Култура
По 13. пат Фестивал на музика од светот во Битола

Овој викенд Битола ќе биде музички центар на единствениот фестивал во нашата држава, кој ја слави музиката која влегува во категоријата world music, традиционална музика на секој народ на светот која има глобален карактер и припаѓа на светското културно наследство.
Три дена музика, концертни амбиенти и сите фестивалски луѓе заедно и на официјалната програма на големата сцена на Центарот за култура кој е организатор на фестивалот и во ОФФ програмата која ќе се случи во Клубот Јагода, кој е центар на електронската музичка сцена во овој град.
Новото разбирање на културата на звукот за овој музички жанр, зачнато е во почетокот на 80-тите години како компромис помеѓу традиционалните музички култури и современите музички текови. И ова е музичката мисија која ја негува овој фестивал.
Оттука, селекторот Владимир Димовски годинава се одлучи за програма која ќе биде патување од танго, преку џез, до етно звуци од Балканот и македонски шлагери, како и вклучување на електронската музика во неофицијалната програма.
На првиот фестивалски ден ќе настапи LIBERQUATRO TANGO ENSEMBLE од Србија. Состав кој тангото го комбинира со џез.
Балканскиот славеј Билјана Биља Крстиќ в сабота, на втората фестивалска вечер, ќе настапи придружувана од Камерниот оркестар на Битола. Светски познатата српска пејачка има издадено повеќе албуми.
Нејзината музика е ставена на листата на world music, а оттука и нејзиното присуство на овој посебен фестивал.
На последната фестивалска вечер, грст македонски евергрини ќе испеат вокалните солисти Бојан Стојков, Димитар Андоновски, Јасна Димитровска, Зарина Прва Севда, Тамара Стојковска и Нико Ѓоргиевски на концертот на Битолскиот дувачки оркестар.
„Музиката ја има таа моќ да нè прошета низ минатото, сегашноста и иднината, да ни открие цели светови и да нè сокрие во еден подобар универзум.
Нашиот фестивал силно ја прегрнува музиката од светот и го отвора срцето на градот, претворајќи го во лулка на уметноста. Во трите фестивалски денови ќе се слеат различни музички правци, а нашиот фестивал ќе стане пристаниште на домашни и странски уметници кои го говорат универзалниот јазик на музиката.
Радост е да бидеш директор на Фестивал на музика од светот, особено во едно време на предизвици, кое нè потсети на минливоста на животот и бесмртноста на уметноста. Затоа нека живее уметноста која ќе го спаси светот и ќе го обои во боите на надежта“, напиша Маја Андоновска-Илијевски во каталогот кој го издава фестивалот.
Фестивалот последните години има и своја ОФФ програма, годинава локацијата за истата е центарот на електронската музика во тој регион, Клубот Јагода, со гости ДЏ артисти од Грција и домашна локална поддршка. Фестивалот е поддржан од Министерството за култура и Општина Битола.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Доделени наградите на 59. МТФ „Војдан Чернодрински“ – Прилеп

