат да се злоупотребат во пракса. Ако има добра волја со амандмани, нешто може да се коригира” – упати апел пратеникот.
„Но, не мислам дека само мануелните работи треба да се досредат, бидејќи младите луѓе претежно извршуваат интелектуални работи. Тоа значи IT, фриленсери, диспечерски работи кои не се мануелни. Оттука нивниот проблем повторно нема да биде решен. Така што мислам дека има многу голем простор за подобрување на ова законско решение” – заклучи пратеникот пд Левица, Димитар Апасиев.