Македонија
(Видео) Антовски: Раководството на ЕЛЕМ е неспособно и нестручно за да се грижи за РЕК Битола
Пожарот кој настана поради експлозија на енергетскиот трансформатор на Блок 3 во РЕК Битола е пресликување на начинот како СДСМ ја турка Македонија во бездна од која тешко ќе излеземе, ако ВМРО-ДПМНЕ не ја преземе ситуацијата во своите раце, порача на денешната прес-конференција, Стевче Антовски, член на комисија за енергетика на ВМРО-ДПМНЕ.
„Прецизните информации за причините за пожарот го говорат следното: на сликата јасно се гледа дека стручните служби во РЕК Битола кои вршеле интерна ревизија на трансформаторот, во запис доставен до раководството на РЕК Битола, предочиле дека постои ризик од пробив на високонапонски проводен изолатор. А, токму ова почитувани е причината за пожарот на трансформаторот: пробив на високонапонскиот проводен изолатор на трансформаторот на Блок 3. Оваа причина и актуелното раководство на ЕЛЕМ ја посочи во официјалното соопштение до јавноста.
За да биде несмасноста на раководството поставено од СДСМ во РЕК Битола поголема, тие одобриле овој трансформатор да биде во погон и покрај предочените проблеми. Вакви импровизации во енергетиката се одлика само за време на владеење на СДСМ“, обвини Антовски.
Како што кажа тој, во моментот Блок 3 е надвор од погон, а неговото санирање може да трае и една година.
„За жал, неработењето, криминалот и нестручноста на СДСМ доведоа до уште една катастрофа во македонскиот гигант, РЕК Битола, кој наместо да биде пример за успешно работење, во моментот едвај се држи на нозе. Раководството на ЕЛЕМ е целосно неспособно и нестручно и воопшто не се грижи за правилното одржување на целата постројка“, нагласи претставникот на ВМРО-ДПМНЕ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Електродистрибуција: Со наод на вешто лице и извршено пребарување во деловен објект, утврдена е тешка кражба на електрична енергија од трафостаница
„Тимот за откривање на неовластено користење на електрична енергија побара спроведување на пребарување од МВР и вклучување на вешто лице, поради основи на сомневање за наводна кражба на електрична енергија во деловен објект на улица „Бутелска“ во Скопје“, известуваат од Електродистрибуција.
„Констатирано е: противправно користење на електрична енергија преку неовластено приклучување на три нисконапонски кабли во самата трафостаница во сопственост на Електродистрибуција. Деловен објект, поранешен млин, користен за неовластено снабдување на системи со графички картички за копање биткоини“.
Електродистрибуција информира дека е поднесена пријава за неовластено преземање на електрична енергија до МВР и дека е изготвена Фактура за надомест на штета во износ од 16 милиони денари.
Македонија
Ѓорѓиевски: Скопје ќе добие 100 нови, современи и целосно еколошки градски автобуси
Со одлука на Владата на Република Македонија, Скопје ќе добие 100 нови, современи и целосно еколошки градски автобуси, чекор што ќе го промени секојдневието на илјадници граѓани кои го користат јавниот превоз, извести градоначалникот Орце Ѓорѓиевски преку социјалните мрежи.
„Како што истакна премиерот Христијан Мицкоски, на Град Скопје ќе му бидат доделени 100 автобуси и 50 полначи. Тоа значи безбеден, навремен и достоинствен јавен превоз, но и силен удар во корист на заштита на здравата животна средина и чистиот воздух, наш приоритет што го должиме на нашите деца и идните генерации.
Оваа одлука е дел од стратешкиот договор влада со влада помеѓу нашата и владата на Унгарија, што овозможува набавка по исклучително поволни услови“, напиша градоначалникот.
Македонија
(Видео) „Молкот на власта за скандалот со 5 тони дрога е потврда дека се штитат виновните“, вели Огњеновиќ
„Втор ден по ред власта молчи за картелскиот скандал со заплена на 5 тони дрога од Македонија во соседна Србија. Молкот е потврда дека власта се обидува да го заташка скандалот и да ги заштити виновниците. Како тоа поминале 5 тони дрога преку македонската граница а нема одговорност од никој“, прашува Петар Огњеновиќ, член Извршниот одбор на СДСМ.
„Нели има „сејф сити“ камери, скенери и контроли на граничните премини. И никој ништо не видел, не чул, додека дрога од 5 тони така лесно се пренела?
Без поддршка, заштита и логистика од структури во власта, во МВР, во Царина, криминал од вакви размери не е можен.
Прашање е уште колку вакви пратки дрога редовно поминувале, колку уште тони дрога се пренесени преку македонските граници. И уште колку тони дрога се уште се шверцува.
Овој картелски скандал покажува до каде одат пипците на криминалот и корупцијата на власта.
СДСМ со денови алармира за директна поврзаност на криминални структури во Македонија и Србија, а овој случај е уште една потврда за тоа. Секојдневието на македонските граѓани е како во мафијашки филм.
Криминални тендери, шверц на 5 тони дрога, фотографии на Мицкоски со криминалци, луксузни часовници од 65.000 евра. За картелскиот скандал со 5 тони дрога мора да има одговорност. Обвинителството мора конечно да се разбуди и да отвори истрага.
Кој се во Македонија е вмешан во шверцот на дрога? Колку дрога е помината преку границите? Каде завршуваат огромните пари од шверцот на дрога и што се финансира со овие пари? Кој ќе одговара“, праша на прес-конференцијата, Петар Огњеновиќ, член Извршниот одбор на СДСМ.