Претставата „12“ во режија на Синиша Евтимов ја доби наградата за уметничко остварување на претставата во целина на 59. МТФ „Војдан Чернодрински“.
Жирито во состав Лилија Абаџиева, претседател и членовите Иван Меденица и Нела Оташевиќ, ја додели наградата со мнозинство гласови, а на истата претстава ја додели и специјалната награда за колективна актерска игра за ансамблот на МНТ.
На прес-конференцијата што се одржа денес во Центарот за култура во Прилеп, уметничкиот директор Ана Стојаноска се заблагодари на жири-комисијата и на сите што го поддржаа фестивалот.
„59. издание на МТФ беше исклучително интересно, возбудливо со многу предизвици. Се заблагодарувам на жири комисијата. Наградата за најдобра претстава од публиката ја доби претставата „Слепци“ и прв пат имавме оценка 5.00 од публиката“, истакна Стојаноска.
Чест ми е што бев воопшто од оваа комисија, ова е многу важно – мојата работа во театарот многу пати со македонската култура, сум правела претстави овде, во едни од најзначајните театри, колку што ги ценам наградите по светот, толку и наградата за режија што сум ја добила во Македонија, рече Абаџиева.
-Ова не го кажувам за да ве запознаам со себе, ама да кажам дека уметноста гради мостови кои политичарите не можат да ги изградат. Овие културни мостови кажуваат дека уметниците немаме предрасуди – рече Абаџиева.
Таа ја пофали играта на актерите на „12“, но пред се, „режисерот Синиша Евтимов кој создава ситуација“.
-Актерско достигнување на секој еден актер од екипата, дава претстава на системот на Станиславски и методот на Ли Стразберг, за автентичното живеење на сцената, би кажала, по учебник. Екипната актерска работа во претставата „12“ ни говори за театарот тука и сега. Тоа се бескрајно талентирани актери со големо партнерство, но се гледа и борба меѓу нив или со јазикот на филмот – тоа е како да имаме еден филмски кадар. Секој актер е дел од таа исклучителна работа, создава атмосфера и чувство на публиката како да сме воајер – рече Абаџиева.
Членот на жирито Иван Меденица посочи дека има чувство дека македонскиот театар е во криза и дека за 60.издание треба да се отвори ова прашање. Нела Оташевиќ ја пофали организацијата на фестивалот, волонтерите и целиот тим.
Ова се награди на 59. МТФ „Војдан Чернодрински“:
1.Награда за рекламен материјал со мнозинство на гласови доделува на Медина Хоџа за рекламниот материјал од претставата „Слепци“ во изведба на НУ Турски театар – Скопје.
2.Награда за кореографија и сценски движења со мнозинство на гласови се доделува на Васил Зафирчев за кореографија и сценски движења во претставата „Рацин“ во изведба на НТ „Јордан Хаџи Константинов – Џинот“ – Велес.
3.Награда за музика „Филип Стевановски“ едногласно се доделува на Сашко Костов за музиката во претставата „Рацин“ во изведба на НТ „Јордан Хаџи Константинов – Џинот“ – Велес.
4.Награда за костимографија едногласно се доделува на Самка Фери за костимите во претставата „Ричард III“ во изведба на НУ Албански театар – Скопје.
5.Награда за сценографија едногласно се доделува на Валентин Светозарев за сценографија во претставата „Рацин“ во изведба на НУ НТ „Јордан Хаџи-Константинов Џинот“, Велес.
6.Награда за современа сценска драматизација и адаптација едногласно се доделува на Јелена Цветановска за драматизација и адаптација на текстот „Црно семе“ во претставата „Црно семе“ во изведба на НУ Народен Театар – Битола.
7.Награда за современ драмски текст со мнозинство на гласови се доделува на Ана Ристоска Трпеноска за текстот „Парови“ во претставата „Парови“ во изведба на НУ Драмски театар – Скопје.
8.Награда за млад актер „Трајко Чоревски“ со мнозинство на гласови се доделува на Атанас Атанасовски за улогата на Оскар Медисон во претставата „Пар-распар“ во изведба на НУ Театар Комедија Скопје.
9.Награда за млада актерка едногласно се доделува на Слаѓана Вујошевиќ за улогата во претставата „Слепци“ во изведба на НУ Турски Театар – Скопје.
10. Награда за женска епизодна улога со мнозинство на гласови се доделува на Маја Љутков за улогата на Гвендолин Пиџн во претставата „Пар распар“ во изведба на НУ НТ Комедија.
11.Награда за машка епизодна улога „Димче Трајковски“ со мнозинство гласови се доделува на Оливер Митковски за улогата на 10 во претставата „12“ во изведба на НУ МНТ Скопје.
12.Награда за главна женска улога едногласно се доделува на Марија Минчева Андонов за улогата на Мајката во претставата „Сите прекрасни нешта“ во изведба на НУЦК „Ацо Шопов“ – Штип.
13.Награда за главна машка улога едногласно се доделува на Мартин Мирчевски за улогата на Доне Совичанов во претставата „Црно семе“ во изведба на НУ Народен театар Битола.
14.Награда за режија со мнозинство гласови се доделува на Ќендрим Ријани за режијата на претставата „Слепци“ во изведба на НУ Турски театар – Скопје.
15.Награда за уметничко остварување на претставата во целина со мнозинство гласови се доделува на ансамблот на НУ МНТ за уметничко остварување во претставата „12“.
– Специјална награда за колективна актерска игра едногласно се доделува на ансамблот на НУ МНТ – Скопје за претставата „12“.
Со врачување на наградите и со изведба на претставата „Вистината 2“ на Театар Комедија вечерва ќе биде спуштена завесата на 59. МТФ „Војдан Чернодрински“.
Култура
Претставата „12“ на МНТ добитник на три награди на МТФ „Војдан Чернодрински“

На овогодинешниот 59. МТФ „Војдан Чернодрински“ претставата „12“ е добитник на три награди. Жири-комисијата, во состав: Лилија Абаџиева – театарска режисерка и педагог, претседателка на жирито; Нела Оташевиќ – продуцентка во Црногорско народно позориште и Иван Меденица – театролог и универзитетски професор, ги додели: наградата за уметничко остварување во целина и специјална награда за колективна игра за претставата „12“, како и наградата за машка епизодна улога „Димче Трајковски“ на Оливер Митковски во истоимената претстава.
Македонскиот народен театар со претставата „12“, по мотиви на Реџиналд Роуз (12 Angry Men), во адаптација и режија на Синиша Евтимов, на 6 јуни го отвори фестивалот и учествуваше во официјалната натпреварувачка програма, во конкуренција со уште осум театарски куќи.
Во претставата настапува извонредна актерска екипа, која ги освои и домашниот и меѓународниот аудиториум: Ѓорѓи Јолевски, Гораст Цветковски, Тони Михајловски, Никола Ристановски, Благој Веселинов, Александар Микиќ, Игор Џамбазов, Јордан Симонов, Нино Леви/Сенко Велинов, Оливер Митковски, Владо Јовановски и Сашко Коцев.
Култура
Награда во Еквадор за „Јон Вардар против галаксијата“

Првиот македонски анимиран долгометражен филм „Јон Вардар против Галаксијата“ ја освои наградата за најдобар долгометражен филм на 9. Филмски фестивал во Портовјехо, Еквадор.
Фестивалот се истакнува по својата програма која промовира иновативни и храбри филмски дела од целиот свет. Ова е четврта фестивалска проекција на филмот во Латинска Америка, по претходните успешни учества во Аргентина и Бразил.
„Чест ми е што Јон Вардар ја продолжува својата галактичка одисеја низ Латинска Америка, тоа е признание не само за нашата екипа, туку и за целата македонска анимација. Топлината и љубопитноста на оваа публика совршено се поклопуваат со бунтовниот и хумористичен дух на филмот“, вели режисерот Гоце Цветановски.
Балканскиот хумор, сатиричниот тон и универзалните теми на филмот ја освојуваат и латиноамериканската публика.
Филмот е во сценарио и режија на Гоце Цветановски, арт директор е Михајло Димитриевски – Тхе Мичо, продуцент е Алан Кастиљо, а главните улоги ги толкуваат Жарко Димоски, Емилија Мицевска и Дамјан Цветановски.