Македонија
Северна Македонија од денеска е целосно интегрирана во НАТО
Со потпис на Заедничката декларација од страна на началникот на Генералштабот, генералот Васко Ѓурчиновски и командантот на Командата за трансформација на Алијансата, генералот Филип Лавињ, Северна Македонија формално од денеска ќе биде целосно интегрирана во НАТО.
Министерката за одбрана Радмила Шекеринска на вчерашната Финална интегративна конференција упати честитки до тимот од армиската и одбранбената структура кој со своите НАТО-колеги ги реализираше сите поставени 193 задачи од интегративниот план.
„Ова беше возможно само поради големата активност, големата енергија, труд и резултати на луѓето во нашата армиска, но и во нашата одбранбена структура, коишто заедно со своите НАТО-колеги буквално точка по точка ги реализираа сите 193 задачи кои што беа дел од нашиот интегративен план“, рече министерката.
Додаде дека ова е процес којшто многумина сметаа дека ќе трае подолго време, но дека дури и во услови на пандемија покажавме дека како држава кон своите обврски се однесуваме сериозно и одговорно.
„Скептиците ги демантиравме на најдобар можен начин, со резултати, со многу работа и со на крајот видлив епилог, а тоа е целосна воена интеграција на Северна Македонија во НАТО“, рече Шекеринска.
Задачите кои беа дел од воената интеграција се однесуваа и на закони и на подзаконски акти и на нови доктрини, нова организација, но во исто време и модернизација на структурата и на опремата во Армијата. Министерката истакна дека процесот на развој продолжува – предвидени се 22 проекти, од кои дел се завршени, дел отпочнати, а дел од нив ќе се реализираат до 2028 година.
„Освен инженерските машини кои веќе ги набавивме, освен возилата за пешадија коишто се во процес на набавка и практично ги исплаќаме од 2019 година, тука беа планирани и ново вооружување, кое за лесната пешадија го обезбедивме, нова АБХО опрема која ја обезбедивме, нова балистичка заштита која ја обезбедивме. Процесот продолжува и со обезбедување средства и за артилерија, за противвоздушна опрема и се разбира оној дел што се однесува на нови хеликоптерски единици, опрема којашто планираме да ја набавуваме од 2024 натаму и постојаното вложување во киберодбраната“, информираше министерката.
Заменикот на началникот на Генералштабот, генералот Азим Нуредин, истакна дека во текот на овој период од две и пол години работната група за интеграција реализираше неколку конференции и состаноци и динамиката предвидена на самиот почеток не запре иако во текот на целиот процес предизвик беше светската пандемија.
Полковникот Франческо Пачиљо од НАТО, претседавач на работната група за интеграција, честиташе за целосната воена интеграција на Северна Македонија во НАТО и порача дека сите членови на работата група биле исклучително посветени и дале силен придонес кон оваа важна цел.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Населбата Бел Камен добива нова водоводна мрежа
Населбата Бел Камен добива нова водоводна мрежа, со што се решава долгогодишниот проблем со водоснабдувањето, изјави градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски.
„По даденото ветување за време на изборниот период, денес започнуваат градежните активности за поставување на нова водоводна мрежа во должина од повеќе од 600 метри, во соработка со Општина Бутел и ЈП „Водовод и канализација“, со што ќе се обезбеди сигурно, квалитетно и континуирано снабдување со вода за пиење за домаќинствата во Бел Камен“, вели Ѓорѓиевски.
Според него, овој зафат значи сигурно, квалитетно и континуирано водоснабдување за домаќинствата во Бел Камен, чиста вода за пиење во секој дом.
Ѓорѓиевски најави дека по поставувањето на новата водоводна мрежа, ќе следува и реконструкција на улиците.
Македонија
Цената на дизелот се намалува
Цената на дизелот се намалува за два денари, одлучи Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија (РКЕ)
Од 20.12.2025 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 71,00 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 73,00 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 64,50 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 65,50 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 32,635 (денари/килограм)
Малопродажната цена на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) се намалува за 2,00 денари за литар.
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98, како и на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) и на Мазутот М-1 НС не се менуваат.
„Напоменуваме дека ова се максималните цени на нафтените деривати од 00:01 часот на 20.12.2025 година. Трговците на големо и трговците на мало со нафтени деривати и горива за транспорт можат да ги формираат цените на одделни нафтени деривати и горива за транспорт и пониско од највисоките утврдени цени“, соопшти РКЕ.
Македонија
За побрз пристап до услугите, промовирани е-киоск и е-сандаче; Андоновски вели дека дигиталната трансформација мора да биде достапна за сите
Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, заедно со претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, се обрати на конференцијата за промоција на националната ИКТ-стратегија СМАРТ/МК 2030 нагласувајќи дека дигиталната трансформација се реализира преку конкретни, мерливи решенија, што директно го подобруваат секојдневието на граѓаните.
„Дигиталната трансформација мора да биде достапна за сите, без разлика на дигиталните вештини или пристапот до лична опрема“, истакна Андоновски.
Денеска беа промовирани терминалите за услуги (е-киоск) како практично решение за дигитална инклузија и побрз пристап до услуги. Планот е терминалите да бидат поставени на фреквентни локации во државата и да бидат достапни 24/7, со јасно воден процес и визуелни инструкции, приспособени и за граѓани со пониско ниво на дигитални вештини.
Преку е-киоск граѓаните ќе може да се идентификуваат со лична карта или пасош, да изберат услуга, да извршат плаќање и да го добијат документот веднаш – испечатен на самиот терминал. Терминалите се особено значајни за руралните средини, повозрасните лица, граѓаните без постојан интернет-пристап и за општините со ограничени административни капацитети.
Министерот истакна дека е-сандачето претставува официјален, безбеден и правно валиден канал за комуникација меѓу институциите и граѓаните – централизирано место за прием на службени документи, решенија, известувања и други акти со доказ за прием.
„Важно е да се нагласи: е-сандачето не е обична електронска пошта“, потенцира министерот Андоновски.
Системот овозможува нотификации во реално време, побрза достава без чекање, следење статуси на предмети и поефикасна административна комуникација.
Во завршниот дел министерот нагласи дека со досегашната дигитализација на услуги, документ – менаџмент-систем во голем број институции, интероперабилност, како и со е-сандачето и терминалите за услуги државата води конкретна и мерлива имплементација на дигиталната трансформација, со цел ефикасна, достапна и европска дигитална држава.

