Македонија
Арсовска: Да ги надминеме разликите за Скопје повторно да биде град на солидарноста

Да гледаме кон иднината и да ги надминеме разликите за Скопје повторно да биде град на солидарноста и соживотот, истакна градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, во своето обраќање пред Споменикот на ослободителите, а по повод 13 Ноември – Денот на ослободувањето на Скопје.
„Денес ја имаме можноста да живееме во слободен град, но тоа е и аманетот кој ни го оставија оние кои се жртвуваа за да имаме иднина. Да гледаме кон иднината, да ја живееме сегашноста надевајќи се дека ќе можеме да ги надминеме разликите и повторно да го направиме Скопје да биде град на солидарноста и на соживотот. Знам дека скопјани можат да се обединат и знам дека сите ние заедно ќе отпочнеме да реализираме визија за модерно, европско, поубаво Скопје. Не е важно само да го чествуваме овој ден. Важно е и секој еден ден да се сеќаваме на жртвата која борците ја дале, за денес да живееме во слободно Скопје и во слободна Македонија“, рече Арсовска.
Пред Споменикот на ослободителите се обрати и претседателот на градската организација на Сојузот на борците од НОАВМ, Наум Буревски кој порача дека борбата за слободно Скопје им припаѓа на сите граѓани на Македонија.
„Ова е еден од најзначајните празници на Скопје. Денеска се потсетуваме на херојскиот чин на 12-та, 16-та и Третата ударна бригада кои што пред 77 години го ослободија Скопје. Во непосредна близина, кај тогашната Учителска школа, се водеше една од клучните операции за ослободување на нашиот град, каде што животот го положија многу борци“, рече Наум Буревски, претседател на градската организација на Сојузот на борците од НОАВМ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Поради протест, денеска и утре ќе биде блокиран булеварот Илинден

Независниот синдикат при ЈП „Паркови и зеленило“ – Скопје најави протест поради неисполнети обврски кон вработените.
Во соопштението до јавноста, синдикатот информира дека протестот ќе се одржи денеска и утре во период од 09:30 до 11:00 часот, при што ќе биде блокиран просторот кај семафорот на раскрсницата на бул. „Илинденска“ со ул. „Никола Тесла“. Протестот ќе заврши пред дирекцијата на ЈП „Паркови и зеленило“.
Синдикатот наведува дека протестот се организира согласно законските прописи и колективниот договор, со кој се утврдени правата на вработените за плата, регрес, јубилејни награди, новогодишен додаток и отпремнини.
Барањата на синдикатот се: исплата на платата за август за фирмите „Флораком ДООЕЛ“ и „Луна ДООЕЛ“, исплата на К-15, јубилејна награда, новогодишен додаток, отпремнина за работниците со престанат работен однос.
Македонија
Почнува грејната сезона

АД ЕСМ информира дека од денеска, 2 октомври, започнува грејната сезона за потрошувачите приклучени на системот за централно греење во Скопје.
Иако грејната сезона официјално почнува на 15 октомври, регулативата предвидува почеток и порано доколку прогнозата за средна дневна температура е еднаква или пониска од 12˚C. Според Управата за хидрометеоролошки работи, за денеска е најавена средна температура од 10˚C, со што се исполнети условите за производство и испорака на топлинска енергија.
До 15 октомври, на веб-страницата на ЕСМ Снабдување секојдневно ќе се објавува дали има услови за испорака на топлинска енергија за наредниот ден.
Од компанијата апелираат до корисниците да ги завршат потребните поправки на внатрешните грејни инсталации, а заедниците на сопственици да обезбедат пристап до потстаниците, редовно електрично напојување и платени сметки за струја. Завршените интервенции треба да се пријават во Центарот за грижа на потрошувачи.
Сите потрошувачи можат да проверат дали нивниот објект е на списокот на затворени објекти без услови за испорака на топлина на линкот „Затворени објекти – ЕСМ Снабдување“.
Македонија
Облачно и студено со врнежи од дожд, а на планините снег

Времето денеска ќе биде облачно и студено со врнежи од дожд, кои на повеќе места ќе бидат обилни. На планините врнежите од дожд ќе преминат во снег. Ќе дува умерен до засилен ветер од северен правец, информира УХМР.
Минималната температура ќе биде во интервал од 6 до 11, а максималната ќе достигне од 7 до 13 степени.
Во Скопје, облачно и студено со повремени врнежи од дожд, повремено пообилни. Ќе дува умерен до засилен ветер од северен правец. Минималната температура ќе биде 10, а максималната ќе достигне само до 11 степени.
Утре ќе има врнежи од дожд, а на планините и на некои од повисоките места од снег. На планините ќе се формира значителна, а на повисоките места помала снежна покривка. Ќе дува умерен до засилен северен ветер.
Од сабота времето ќе биде стабилно со ниски утрински температури, а дневните ќе бидат во пораст.